Не` горете ни го животот!

„Загадувањето никогаш не треба да биде цената која ја плаќаме за економски развој“ – Ал Гор, еден од кандидатите за претседател на Соединетите Американски Држави во 2000 година

Драги мои сограѓани, драги мои кавадарчани, драги мои роднини, пријатели, Драги мои лозари!

Текстов кој ви го пишувам сметајте го како еден скромен придонес во процесот на заштита на природата и здравјето на граѓаните на Тиквешијата. Текстот кој ќе го читате можеби ќе биде долг, но вреди да потрошите пола час од вашиот краток но драгоцен живот. Самиот текст е составен од изјави и истражувања на другите(оние засегнатите). Јас само се потрудив да ги соберам во еден краток текст .

Понеделник,  10 Март 2014 година во дневниот весник Вечер, Министерството  за животна средина и просторно планирање објавува во еден мал агол  од истоимениот весник „Дозвола за усогласување со оперативен план, за зголемување на учеството на иситнета гума како алтернативно гориво од 15% на 25% од вкупниот искористен лигнит во ротациона печка/лепол решетка“. Неколку месеци претходно Советот на Општина Кавадарци на една од седниците на Советот донесе одлука со која не се дозволува зголемување на процентот од 15% на 25% користење на гумените гранули како алтернативно гориво. По црниот понеделник за Кавадарци и кавадарчани, комисијата за Екологија предложи вонредна точка  на последната седница на Советот,  на која се донесе единствен став, а тоа е, Советот на Општина Кавадарци  да ја обжали вака донесената одлука на Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Гуглајќи по разноразните интернет страни, истражувајќи неколку дена. Разгледувајќи го законот за животна средина, законот за граничните вредности на емисијата на гасови, сватив само едно нешто, а тоа е дека:  Полека, тивко, свесно или несвесно го уништуваме овој град. Ја уништуваме најпрво традицијата, а потоа и самите ние се уништуваме како човечки битија. Како човечки битија, најпрво тргнуваме од премисата:„Никогаш не вели дека е тивко, туку вели дека ништо не си слушнал“, ние молчиме или ајде подобро би било да го спомнеме зборот се самоцензурираме. Некој можеби ќе ме праша и дали ние кавадарчани имаме некаква традиција? Да, имаме. Тоа е одгледувањето на виновата лоза. Традиција која се обновувала  со векови и која станала заштитен бренд  на градот. Симбол на градот (знаме и грб) е токму плодот на виновата лоза (грозд).  Веќе неколку години сите ние кои живееме во овој град сме виновници на нашето самоуништување. И затоа со сигурност тврдам дека ако не не се разбуди таа самосвест во нас, тогаш заедно со нас ќе се усмрти и традицијата. А ако се усмрти традицијата тогаш, Кавадарци ќе се претвори во една пуста и темна касарна на живи духови.

Најпрво сакам да споделам неколку исечоци од  „Истражувањето за спроведување и извршување на ИСКЗ директивата  во Република Македонија“, ФРОНТ 21/42 (Март-Јуни 2012)“:

– Во сите издадени А-еколошки дозволи граничните вредности за емисии во воздух се утврдени според Правилникот од 1990 година. Од 1 јануари 2011 година стапи во сила нов Правилник кој изискува промена (најмалку) во издадените еколошки дозволи за Југохром  Фероалојз и Фени Индустри, бидејќи граничните вредности за емисии на цврсти честички, NO2  и CO од инсталација за добивање на феролегури се пониски од оние кои се утврдени во дозволите според стариот Правилник.

– Анализата покажа дека во ниту една А-еколошка дозвола не е предвидена финансиска гаранција која треба да ја обезбеди операторот“ или пак казнени пенали за неисполнување на оперативните планови/програми за подобрување. Ваквиот проппуст води кон мат позиција за МСЖПП бидејќи нема начин како да се принуди операторот да ги реализира активностите од оперативниот план/програма за подобрување (особено кога истиот се соочува со влошена економска состојба). Ова остава простор за злоупотреба од страна на операторите-нереализацијата на оперативниот план, еден вид на уцена („ако инвестирам во активности за заштита на животната средина ќе бидам принуден да затварам или да отпуштам работници).

– Фени и Југохром не добија казна за неисполнување  на обврските (повторно инвестиции во почиста технологија) туку нови дозволи, со нови продолжени рокови. Ниту еден оператор не се „оптоварува“ со финансиска гаранција, и  покрај законските одредби. Не е изречена ниту една казна за неисполнување на обврските во однос на известувањата.

– Во случајот со Фени надлежните дури и одбија барање за јавна расправа од Еко-свест, со образложение дека организацијата не е регистрирана во релевантната општина (тогашниот закон ова го дозволување, но се промени по реакциите и комнтарите на Фронт 21/42).

Следните неколку наслови се изјави од новинари, од медицински лица, од граѓани на град Кавадарци:

– 12.01.2009, 18:13Во Тиквешко од рак на дојка 400 заболени. (А.Д)

– вторник, 15 мај 2012, 16:13, За пет години во Кавадарци се регистрирани 382 лица болни од рак, информира денеска доктор Влатко Д. Алексов, специјалист по интерна медицина од Кавадарци

– Подолу се дадени последните датуми со надминувања на 24 часовните гранични вредности (50 µg/m3) за PM10, концентрацијата при надминувањето, и вкупниот број на надминувања

Станица

Последно надминување

Концентрација (µg/m3)

Вкупен број

Дозволен број

Кавадарци

2013-05-30

74.9

126

35


– Зголемувањето на употребата на исечкана гума за 10 отсто значи зголемување за 100 отсто на канцерогените честички во воздухот. Тоа е катастрофа – вели Ненад Коциќ, претседател на велешкото еколошко друштво, „Вила Зора“.

– Особено е сомнително случајот со „Фени индустри“ затоа што екологистите добија ветување на крајот од минатата година дека процентот нема да се зголеми. И сега одеднаш се случува тоа. Сметам дека Министерството продолжува да се однесува кон другите градови онака како што се однесуваше со Велес, преку мерки кои одат само на штета на граѓаните – реагира Коциќ od „Вила Зора“.

– Во Кавадарци не постојат ни мерни станици, иако екологистите одамна апелираа до Министерството за животна средина да постават инструменти за да се утврди квалитетот на воздухот

– Дали стварно ќе го направат Тиквешкиот регион центар на винскиот туризам?,Дали може да “продаваш“ еколошко чисто вино со “позадина“ на ФЕ-НИ?

– Јавниот настап на нашиот сограѓанин Бранко Тодоровски-Сачмо, кој можете да го прегледате во архивите на ТВ НОВА.

– Од Институтот за јавно здравство од Кавадарци велат дека немаат податоци за тоа како “Фени” влијае врз здравјето на луѓето.
“Од докторите по општа пракса не добиваме извештаи за болестите на луѓето, иако тие се со закон се обврзани да нe известуваат. Затоа ние немаме статистика со која би добиле генерална слика за здравствената состојба на луѓето што живеат во овој крај. А за да спроведеме посебна акција, требаат пари”, велат во Институтот.
Р.Фотиновска

– Јавното излагање на претседателот на еколошкото друштво од Кавадарци, Роберт Паризов, кое исто така можете да го проследите во архивите на ТВ НОВА.

Според мене ова треба да биде битка која ќе ја водиме 365 дена во годината, а не една недела или еден месец. Битка од која не смееме да се откажеме. Битка од која ни зависи минатото, сегашноста и иднината. Битка од која ни зависи здравјето и традицијата. Битка која треба да се води институционално и воинституционално. Битка во која ќе се вклучат сите граѓани на град Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. Не водиме битка во која како победа ќе биде затварање на фабриката и испуштање на луѓето од неа. Туку битка во која ќе се  избориме за исфрлање на гумата како  алтернативно гориво, битка во која ќе покажеме дека здравјето на кавадарчани е побитно од екстра-профитот.

Јас сум против горењето на Гума.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.