Нели е доста за садо-мазо авантура

Дали реално е да сонувамеза општество за кое сонуваше и Ленин каде секој млад би имал стан, работа, бесплатна здраствена заштита и бесплатно образование. Дали осум часа работа, осум часа култура и забава, и осум часа одмор реално би функционирале?

Да прозвучам како поддржувач на М. Тачер “Доста ми е! Неможам да го поднесам овој синдром на лудост околу мене“.
Ако сте млад и живеете во овој град или пак во кој и да е друг, во државава, тогаш сте потонале во длабока кал. Причините поради кои го пишувам овој текст се многубројни. Немате работа а во истовреме сфаќате дека од бирото за работа немате ама баш никаков бенефит. Но кога ќе размислите подлабоко, ќе сфатите дека сите тие лепачи на плакати позади комунистичките “Титови“, а од неколку години во сопственост “Груевски“ бироа, се на ваш терет.

Секој млад граѓанин на оваа држава се соочува со истите проблеми, невработеноста како најголем проблем, а потоа почнуваат да се редат како на бројаница: необразованоста, незаинтересираноста, апатичноста, хипнотизираноста, малограѓанштината, аполитичноста… Целиот овој список на негативности што го поседува заедницата, на крај го даваат конечниот резултат ВМРО ДПМНЕ.
Овој кувар на лоши општествени вредности ве тера да се чуствувате понижени, ако барем сеуште во вас живее тоа чувство? Најпрво во вашиот најтесен круг во заедницата, во семејството, кога со молење ќе им се обратите на мајка/татко/брат ти (Дадете ми на заем 150 денари, да одам на кафе со девојчето кое го запознав пред некој ден.) Целото ова понижување го чувствувате секоја трета ден.

Пошироката заедница наречена (не)граѓанство во моментов, каде што живеам и партиципирам како (не)човечко битие , веќе неколку години наназад се гради врз темелите на нездрави принципи. Самите граѓани се заболени од некој вид на болест. Дали е зомбификација? Или некој нов вид на болест за која нема да претерам ако речам дека од таа болест од најнизок вид, денес боледува најголем дел од граѓаните. Нејзината примитивност, неосвестеност и нерафинираност прават таа да се доживува како здравје (Светислав Басара). Граѓаните се повеќе не се свесни за своите граѓански обврски. Граѓанската храброст речиси и ја нема. Бунтовничкиот дух, како и духот на промените најверојатно е мртов.

Така гласно најавените странски инвеститори не одминуваат и одмочуваат, како да боледуваме од лепрозност, а пак оние кои сепак останале и ни овозможиле да се чуствуваме работоспособно, не претвараат во нивни робови, а ние нив, во наши робовладетели. Секоја ден ја гледам мојата генерација како работи од сабајле до вечер само за да преживее. Голем е процентот на млади кои спаѓаат во групата на високообразовни кадри а сепак работат како келнери и шанкери по кафитериите за некоја смешна дневница. Ние сме генерација без работен стаж, без секојдневна работа, генерација која работи на црна берза, за жал тоа е мојата генерација. За што точно зборувам? Зборувам за 90 % од моите врсници кои немаат место каде да живеат или, 90% од моите врсници не можат да соберат пари за да купат стан или куќа, за да станат самостојни во желбата да создадат семејство. 60% немаат стална работа, а оние кои имаат, бараат од своите работодавачи платата да им се исплаќа на црно, бидејќи на тој начин нема да се плаќа пензиско и инвалитско што значи, платата ќе биде поголема и ќе има плус за плаќање на некоја сметка.

Системот е исти, само времето е различно и некој од условите. Ништо не е променето. Денес да бидеш во групата на работоспособно население е престиж.
Сите политички партии за време на изборните кампањ трубат дека мора да излеземе од ова гето, дека сакаме во НАТО, дека мораме во ЕУ. Но јас се прашувам како? Дали во тој модерен и културен свет би не примиле со сите (не)вредносни принципи: издигнување на национализмот до плафон, а со тоа и на варваризмот, блудот, развратот и расипништвото? Или пак треба да почнеме целиот овој гнилеж од лажни вредности да го менуваме со вистински вредности со кои би создале подобри услови за младите во оваа заедница. Дали поддршката на млади бизнисмени, реформата во образовниот систем, развој и поддршка во научниот дискурс, сериозни измени и дополнувања на законот за млади, зголемување на буџетските средства за младите, давање на поголем политички простор на младите во општеството, подобри студенски домови, повисоки стипендии за студентите, независен синдикат на студентите, инвестирање и развој на дебатни клубови,изградба на младински културни центри не се вистински вредности кон кои треба да се насочиме?

Навистина незнам уште колку младите ќе ја консумираат фразата на политичарите за време на изборните кампањи “Светот останува на младите“ или ќе дојде времето кога ќе им се спротистават на празните зборови и ветувања?
Ајде да речеме доста е со авантурава, дајте од утре сме посериозни!

Leave a Reply

Your email address will not be published.