НОВАТВ: ЕК – не е време за политички дијалог со Македонија ниту за министерски посети

Посетата за комесарот не беше прецизно закажана но идејата беше да се дојде во посета и да се разговара со македонското раководство веднаш по завршувањето на изборите и конституирањето на Собрание и новата влада. Истовремено ЕК сметаше дека тоа ќе биде добар момент да се најави почетокот на уште еден дијалог со Македонија, од типот на претходниот Висок политички дијалог кој претставува еден вид вовед во можни идни преговори за членство во ЕУ.

Меѓутоа, изборите во Македонија, според извештаите на домашните и меѓународните набљудувачи, сериозно ги разочараа европските дипломати кои сметаат дека комесарот Филе засега нема што да прави во Македонија. Наместо тоа, тој вчера го прими во работна посета претседателот Ѓорѓе Иванов на која, вели европски извор, му било посочено дека ЕК инсистира на тоа дека раководството мора да се фокусира на реформите и пред се – слободата на медиумите. ЕК се надева дека Иванов примените пораки ќе и ги пренесе во владата и дека, смета ЕК, било добро, и тој самиот да иницира чекор кој би можел да и помогне на земјата.

Во соопштението на ЕК од средбата со Иванов се вели дека се разговарало за изборите и препораките на ОБСЕ за проблемите со медиумите и недостигот на одвојување на партијата и државата во процесот, критериуми на кои јасно се укажува во Копенхашките критериуми. Комесарот рекол дека е неопходен дијалог помеѓу сите политички партии во интерес на земјата. Филе исто така порачал дека е потребно да му се даде посебна важност на решавање на спорот со името поздравувајќи го напредокот направен со Бугарија.

“Не е време за Висок политички дијалог со Македонија ниту за министерски посети. Она што сега е важно е да се работи на најзначајните реформски точки. ЕК ќе инсистира на критичните точки на кои Македонија ќе мора да се посвети”, вели изворот на НОВА. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.