Не го враќам Бранко, го враќам Никола во 1992-1998 г. !

Сте се запрашале ли некогаш почитувани од власта и од опозицијата (таа го прави тивко) што би било кога Никола и неговиот тим би биле на местото на Бранко и подржувачите во периодот 1992-1998 г.? Јас често пати тоа го претпоставувам независно од ризикот да ме удри бранот или познатиот репертоар напади од оние кои на добар дел им прераскажувале за главниот ,,виновник,,. Не господа и другари, од тоа време не смееме да бегаме, да се срамиме, да се повлекуваме, па макар тоа го правел и самиот Црвенковски заради интерес на партијата, чин кој го разбирам поинаку од некои во неговата партија кои се затрчаа и прифатија дека тоа е можеби и најсреќното решение за нив и партијата. Не, не сум фактор кој сака да го враќа Бранко таму каде бил, сакам да го вратам Никола, за да разјасниме како би можел, кога би можел да ја води Македонија во исклучително тешкиот период за неа и граѓаните.

Секој малку повеќе упатен во состојбите тогаш (политички, економски, општествени) може да ви посведочи дека да се прифати човек во такви околности да предводи влада се граничи со лудост, сфатете го како комплимент, со храброст да се влезе во борба која 100% ќе навлече противници од секаде и ќе резултира со пораз во меѓупартискиот натпревар на првите наредни парламентарни избори. Сегашната гарнитура нормално или не, тоа сето го врзува ,,со распродажба на националното богатство, со најлошо изведената транзиција, попустливост…,,. Се разбира дека тоа е далеку од вистината, иако за воља на вистината (постојат стенографски белешки) се критикуваа некои потези и од неговите подржувачи, поточно од оние кои вистински застанаа на таа политика.

Некои забораваат каков беше и амбиентот во медиумите тогаш, а забораваат и каков беше демократскиот капацитет на тогашниот премиер околу медиумите. Мислите ли дека треба да ставите знак на еднаквост со сегашната состојба? Тогаш се лажите самите себе си, а потоа и вашите читатели, гледачи, па и сопартијци и симпатизери, ја лажете Македонија. Не кријам, напротив мислам дека неоправдано до ден денес и пофалбите кои можат да се сретнат на адресата на владите на Бранко ги врзуваат за Глигоров, несомнен авторитет без збор и тоа го врзуваат така да изгледа дека Бранко ја имал среќата што го имал зад себе Киро. В ред, но и Киро го имаше Бранко, независно што скромноста и почитта никогаш не му дозволија тоа така да биде присутно во јавноста. Можеби, ете и грубо ќе шпекулирам, дали и ќе му било дозволено од медиумите да биде неговата улога поинаку прикажана. Бранко беше и партиски играч, водеше партија што самото по себе значеше и правење грешки, мораше да мисли и на неа, иако многу му замеруваа дека тоа недоволно го прави за зајакнување на партиската инфраструктура и помош кон другите подржувачи.Но, да се вратам на основното, дали со оваа денешна политика која, опфаќа се ,,вклучително и медиумската логистика ваква каква што е ќе ги имавме истите резултати. Не господа, иако формално сегашната влада со премиерот Груевски не се откажува од постигањата ,,во времето на Бранко,, на внатрешен и надворешен план тоа ќе беше голема непознаница. По кој пат ќе чекоревме денес или дали воопшто ќе чекоревме денес не сакам ниту да помислам. Со ова не сакам да ја убедувам и разубедувам владеачката партија, повеќе би сакал да им обрнам внимание на младите сили и лица во опозицијата дека грешат ако својата приврзаност кон СДСМ ја врзуваат кон некакви нови почетоци, нови визии и нови лица кои тоа ќе го бараат надвор од она што како добра основа за нивната партија и државата го направил Црвенковски. Секогаш можат да се понудат и други решенија, но тие не можат да бидат спротивни на политиките кои го одредиле правецот на држата. Храброста за тоа не би била одвишна, напротив треба да се афирмираат тие вредности (стратешките цели и меѓуетничките односи) колку и да мислат некои внатре СДСМ дека тоа може само да им одзема поени. Тоа сега му го должат на нивниот прв претседател, на партијата и државата.

Секој обид да се избега од ,,времето на Бранко,, и се покаже нов лик надвор од тоа ќе биде кобно за СДСМ,опозицијата и со тешки последици за државата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.