Неправилно функционирање на детските градинки

Фребел прв ги нарекол предучилишните установи „детски градинки“ и тој сметал дека детето во градинката е цвет, а воспитувачот е градинар кој треба да го негува тој цвет.

Детската градинка претставува поволна општествена и материјална средина со најдобри услови, средства, примери и поттици за развој на богати, разновидни и осмислени активности, во кои детето може да се вдлабочи и со нив да се занимава задоволно, без пречки, користејќи ги своите потенцијали за сестран развој на способностите; практично, конструктивно и творечки да дејствува, да си игра, да комуницира и да соработува со своите врсници и со возрасните во установата и надвор од неа. Во градинката детето треба да се чувствува сигурно и прифатено за да може безбедно и релативно самостојно да го истражува светот околу себе стекнувајќи позитивни искуства што ќе се одразуваат низ склоноста и способноста за активно учествување во животот.

Воспитно – образовен процес подразбира композиција од целосообразни, организирани, плански и намерни влијанија врз личноста на детето од аспект на неговата сознајно-интелектуална компонента , социо-емоционална компонента, како и од аспект на стекнување особини и карактерни црти.

Програмата за предучилишно воспитување и образование треба да е осмислена за да го подготви детето за совлaдување на наставните содржини во основно училиште, кои треба да се надоврзуваат на ефектите од воспитно-образовната работа во предучилишните установи. Оваа врска треба да се однесува не само на содржините, туку и на методите на работа, бидејќи квалитетот на знаењето не зависи само од понудената колчина на информации, туку и од начинот на стекнување на знаењата, нивната систематизација, постапност и мотивација на детето. 

Квалитетна воспитно-образовна установа не може да се замисли без квалитетен и одговорен воспитно-образовен и раководен кадар. Само со цврста верба во постојано подобрување на својата работа, спремност за прифаќање ризици и промени, постојано истражување и прифаќање нови методи кои се покажале успешни во практиката, тимска работа, отвореност и излегување во пресрет на потребите на корисниците, отвореност за соработка и отвореност кон поблиската и пошироката заедница може да се дојде до унапредување на воспитно-образовната работа, а со тоа и да се постигнат очекуваните резултати кај децата.

Воспитно-образовниот кадар во предучилишните установи кој работи со децата мора да биде составен од следните особини за да функционира правилно и успешно и постигне позитивни резултати:одговорност-што подразбира постојана обврска на децата да им се создадат најдобри можни услови за нивниот целокупен развој, квалитет- постојан стремеж да се подобруваат условите за учење и развој на децата, иницијативност-особина која заедно со креативноста и желбата за внесување иновации треба да бидат постојани двигатели кон подобрување на воспитно-образовната работа, при што постојат можности за максимално искористување на креативните потенцијали на секој поединец.Главната улога во детските градинки ја има воспитувачот.

Воспитувачот е личност која се грижи за децата за време на нивниот престој во предучилишната установа, ги негува, образува и социјализира. Тој е еден од битните фактори кои влијаат на правилното воспитување на секое дете, учествува во изградување и формирањена децата како најголема вредност и неговата одговорност е многу значајна. Општата и стручна надоградба, неговите способности, духовни и етички вредности, неговиот однос кон работата и децата непосредно влијае на успешниот резултат од воспитанието. Успешна воспитна активност со децата претпоставува разбирање на нивните можности и чувства, љубов, топлина и постојани охрабрувања, создавање такви ситуации во кои децата можат да доживеат радост и успех. 

Тоа значи дека воспитувачот треба да поседува знаења, вештини и способности за реализација на програмата во предучилишните установи. Неговите компетенции е потребно да се усовршуват и да ги пратат современите потреби на децата и на воспитно-образовниот систем. Поради тоа, професионалниот развој е задолжителен и составен дел од програмата за работа на секоја предучилишна установа. Содржините на професионалниот развој ги опфаќаат сите значајни аспекти на програмата и нејзината примена во наставниот процес.Во овој контекст, воспитувачот секогаш треба да им помага и да ги охрабува децата при успешно реализирање и изведување на содржините, да ги поттикнува децата кон одлични решенија и креативно размислување за идеи и предлози. Воспитувачот треба да стекне доверба кај децата, а со тоа и да ги насочи кон остварувањето на целта, а сето тоа е можно само со добра организација, посветеност, време, планирање, внимание и креативност. Тој треба да внимава сите деца да бидат еднакво почитувани и сакани и да постигнуваат одредени успеси, односно да бидат еднакво вреднувани нивните достигнувања. 

Во рамките на своите активности, треба да води сметка за физичкиот, психичкиот, социјално-емоционалниот, сознајниот развој на децата, како и развојот на нивните способности за комуникација и творештво. Во реализација на наставата, воспитувачот треба да биде организатор, координатор и насочувач на воспитно-образовниот процес, мотиватор. Сето ова воспитувачот треба да го исполни кон групата на деца за која тој е одговорен .

Според Министерството за образование и наука и биро за развој на образование групите на деца треба да се групираат на следниот хомоген начин:

  • 1) до 12 месеци……………………………………….од 6 до 8 деца
  • 2) над 12 месеци до 18 месеци…………………од 8 до 10 деца
  • 3) над 18 месеци до 2 години…………………. од 10 до 12 деца
  • 4) над 2 години до 3 години……………………..од 12 до 15 деца
  • 5) над 3 години до 4 години……………………..од 15 до 18 деца
  • 6)над 4 години до 5 години…………………….од 18 до 20 деца
  • 7)над 5 години до 6 години……………………. од 20 до 25 деца

ДОДЕКА СЕТО ОВА ГО ЧИТАТЕ СИГУРНО СИ ПОМИСЛУВАТЕ ОВА Е РАБОТА ОД СОНИШТАТА.
Цел ден ќе си играш со група од 10 деца , и горенаведеното е најлесната работа што треба да се исполни за еден работен ден, и на крај си си одиш задоволен дома . Супер!!!
Кој не би сакал да работи.Но вистинската слика за реалноста , воопшто не наликуваа на оваа слика. За жал, разликата е огромна. Групите со кои се соочува еден воспитувач, не ги сочинуваат 10,15 или 20 деца…НЕ,НЕ,НЕ….Тука веќе сте во голема заблуда.

Доколку ги разгледате реалните слики за функционирањето на детските градинки ќе забележете (сугурно и голем дел од вас се запознати со ситуацијата и директно инволвирани покрај своите деца) дека еден воспитувач се соочува со група од 30-40 деца, а ваш е изборот за возраста, можете да бирате според горната скала.
Но, за сликата да биде уште полоша, замислете ги истите деца во просторија од 60 квадратни метри + столици, шкафчиња, гардероби и уште 30-40 креветчиња ? 

Сликата не сакам ни јас да си ја претставам, но веројатно немам избор бидејки веќе се соочив со истата и ја видив и осетив на своја кожа во вистинскиот свет. Истата таа слика ќе ми биде врежана во сеќавање се до крајот на мојот живот. Во истата таа просторија јадеш, спиеш, играш, боиш, раскажуваш приказни, и секој ден истото – вистински ХОРОР. Жално но сепак вистинито.
Зарем го заслужуваат ова најмилите, најчистите , најневините, најбезгрешните – ДЕЦАТА? Јас не се согласувам со ова, бидејќи никој не го заслужува овој режим а најмалку тие. 

Воспитувањето на децата е работа во која мораме да знаеме како да го трошиме времето за да не го изгубиме ( Жан Жак Русо)

 

(дел од текстот е извадок од магистарскиот труд на авторот)

Leave a Reply

Your email address will not be published.