(Не)културата и (не)одговорноста

Ако културата е збир од материјални и духовни вредности која датира уште од настанокот на човекот, и ако таа е “нештото” кое го разликува хомосапиенсот од животните, тогаш што е тоа што многумина од нас не тера да се однесуваме токму како мајмуни?

Доказите и аргументите со кои располага поодамнешната историја се дека постојат повеќе фактори кои влијаат да (не)се однесуваме како животни. Еден од нив е и уредувањето на државата.

Република Македонија како релативно млада (едвај 22 години) и самостојна реублика на балканот, сеуште мака мачи со “инсталацијата” на културен софтвер во “хард дисковите” на индивидуите кои живеат во рамките на нејзините граници. Процесот на апсорбирање на најсвежите содржини од културното поле кои ни ги емитира Eвропа, најверојатно глиби во калта некаде кај Табановце, ако не и нешто погоре. Горе-долу, дека имаме култура, имаме. Ама каква и на кое ниво?

Дека минуваме на црвено на пешачки, минуваме. Дека плукаме по улица кај ќе ни дојде, и тоа го правиме. Дека празната ќесичка од смоки ја фрламе до кантата за отпадоци, и тоа го правиме. И дека сите овие набројани лоши навики дома не ги правиме, и тоа го правиме. А уствари постои ли логично објаснување зошто ова го правиме?

Најверојатно затоа што поради овие наши неандреталски постапки на никого и пред ништо не одговараме. Затоа што знаеме дека вработените во јавното комунално претпријатие наместо нас, тие ќе ја стават празната кеса од смоки во кантата за отпадоци. Затоа што за разлика од некои други времиња и простори нема да се најде некој до нас да ни ги истегне ушите и да не советува дека тоа што го правиме е погрешно, некултурно и неодговорно.

Одговорноста е човечка особина со која за жал грото од жителите на овие простори не’ можат да се пофалат дека ја поседуваат. Одговорноста како индивидуална карактеристика е коренот на една силна, стабилна и просперитетна држава. Што повеќе одоворни индивидуи, толку побрза е интеграцијата во целокупното културно општество. Што повеќе одговорни индивидуи, толку подобар економски развој. Што повеќе одоворни индивидуи, толку подобар живот и соживот на граѓаните кои живеат внатре.

Дали има и кои се разликите во културните навики меѓу нас (македонците) и нив, таканаречените “европјани”?

Па најверојатно дека има, инаку немаше да бидеме со неколку децении назад од нив во однос на повеќето категории од секојдневниот живот. (Не)одговорноста на индивидуите прави Македонија од секогаш да биде и со неколку чекори назад од “останатите”. Одговорноста е особина за која многу често се зборува, ама за жал никаде и никој ја нема.

Во една нормална држава, токму носителите на јавните функции треба да бидат стожерот за пример на одговорност. Токму тие (кои и да биле) се главните ментори во приказната како треба да се однесува секоја индивидуа, без разлика на нивната определба.

Бадијала е таа држава во која редовно (за жал) умираат новороденчиња, а министерот за здравство не сноси ни трошка одговорност.

Чуму ти е држава во која полицијата ладнокрвно од ќотек убива млад и невин човек (Мартин Нешковски), а министерката за внатрешни работи не сноси ни трошка одговорност.

Во каква насока се движи државата (декларирана како секуларна) во која свештените лица од уста не го вадат името на нивниот “возвишен премиер”, фалејќи ги неговите (зло)дела, а патем за тоа да не сносат никаква одговорност.

Каква ти е таа држава во која 5% од буџетот го делат 95% од населението, додека пак 95% од благодетите ги уживаат 5% од граѓаните?

“Спасението на овој човечки свет не лежи никаде на друго место, туку во човечкото срце. Политичарите се преокупирани со желбата за добивање на уште еден нов мандат. Меѓутоа грешат. Треба да се стави личниот морал како приоритет и да биде секогаш чекор пред политиката, науката и економијата… Единствената вистинска и суштинса мисла-водилка пред секој наш потег треба да биде одговорноста. Нашата врвна одговорност треба секогаш да биде на повисоко место на пиедесталот од своето семејство, својата земја, својата фирма и личниот успех .” – дел од говорот на Вацлав Хавел, поранешен претседател на Република Чешка, одржан на еден конгрес во Соединетите Американски Држави. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.