(Видео) “Непотизмот во образовните институции” – осетлива тема, прекин на седница на општина Кавадарци
Непотизмот во јавните институции е вечниот непребол на македонската сцена. Испреплетеноста до највиск степен во родителско – роднински линкови стана секојдневна и нормална работа кога станува збор за вработувањето во јавната администрација.
Токму непотизмот во образовните институции во општина Кавадарци беше причина да претседателката на совет на општина Кавадарци, Горица Пеливанова – Вилхелм, ја прекине седницата на која советникот од опозицијата, Сашко Петров, се обиде да и ја долови комплетната слика околу партизираното и роднинско вработување во јавните образовни институции во општина Кавадарци.
Од говорницата Петров спомена за непотизмот во образовните кавадаречки институции, конкретно за основното училиште “Страшо Пинџур” од Кавадарци каде моменталната директорка ја вработила својата ќерка а како пример најверојатно и била претходната директорка (сега претседател на совет на општина Кавадарци, Горица Пеливанова-Вилхелм) која исто така ја вработила својата ќерка.
Во телефонски разговор советникот ни укажа и на фактот дека не само основното училиште “Страшо Пинџур” туку и неколку други образовни институции во општина Квадарци се “канцерогени” со непотизам.
“Пеливанова во неколку наврати се обиде да ме прекине во моето излагање, притоа обидувајќи се да го одвлече вниманието дека непотизмот не била точка на дневен ред иако се разговараше за годишниот извештај каде директно се вклучени и вработените. Ја повикав и актуелната директорка на оу “Страшо Пинџур” да ги објасни критериумите на вработување во оваа образовна институција, дали се според закон на РМ или е доволна само портокаловата книшка за да бидете примени на работа? За жал, не добив одговор на моето прашање.”– изјави Петров.
Прекинување на седници на совет на општина Кавадарци станува вистински тренд. Неодамна седница на совет беше прекината од страна на градоначалникот Александар Панов кога во еден момент му недостигаа доволно силни аргументи за една од точките за кои се дебатираше.