Не работат во Лустрациска, а земаат плата

 Извори од Комисијата велат дека тие редовно ја примаат својата плата, иако не учествуваат на седниците и не гласаат за одлуките за лустрација на соработниците со тајните служби. Дали Витановски и Гешоски до крај ќе го истераат својот мандат кој е во мирување, или од септември ќе се вратат активно да учествуваат во работата на Комисијата, допрва ќе се одлучува.

Од Социјалдеморатскиот сојуз кој ги предложи двајцата за членови на Комисијата, велат дека по годишните одмори ќе ја преиспитаат одлуката за неучество во лустрацискиот процес. Според извори од партијата, на оваа тема се очекува да се разговара во септември, со оглед на тоа дека летово ќе мирува и работата на членовите на Комисијата за верификација на факти.

„Размислуваме да го преиспитаме ставот кој го донесовме во декември минатата година. Засега е се’ уште неизвесно дали партијата ќе заземе нов став Витановски и Гешоски да се вратат и да учествуваат во работата на Комисијата или пак да го продолжат својот бојкот до јануари идната година, кога им истекнува мандатот“, велат во најголемата опозициска партија.

Во меѓувреме и покрај поднесените оставки, Гешоски и Витановски формално и натаму остануваат членови на Лустрациската комисија, каде секоја недела се „исфрлаат“ по неколку имиња на поранешни функционери, академици и поети и се прогласуваат за соработници со тајните служби.

Од Лустрациската комисија одговорноста ја префрлаат на Собранието кое што и по два обиди не успеа да собере двотретинско мнозинство за да ги верификува нивните оставки. За да престане нивниот мандат, потребно е Собранието да обезбеди 82 гласа.

„Кога би учествувал во работата на Комисијата, сигурно би инсистирал да се почитува Законот за лустрација. Но, веќе шест месеци, по одлука на партијата, не учествувам на седниците на комисијата. На работа одам редовно, контактирам со колегите, но ниту сакам, ниту сум побарал да ги видам досиејата кои се разгледуваат на седниците на кои се одлучува кој соработувал со тајните служби“. Вака членот на Комисијата за верификација на факти, Јанаќие Витановски од редовите на СДСМ го објаснува своето неучество во процесот на лустрација.

Во јануари за­вр­шу­ва четиригодишниот мандат на Комисијата, по што ќе се избира комплетно нов состав. Комисијата за лустрација брои 11 члена со претседателот Томе Аџиев. По оставките на Витановски и Гешоски, комисијата работи со девет членови.

Двајцата членови на Комисијата за лустрација, предложени од СДСМ, Гешоски и Витановски, поднесоа оставки на функциите кон крајот на минатата година, како резултат на одлуките што ги донесе Централниот одбор на партијата за време на настаните околу носењето на буџетот за оваа година, кои кулминираа на 24 декември. Од работата на Комисијата не се повлече единствено Чедомир Дамјановски, кој е предложен од ЛДП и кој е единствен кој гласа против одлуките на неговите колеги, а кои се однесуваат на лустрирање на починати лица, поранешни функционери и наредбодавачи. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.