На Глигор Чемерски

пишува Бранко Тричковски

Во две илјади и незнам која година, можебе шеста или петта беше, Манчо Митевски ми ја донесе во “Утрински весник” “Магичната птица”, графика од Глигор Чемерски. Со посвета: “На Тричко…” и неколку топли зборови почит за мојот новинарски ракопис. Бев возбуден и почестен.
Преку Манчо или преку Ерол, не се сеќавам, јас го запознав Глигор, беше тоа во редакциските простирии на “Даме Груев”, но ништо повеќе од по некоја банална уфрлица во нивните муабети.

Потоа правевме интервју во неговото ателје на “Партизанска”. Ѕвездан Георгиевски го правеше за неделникот “Глобус”. Се сеќавам дека ми беше многу непријатно од тоа колку малку знам за да можам да го прашам за работите за кои тој толку многу знаеше.
Мавнавме по некое виски, а потоа Чемерски извади едно фантастично вино кавадаречко и кашкавал на некоја штичка.
Целиот беше збрчкан и влажен во огромните очи, со изразит тремор во рацете и третеп и мека зарибаност во гласот. Мрсната кадрава коса, неправилно расфрлана на сите страни му беше како извадена од неговите слики. Во испрекршените зраци на сонцето што влегуваше низ валканите џамови од кај “Партизанска” ми изгледаше како врамен во сопственото дело. Целата таа глетка, збогатена со непрекинати движења на главата и гестови со рацете, му даваше на секој негов исказ дополнителна мешавина од интелектуализам и боемштина.

Уште пред тие контакти, знаејќи го неговиот опус во мозаиците, јавно предложив да го ослика во камени плочки покривот на Македонскиот народен театар. Сакав да направи монументален градски амблем, како покривите на црквите што таа година ги гледав во преносите од “Тур д Франс”! Идејата му се допадна и му беше драго што го бев одбрал него за автор на тоа дело. Му се допадна и идејата сам или со други уметници да направат грандиозен мозаик врз некоја долга пешачка патека.

Чемерски ми доаѓаше пред очи и во огромните холови на Клиниката “Мајо” во Рочестер, Минесота, каде што минувавме многу време со мојата Анета која тука се лечеше. Тие холови беа украсени со фантастични дела на голем број автори од целиот свет, па си мислев, зошто да го нема тука и него, ми се чинеше дека неговата колоритност и потез, па, на некој начин и тематика, совршено би се вклопиле во тој неверојатен амбиент на надежта. Сакав да му предложам самиот да предложи некое свое дело за откуп.
Не знам што се случи со таа идеја, но знам дека пред четири пет години, кога јас бев во најтешка финансиска криза, ми нудеше за срамно ниска цена да откупам некое негово дело по избор. Се сретнавме во кафето “Корзо”. Умирав од срам што требаше да му кажам дека ги немам ниту тие ситни пари. Бев многу среќен кога под дејството на прилични количества “џејмсони”, темата за откупот се трансформираше во теми за се и сешто, најмногу за политиката и за истиријата на уметноста. И во двете пливаше како Марк Шпиц. И со алкохол и без алкохол.
Секогаш ми причинуваше огромно задоволство да го сретнам и да разговарам со Диче. Така го викаа поблиските, јас не. За жал, тоа не се случуваше често. Последен пат го сретнав пред “Три бисери”, итаа некаде со газдата на “Т’га за југ”. Ме гушна и посака да се сретнеме. Беше тоа пред не повеќе од десетина дена.
Тој беше редок човек кој беше во состојба со својата појава, со своите гестови, со својот говор, да ги разнесува провинцијалните комплекси и срамовите што не облеваат кога ќе наидеме на страшните судири меѓу личните самопретстави и претензии и смешните потенцијали на поединци, кои доминираат и ја диктираат бојата со која зрачиме како општество и како нација и ме сталожуваше во очистеноста од страшните ограничености на локалната самоизмама. Со неговото сликарство и со неговата личност човек можеше да сподели дел од светскиот модернизам. Личност и уметник од светски калибар.
Збогум Глигор!

Leave a Reply

Your email address will not be published.