Наесен, кога ќе почнат ветровите

Наесен, кога ќе почнат ветровите, лисјата на дивиот костен паѓаат прекутрупа, со рачката надолу. Тогаш се слуша звук: небаре птица удрила со клунот вземи. А дивиот костен паѓа и без најмало ветре, самиот од себе, како што паѓаат ѕвездите – вртоглаво. Тогаш ќе удри во почвата со тап крик. Не се раѓа како птица од јајце, постепено, туку наеднаш ќе се распрсне влакнестата лушпа, внатре белузникаво модра, а од неа искокнуваат палавите темни мелези, со светнати образи, како јаготките на насмеан црнец. Во по некоја мешунка се наоѓаат близнаци; сепак, за да можат луѓето да ги разликуваат: еден на челото има белег, како коњ. Мајката, значи, секогаш ќе може да го препознае – според ѕвездата на чело.

Момчак ги собира костените што се скриле во дупките на тревникот и ги става под образите. Устата му е полна со некаква леплива горчина. Момчакот се поднасмевнува. Би требало да се искачи на гранка, да одбере еден грозд и да чека. Да не му се даде на ангелот на сонот да те измами. Би требало макар најмалку три дена и три ноќи, без јадење и пиење, без сон и починка, да се гледа плодот. Како кога се гледа малата стрелка на часовникот. Боцките се стврднале и кон врвот малку потемнале. Ако ги допреш невешто, на прстот ќе ти направат дупче, па ќе потече твојата убава, црвена крв. Ќе мораш тогаш да си го шмукаш твојот валкан прст со кој до пред малку си правел грутки од кал и коњски измет. А може да дојде и до труење на крвта. Кога тоа ќе се случи децата умираат. Ќе ги стават во мали позлатени сандаци и ги носат на гробишта, а по сандакот одат мајката и таткото на момчето, и, се разбира, неговата сестра, ако имало сестра. Мајката е целата во црнина, не ѝ се гледа лицето. Само таму каде што ѝ се очите, црната свила е влажна од солзите.

Една белолика госпоѓица во црна униформа на гимназистка седи во некоја кристална светлина која доаѓа низ полуспуштени ролетни. Сонцето врз лилавите шишиња со колонска вода црта ѕвездички од злато.

Е па, еве ја тајната на мирисот на темјанушките: госпоѓицата која ги продава сликичките на пеперуги и диви ѕверови, како и парфеми, најмногу од сите мириси го сака мирисот на темјанушки. И го става насекаде штедро: на дланките, на бујната лисеста коса (иако на лисестата коса, најверојатно, подобро би ѝ одговарал некој друг мирис)…

Би требало да се компонира фуга за оркестар и јоргован. Да се изнесуваат на подиумот во мрачната сала лилави шишенца од облагородени мириси.

Оние, кои тивко, без крик, би се онесвестиле, би ги изнесувале во друга сала, каде што би се ширел детинскиот, лековит мирис на липа и камилица.

извор: Окно.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published.