НЕ СЕ КРИВИ СТРАНЦИТЕ

Помалку од едно евро за работен час е реалноста за цената на македонскиот инвестициски рај

Многу фалените странски инвестиции, гордоста на оваа Влада, деновиве во јавноста се доживуваат како дебакл. Еден конкурс за вработување распишан од германски инвеститор во Кавадарци место радост во земјата со најмногу невработени во Европа, предизвика лавина од негативни реакции. Понудените минимални плати од 8.050 денари за директорски и раководни позиции и за работни места со висока стручност, со средно и факултетско образование одекна како крајно понижувачка. Така е обелоденета јавната тајна колкав е ефектот на странските вложувања врз подобрување на стандардот и квалитетот на живеење на луѓето кои работат за светски брендови и компании.

Што мислите кој е виновен за ваквата навредлива положба на македонските работници. Дали се тоа странците или домашните реформатори. Секое соочување со реалноста во Македонија се доживува болно. Така е и со отворањето на прашањето колкави се платите во фирмите на странските вложувачи и работодавци. Многумина мислеа дека среќниците што се вработиле во компаниите со звучни имиња заработуваат како да заминале во странство, дека имаат колективни договори и високи синдикални права, 13. плата, бонуси и отпремнини и други бенефиции што ги имаат вработените во земјите на инвеститорите. Да не зборуваме за правата на вработените што некогаш ги имаа во домашните претпријатија, вклучувајќи добри изгледи за добивање општествен стан, поволен кредит или бескаматен заем за изградба на куќа, бесплатно летување и зимување, бесплатна менза и богати синдикални пакети, редовни плати и сигурност да не бидат отпуштени од работа… Сите тие што мислеле и се надевале дека ќе биде така и во угледните странски фирми, по обелоденувањето на податоците за платите, останаа подзинати и разочарани. Ова ли се резултатите од род-шоуата, скапите рекламни кампањи во светските медиуми, ова ли се поволностите за големите успеси во рајот на странските инвеститори, прашуваат деновиве голем број граѓани преку социјалните мрежи и во реакциите до медиумите.

Втората слика е позагрижувачка. Таа вели дека странците не се виновни. Се’ што работат е според домашните закони за работни односи и според договорите за поволностите што ги добиле на највисоко премиерско ниво кога одлучувале да вложат свои пари во Македонија. Инаку, зошто некој деловен човек од Германија, Англија, Франција, Америка, Индија, Турција, Грција… би инвестирал пари во далеку понесигурна држава отколку неговата, или во земја каде што трошоците за работење би биле повисоки отколку што веќе искалкулирал при договарањето со македонската Влада. Зошто би вложиле овие луѓе пари каде што профитот ќе им биде оптоварен со големи даноци и со законски ограничувања да не можат парите да си ги однесат дома. Ризикот од неуспех, разбирливо, мора да биде многу помал отколку во неговата земја. Колкава е вината на странскиот инвеститор ако во државата нема строги синдикални одредби за правата на работниците. Или ако според законот износот на минималната плата е под африканската, ако не се одредува според саатница која по меѓународните правила кажува што е под човечкото достоинство и на прагот на гладување. Нето-плата од 8.050 денари за 160-180, па и повеќе работни часа месечно е рамно на работен час кој изнесува помалку од едно евро, или околу еден долар. Податок кој кажува се’ и кој треба да предизвика аларм во надлежните институции во државата и во синдикалните организации, за жал, со скршен ’рбет.

Третата слика е најтрагична. Странските инвеститори имаат еден куп привилегии во Македонија, кои, всушност, се законска дискриминација на домашните компании. Странците, десет години се целосно ослободени од данок на добивка. Плаќаат само 50 проценти од персоналниот данок, пет години. Земјиштето им е издадено бадијала на период од 99 години со симболичен надомест од едно евро за квадрат. Не плаќаат ДДВ ниту царински давачки при увоз на материјали, не плаќаат данок на промет, не плаќаат комуналии за приклучок на гасовод, канализација и водовод, не плаќаат за уредување на градежното земјиште. Парите што треба да ги платат за таа намена на општините каде што се изградени индустриските зони им ги плаќа Владата од буџетот. Од државната каса се плаќаат по 500.000 евра за изградба на градежни објекти за инвестиција поголема од 15 милиони евра и вработување на над 100 луѓе. Од буџетот се издвојуваат и од 25 до 50 отсто од трошоците за стручно усовршување на вработените.

Се разбира, не би требало да има ништо лошо во сите овие мерки и поволности што ги нуди Владата, доколку истиот пристап го имаат и домашните инвеститори. Познавам најмалку 10 домашни врвни деловни луѓе кои во своите фирми имаат повеќе илјади вработени со двојно повисоки просечни плати од странските, ама не можат да сонуваат за вакви поволности. Странските инвеститори со привилегиите од Владата, во суштина, ја убиваат конкурентноста на домашните компании. Само со изедначување на сите инвеститори, домашни и странски, и деблокирање на демократските процеси во државата, со уважување на синдикалните стандарди може да се врати одамна изгубеното достоинство на работникот. Еден долар на час за стручен работник е тажната вистина за успесите на оваа Влада. Треба и премиерот и неговите министри исто толку да бидат платени според сработеното за да видат колку вредат на пазарот.

Извор УТРИНСКИ 

Leave a Reply

Your email address will not be published.