Некритичко новинарство: манипулации со стапката на невработеност

Пишува: Жарко Трајаноским-р по човекови права

 

„Правете разлика меѓу застапување нечии ставови 

и новинарско известување.“ (НОВИНАРСКИ КОДЕКС)

 

Наместо за новинарско известување, медиумите неретко се употребуваат за застапување на ставови на политичари. Неодамна, повеќе медиуми објавијаидентични наслови, повикувајќи се на ставовите на премиерот за невработеноста, при што беа акцентирани следниве фактички искази: „Груевски: невработеноста е намалена од 38 на 28,8 насто“. Ваквите наслови кореспондираа со владината кампањафокусирана врз пораката на премиерот дека невработеноста била намалена од 38% на 28.8%: „…мораме да кажеме дека во изминатиот период се направи сериозно придвижување, дојдовме во ситуација во Владата кога имавме 38 отсто невработеност, сега е 28,8 отсто.“ Лекторираната изјава објавена на владиниот сајт незначително се разликува од изјавата дадена во живо.

Најголем дел од медиумите само ја пренесоа изјавата на премиерот, без да ја споредат со претходни негови изјави, без да извршат проверка на фактите и без да ја преиспитаат критички тезата на премиерот дека неговата влада ја намалила невработеноста „за 10 проценти поени“ и тоа „во тежок период кога имаме светска криза и европска должничка криза“.

 

Игнорирање на претходните изјави на премиерот за стапката на невработеност

 

„Јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци

за кредибилитетот на изворите што се користени.“ (НОВИНАРСКИ КОДЕКС)

 

Новинар(к)ите не се потрудија да ги споредат последните изјави на премиерот во врска со невработеноста со неговите претходни изјави на истата тема. А само неколку дена претходно, премиерот даде изјава за промената на стапката на невработеност, повикувајќи се на сосема други податоци: „Успеавме да ја намалиме и невработеноста од 35 проценти колку што затекнавме на 25 отсто. Доколку не беше светската економска криза таа ќе беше намалена сигурно за уште 10 проценти, наведе Груевски“.

Само овие две неконзистентни изјави беа доволни за новинар(к)ите да го постават јавно прашањето за кредибилитетот на нивниот извор. Имено, јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци за кредибилитетот на изворот (премиерот) во врска со темата, односно, дали тој претходно изнесувал конзистентни податоци во врска со стапката на невработеност.  Односно, јавноста има право да знае зошто премиерот на 9 октомври 2013 дал една изјава (дека сегашната невработеност е 25%), а на 13 октомври 2013 дал сосема друга изјава (дека актуелната невработеност е „околу 28, поточно, 28.8“).

Бездруго, јавноста има право да знае и колкава била невработеноста во 2006, пред Груевски да стане премиер. Ако новинар(к)ите ги споредеа претходните изјави на премиерот за стапката на невработеност во 2006, ќе можеа да ги соопштат следниве зачудувачки резултати. Пред повеќе од една година (27.09.2012), во одговор на пратеничко прашање, премиерот тврдел дека стапката на невработеност во 2006 била скоро 39%: „во времето на СДСМ во 2006 година беше скоро 39 отсто“. Неколку месеци претходно (10.04.2012) премиерот изјавил дека „кога ВМРО – ДПМНЕ дојде на власт невработеноста беше 38 отсто и само за две години ја намали на околу 32 отсто“ (Груевски: Невработеноста ја намаливме од 38 на 32 отсто). Неколку месеци претходно (23.02.2012), премиерот соопштил други податоци: „невработеноста во изминативе седум години е намалена за седум отсто, односно од околу 38 отсто во 2005 година на 31 отсто“ (Груевски: Невработеноста од 2005 од 38 е намалена на 31 отсто). На друго пратеничко прашање, премиерот со друг одговор (28 јули 2011): „Секогаш кога СДСМ е на власт невработеноста се зголемува, во еден период достигна и рекордно ниво од 40 отсто, а секогаш кога е ВМРО-ДПМНЕ истата се намалува. Во 2005 беше околу 37, а сега е 31 отсто“.

Значи, доколку новинар(к)ите направеа споредби со претходните податоци за намалувањето на невработеноста што јавно ги има изнесено премиерот, ќе можеа да ја исполнат својата етичка должност – да го постават под прашање кредибилитетот на изворот, кој во различни прилики соопштувал различни и несовпадливи податоци.

 

Проверка на точноста на информациите:  Колкава била невработеноста во 2006?

 

„Новинарот треба: Будно да ги следи и храбро да ги повикува

на одговорност лицата што се на власт.“ (НОВИНАРСКИ КОДЕКС)

 

Етичката должност на новинар(к)ите да ја проверуваат точноста на информациите од секој извор им налагаше проверка на последните податоци што ги соопшти премиерот за тековната невработеност и невработеноста во 2006. Според Државниот завод за статистика, стапката на невработеност  за вториот квартал во 2013 е 28.8 %, што се совпаѓа со податокот соопштен од премиерот на 13 октомври 2013, но не се совпаѓа со податокот соопштен на 9 октомври 2013 (дека сегашната стапка на невработеност е 25%).

Меѓутоа, податоците на премиерот за стапката на невработеност во 2006 не се совпаѓаат со официјалните статистички податоци. Во горната Табела на Државниот завод за статистика за 2006 година (во која има податоци за стапка на вработеност и невработеност  по квартали), се гледа дека стапката на невработеност во третиот квартал (кога Груевски станува премиер) е 35.9%.  Во долната Табела на Државниот завод за статистика се гледа дека стапката на невработеност за 2006 е 36%, и дека не била „скоро 39 отсто“, ниту имало „рекордно ниво од 40 отсто“.

За жал, новинар(к)ите не ги споредија официјалните статистички податоци со податоците на премиерот и не извршија проверка на соопштениот податок дека владата на Груевски ја намалила невработеноста „за 10 проценти поени“. Официјалните статистички податоци укажуваат дека стапката на невработеност е намалена од 35.9% (III квартал 2006) на 28.8% (II квартал 2013), што не е намалување „за 10 проценти поени“, туку за 7.1.

Накусо, новинар(к)ите не само што будно не го следеа, туку и храбро не го повикаа на одговорност премиерот заради манипулирање на јавноста во врска со податоците за намалување на стапката на невработеност.

Продолжува (Манипулации со вработеноста: Дали „успеавме бројот на нововработени да го зголемиме за 112.000 лица“?)

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Leave a Reply

Your email address will not be published.