Неетичко известување за ХИВ и СИДА

Во  прилогот „11 нови случаи на ХИВ/СИДА годинава, лани биле откриени 24“ се објавени снимки од пациенти во болнички соби на Клиниката за инфективни болести – Скопје. Иако од снимките не можат да се препознаат лицата, видливо е дека чинот на снимање ги вознемирува пациентите и го повредува нивното право на приватност (еден од пациентите ја покрива главата со раката кога камерманот влегува во болничката соба).

 

Пишува: Жарко Трајановскиексперт за човекови права

 

„Не учествувај во создавање негативен имиџ на одредена група или заедница! … Никогаш не прави некоја заедница или група да се доживува како синоним за … болести.“  (Прирачник за етиката во новинарствотo)

 

Медиумското известување за ХИВ и СИДА е исполнето со етички предизвици. Пред сѐ, новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни и чувствителни кога известуваат за лица што живеат со ХИВ, имајќи предвид дека станува збор за припадници на особено ранлива група, опкружена со стигма и дискриминација. Несомнено, медиумите можат јавно да изложат извесни трендови и феномени кои придонесуваат за ширење на ХИВ, но нивната главна улога е во информирање и едуцирање на јавноста за значајноста на мерките за превенција од ХИВ.

 

(Не)правење разлика помеѓу ХИВ и СИДА

 

Етичка должност на новинарите е да прават разлика помеѓу ХИВ (вирус) и СИДА (синдром). Информираниот новинар во своето известување секогаш ќе го рефлектира фактот дека успешниот третман на ХИВ инфекцијата оневозможува СИДА. Токму затоа, веќе не се препорачува употребата на изразот „смртоносен вирус“ како во текстот: „Само тројца мажи го добиле смртоносниот вирус преку незаштитен сексуален однос со жена“. Дефинирањето на ХИВ како „смртоносен вирус“ или „вирус на СИДА“ веќе не се смета за прецизно и точно дефинирање.

Неправењето разлика понекогаш доведува до наслови кои потполно ја дезинформираат јавноста. На пример, насловот „За 3 месеци 11 ново заболени од СИДА“ ја дезинформира јавноста бидејќи во текстот станува збор за лица кај кои е откриен ХИВ преку тестирање.  Исто така, написот „Сидата зема замав во Македонија – 11 случаи на заболени при сексуални односи на мажи“, погрешно информира дека „Единаесет нови случаи на заболени од сида се регистрирани во месец јануари.“

Мошне збунувачка може да биде и употребата на „ХИВ/СИДА“, особено во изразите „заразени од ХИВ/СИДА“, бидејќи СИДА е кратенка за синдром, множество од симптоми. Токму затоа, се препорачува употреба на изразите „тест за ХИВ“ (или „ХИВ тест“), а не „тест за СИДА“ (или „СИДА тест“).

 

Право на приватност и доверливост

 

Во  прилогот „11 нови случаи на ХИВ/СИДА годинава, лани биле откриени 24“ се објавени снимки од пациенти во болнички соби на Клиниката за инфективни болести – Скопје. Иако од снимките не можат да се препознаат лицата, видливо е дека чинот на снимање ги вознемирува пациентите и го повредува нивното право на приватност (еден од пациентите ја покрива главата со раката кога камерманот влегува во болничката соба).

„Она што навистина убива, тоа е изолацијата“ – кадри од видео клипот „Јавна егзекуција – СИДА дискриминација“ снимен по повод Светскиот ден на СИДА-та во 2011 година

Медиумите треба да се информирани за правата на пациентите во здравствените установи, вклучително и за правата на приватност и доверливост на медицинските податоци. Во никој случај, новинар или медиум не би смеел да објави медицински или друг личен податок на лице што живее со ХИВ, без негова дозвола.

 

Сензационалистичко известување и предизвикување морална паника

 

„Начинот на информирање во случаи на … болести … мора да биде ослободен од сензационализми.“ (Етички кодекс на ЗНМ)

 

Иако медиумите можат да бидат суштинско орудие за превенција на ХИВ и СИДА, честопати преку сензационалистичко, сиромашно и опскурно известување тие ја потпалуваат јавноста, предизвикуваат морална паника, и со тоа ги подриваат напорите за превенција.

На пример, текстот „Алармантно ширење на ХИВ: Од 11 нови случаи осум се од врска на маж со маж“ е објавен на ударно место на насловната страница, илустриран со фотографија на двајца мажи во костуми како се држат за рака. Едно од ударните тврдења е дека „ХИВ-вирусот и сидата алармантно се шират помеѓу мажи што имаат секс со мажи“, иако во содржината на текстот воопшто не се прецизира за колку случаи на СИДА станува збор.

Исто така, насловот воопштено сугерираа дека „алармантното ширење на ХИВ“ е резултат најмногу „од врска на маж со маж“ со што предизвикува морална паника. Фотографијата илустрира „врска на маж со маж“ преку двајца мажи што се држат за рака. Ваквиот начин на претставување на насловната страница создава погрешна претстава дека ХИВ вирусот може да се пренесе од „врска на маж со маж“ (преку држење за рака), а не преку незаштитен сексуален однос, независно од тоа дали станува збор за секс во каква и да е врска.

 

Медиумска манипулација со статистички податоци

 

„Новинарот треба да покаже човечност кон лицата што се можеби неповолно засегнати од покривањето на веста за она што се случило.“ (Новинарски кодекс)

 

Текстот „Алармантно ширење на ХИВ: Од 11 нови случаи осум се од врска на маж со маж“ се потпира на статистички податоци добиени од само еден извор, преку тестирања кои не биле фокусирани на општата популација, туку на групи со ризично однесување. Новинарката во текстот укажува дека „фрапантните резултати“  се добиени преку „тестирање на повеќе од 200 лица со ризично однесување“, но насловната страница создава впечаток дека податоците се однесуваат на општата популација.

 

Оттаму, насловот „Алармантно ширење на ХИВ: Од 11 нови случаи осум се од врска на маж со маж“ е манипулативен, затоа што податоците се истргнати од контекст (тестирања на посебни групи „лица со ризично однесување“ интензивирани во даден период). Притоа, се создава погрешна претстава дека „врска на маж со маж“ е ризично однесување, а не незаштитениот сексуален однос.

Дополнителен проблем е што податоците за ХИВ се соопштени неофицијално, како резултат на релативно мал процент направени тестирања. Токму затоа, новинар(к)ите не треба да ги зајакнуваат ваквите статистички податоци (од незначителен примерок) како апсолутни факти за состојбата со ХИВ во Македонија. Истргнувањето на статистички податоци од контекст, неоснованите споредби на различни типови податоци, и нечувствителниот пристап (потенцирање на ризична група, наместо ризично однесување), придонесе за создавање на негативен имиџ на „мажите во врска со маж“, кои беа негативно претставени како синоним за болести.

 

МСМ не треба да се постоветуваат со хомосексуалци

 

Особено загрижувачки е и што јавниот сервис влезе во непрофесионално толкување на „застрашувачките резултати“ истакнувајќи дека од 11 нови случаи на заразени од ХИВ „осуммина се хомосексуалци“ (11 нови случаи на заразени од ХИВ вирусот во Македонија).

Новинарите треба да се информирани дека терминот „мажи што имаат секс со мажи“ (МСМ) не треба да се поистоветува со хомосексуална ориентација, ниту, пак, со геј мажите, затоа што ги опфаќа „сите мажи што практикуваат секс со мажи со заемна согласност, без разлика дали притоа практикуваат и секс со жени и дали се поистоветуваат со определен сексуален идентитет, а ги вклучуваат и мажите и сексуалните работници“.

 

Ненавремено објавување демант и реакција

 

По објавувањето на текстот во Дневник, кој беше пренесен од голем број на медиуми, имаше и демант и реакција од страна на невладината организација Х.Е.Р.А. Реакцијата беше пренесена од повеќе медиуми, но од страна на Дневник беше објавена дури шест дена подоцна, и тоа во рубриката „писма“. Х.Е.Р.А. укажува дека

 

„Бомбастичната информација, употребената фотографија и терминологија не само што обвинува, дискриминира и ги зајакнува стереотипите од осумдесеттите години на минатиот век дека една група на граѓани е виновна за епидемијата на СИДА, туку ги руши досегашните превентивни напори.“

 

Наспроти етичкото начело дека „Одговорите не треба да бидат проследени со полемичен редакциски коментар“ (Прирачник за етиката во новинарството, стр. 16), редакцијата на Дневник објави полемичен коментар „Колку луѓе треба да заболат за да се вклучи алармот?“. Коментарот се повикува на следниот факт кој не можел да се игнорира: „А факт е дека од 11 потврдени нови случаи, осуммина се мажи…“ . Меѓутоа, редакцијата заборава дека во првичниот текст објави поинаков факт: „од откриени 11 нови случаи на ХИВ/СИДА, сите се мажи“.

Со сензационалистичкиот пристап и креирањето на страв и паника, медиумите не придонесуваат за охрабрување на лицата кои имале ризично однесување, а се во дилема дали да направат тест за ХИВ. Новинар(к)ите треба да знаат дека успешната превенција подразбира и медиумско охрабрување на тестирањето за ХИВ.

За жал, само мал дел од медиумите помогнаа во идентификување на еден од главните проблеми – загрижувачки нискиот број на тестирања за ХИВ. Новинар(к)ите треба да охрабруваат навремено тестирање за ХИВ, а не да ги стигматизираат лицата  што станале свесни за својот ХИВ статус во рана фаза од ХИВ инфекцијата, со што си помогнале и себеси и на заедницата.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Leave a Reply

Your email address will not be published.