Наведната кичма и свиткано колено

“Човекот кој нема знаење треба да дозволи да биде воден, а оној што е разумен – да води и да владее “. – Платон

Јасно се гледа дека идејата на Платон била дека “природните” владетели треба да владеат а “природните” робови треба да робуваат. Оваа теорија кажува многу јасно дека основниот проблем на политиката на Платон е во прашањето: Кој ќе владее со државата?

Дали во Македонија владеат “најмудрите”, “најдобрите” или пак некои “сосема трети”?
Кога еднаш ќе си го поставиме прашањето “Кој треба да владее ?”, во понатамошната дискусија повеќе од јасно е дека многу тешко е да избегнеме некои одговори , како што се “најдобрите “, ” најмудрите”, “родениот владетел” , или “оние кои ја совладале вештината на управувањето”. Или во постмодерно време, “оние кои имаат пари”.

Но било кој од овие одговори, без разлика колку тој ви изгледа убедливо – е сосема бескорисен.
Најпрвин, еден таков одговор е во состојба да нè убеди дека некои основни проблеми на политичката теорија се решени. Сепак, доколку на овие прашања пристапиме од друг агол , ќе приметиме дека многу основни прашања се далеку од тоа да бидат решени, туку напротив се исфрлени и тотално заборавени. 

Многумина ја поддржуваат и оправдуваат оваа претпоставка на Платон, но не се сложуваат околу тоа дека секогаш “мудрите” и “добрите” треба да бидат оние кои треба да владеат. Доколку е така, зошто секогаш едно општество однапред е подготвено за можноста на идно лошо владеење од некого? Зошто честопати се подготвуваме за најлошите владетели, a надевајќи се на најдобрите?
Оттука и прашањето “Кој треба да владее?” се преформулира во “Како да ги организираме политичките институции да спречат лошите и неспособни владетели да ни нанесат огромна штета?”

Паралелно, се јавува еден навистина интересен феномен кој е тешко разбирлив и врз кого се темели и следното прашање: “Што ако е тоа желбата на народот, да наместо нив, владее некој тиранин?” Ова можеби звучи апсурдно, но не е нималку наивно. Оваа појава најчесто се сретнува во општествата кои имаат мизерни услови за образование и просветлување на својата нација. Намерно или ненамерно. Во една таква ситуација и средина каде процентот на основно необразовани граѓани е алармантен и високо над “црвената линија”, се соочувате со народ или граѓани кои и немаат друг избор освен да свиткаат колена и кичма и да го земат она единствено што им е понудено. Оттука се враќаме на почетокот и воведот на овој текст дека “Човекот кој нема знаење треба да дозволи да биде воден…”.

За разлика од таквите феномени, слободниот човек пак, може да ужива во својата апсолутна слобода. Првин, им пркоси на законите во општеството во кое живее или преживува,  и второ, и пркоси на својата сопствена слобода преку тоа што аргументира јавно против тиранинот. Да, и тоа си има свој цех, меѓутоа историјата покажала дека таквите поединци имаат неверојатна позитивна енергија за мобилизирање, анализирање и презентирање на вистинските реални факти, истовремено пласирајќи им ги на тацна на институциите, а притоа и на оние, “необразованите”. И оттука почнува се’. И зависи од многу нешта во која насока ќе течат работите.

Според Платон, постојат два главни вида на власт. Првиот тип е состав на влада која може да се ослободи без крвопролевање и граѓанска војна.  Вториот вид пак, е власт за која единствен начин да се смени е преку револуција. 

Кога сме кај вториот случај, востаничкиот и револуционерниот, во поново време, американскиот професор за политички науки, Џин Шарп, пишува како може преку ненасилни методи и акции да се симне од власт и најтоталитарниот режим. За тоа зборува во неговата книга “Од диктатура до демократија” во која се презентирани дури 189 ненасилни методи на граѓански отпор преку кој се сменува еден недемократски систем. Неговите принципи на граѓански активизам се применети во голем број земји од светот каде владееле тирани како што ги окарактеризира Платон.Украина, Египет, Тунис, Венецуела, Колумбија, Зимбабве се едни од неколкуте земји каде успешно се спроведени принципите на Џин Шарп. Исто така сценариото за рушење од власт на Слободан Милошевиќ во Србија како и револуционерното движење “Арапска Пролет” од арапскиот свет, е реализирано според неговата книга. Преведена е на голем број меѓународни јазици, а од неодамна и на македонски.Па…бујрум. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.