На педесет метри

Верувам дека е многу битно човек да живее низ еден, така да го наречам – општ поглед. Да живее низ прозорец кој ќе му овозможи да ја види целата слика, панорама и држава, или пак да живее во четири sида и ништо да не види? 

Луѓето и нивниот живот, низ затворени врати и прозорци, и сиот тој свет на лудила и репресии ни го опишуваше низ обемната литература онај луд французин, Мишел Фуко. Свет во кој ние, како фини и пристојни граѓани не сакаме ништо да знаеме: за болниците, клиниките, лудниците, затворите. Ихааа! Да одиме со ред, господине По, чувствувам дека ова ќе биде замрсена интроспекција.

Во делото “Надзор и казнување”, Мишел Фуко ја даде најсуштествената дефиниција за затворот. Тој ни ги наведува неколкуте дефиниции на затворот. Најнапред, “затворот е малку построга касарна, немилосрдно училиште, подземна работилница”, но и “омнидисциплинарна институција, чие дејствие на единката е целовито и потполно, тоа е непрекината дисциплина”. М. Фуко исто така ја изнесува и економско-моралната оправданост на казнениот систем “кој се соочува со казните во денови, месеци, години, воспоставувајќи квантитативна еднаквост измеѓу кривичните дела и должината на казна во затворот – Човекот е во затвор како би си го отплатил својот долг”.

Не ми е позната лудницата и затворот; може пак и дека не сум толку љубопитен или, не сум ја предизвикувал ѓаволската златна паричка: свесен дека уште од почетокот на средниот век, европскиот човек нештото го нарекува како лудило, бахатост, безумност. Имено, се создава тенка линија или преклопување, измеѓу лудилото и разумот, се преобликува јазикот, и тоа коренито. Од средниот век па се до ренесансата, човечката расправа за безумноста била драматична расправа во која човекот константно бил во војна со слепите сили на светот; a искуството со лудилото тогаш било замрачено затоа што во посред се наоѓале Падот и Извршувањето, Sвер и Преобрат со сите чудесни тајни на Знаењето.

Тоа беше Мишел Ф., а мене сега итно ми треба свеж воздух и прозорец како неограничен ресурс на еден човек. Седам и ги типкам овие букви и зборови во соба која е мала, затворена, но сува и нема влага. Подавам рака, испружувам колено но не сум сигурен дали сум во затвор. Генерал Жданов го нема да изврши надзор на овие зборови, значи се е во ред. Погледот е вперен нанапред како би можел да ги видам сите оние луѓе кои се Надвор а кои се би дале да се Внатре. Нивните работни саати кои се испреплетени со работни денови, месеци и години; дејствија во кои “луѓе како тебе не би го работеле тоа за тие пари”, но нема многу фолирање, тие ќе го прават тоа и за многу помалку: деца, жена, хипотека, ролерки, компјутер.

Океј, гаси! Мир, врати се во реалноста, господине По! Добро, лежеше во болница и што? Беше темно, пот, жед, одвратна миризба а никој до тебе. Ја подигаш главата, гледаш на левата рака некаква цевка која оди низ закачалка, протнат на цуцла од која истекуваат некакви меурчиња – едвај чекаш од неа да излезеш – по можност – жив. Да, ти си пациент! Ти и сите останати во просторијата. Лежите во полумртва состојба, како некакво парче од говедо кое е испреплетено со бодликава жица; очите се ококолени во вид на глобус, немислосрдни крици со надеж дека ќе дојде стопанот да те спаси или да те убие, како не би продлжила агонијата и лудилото од болка. Во меѓувреме слушаш – не дека не слушаш! – лоша фрекфенција на радио, лудачки еха од кломпи расклацкани низ ходниците, заедно со распосланите фрази и довикувања – Миро, ќе пиеш ли мори кафе?, сетоа она што ти не го можеш, сето она што не го смееш. Имитираат живот, дух, енергија за плата. Слушаш се, додека во себе пропаѓаш. И благодарен си им, на таквиот живот во кој може и припаѓаш, ама во моментот не можеш ништо да им речеш.

Пак доаѓа ноќ за сите нас, и лежечки и стоечки (а проклето рано се стемнува!), мирни се јагнињата болнички, мракот ја зема својата улога на едно големо Ништо во кое ти се чини дека некој повторно те заклучил во саркофаг, го фрлил клучот, и веќе никој никогаш нема да може да го пронајде. И така, повторно ќе се запалиш, ќе почнеш да се потиш, да те фаќа страв, паника, па повторно ќе го издолжиш вратот како би можел да видиш само за момент што има тамо преку, па повторно ќе ја видиш истата квадратна светлина, истите луѓе кои се Надвор, кои некаде се движат, а посакуваат да се Внатре, истите оние светла кои се палат и гасат. Надворешен е тоа свет. Свет кој доаѓа и си оди, легнува и станува. Тамо преку, на триста метри од тебе! Реков триста? На педесет господине По, на педесет!

Leave a Reply

Your email address will not be published.