Мудроста стаса во Македонија

Љубиша Георгиевски ни приопшти дека двомиленумската длабока народна мудрост си дојде дома за да го побара нашиот ум преку личноста на Никола Груевски

Љубиша Георгиевски, познат режисер, политичар и дипломат, и’ приопшти на јавноста дека мудроста, конечно, стаса во Македонија. И тоа не онаа обична секојдневна плитка доза на саде ум, туку двомилениумска длабока народна мудрост која, на наша голема среќа, повторно ја посети татковината од каде што одамна заминала. Длабоката народна мудрост си дојде дома за да го побара нашиот ум преку личноста на Никола Груевски, ни откри во „Вечер“ Љубиша Георгиевски. Нашиот режисер го прогласи нашиот премиер за месија и спасител испратен од Бога. Нема образложение зошто и со кои дела, ама штом е од Господ, и не се прашува.

Досега сенароден мислител беше Блаже Конески, човекот што ја одразуваше „суштината на македонското битие“ и на кој „му немаше рамен во длабинското читање на душата на Македонија“. Тоа е така според Евангелието на Матеја Матевски и Гане Тодоровски. Според Љубиша Георгиевски, еве, имаме уште еден сенароден деец и мудрец Никола Груевски. Конески и Груески стасаа рамо до рамо во пантеонот на заслужните за Македонија. „На Конески, како научник и уметник, му се падна во историска обврска и во достоинствен долг да ја растолкува јавно и одговорно и со аргументирана уверливост суштината на нашата национална самобитност“. Тој со своите дела и го направи тоа. Затоа Гане Тодоровски за неговите исклучителни заслуги му ја посвети синтагмата „национален мислител чие врзување за имиња на заслужни творци се подига симболично во траен и величав монументум на адмирација и современички почит“. Ова што сега Љубиша Георгиевски и’ го соопштува на нацијата за големата среќа што не’ снајде сите нас од инкарнацијата на двомиленумската длабока народна мудрост во ликот на Никола Груевски е случај без преседан во историјата на македонскиот народ. Такво величие не добил досега ниту еден творец, револуционер, најмалку политичар. Ни во времето на комунизмот ваков панагерик немало. Вакво нешто не сум чул ни прочитал дури ни од најголемите полтрони на Тито. Имало оди и песни во слава на маршалот, ама двомиленумска народна мудрост изразена во личноста на Тито, такво нешто не напишаа ни најголемите комунисти.

Што се однесува до делата на Никола Груевски, со кои тој трајно ги задолжи граѓаните на Македонија, тоа е навистина херојство и големо јунаштво. Што тој се’ направи во Македонија и за Македонија во овие седум изминати години и што подготвува да направи во наредните години, тоа може да го направи само херој и голем јунак.

Еден ден Татковината ќе ги препознае сите нејзини вистински јунаци. Од тоа нема бегање.

П.С. Почитувани читатели, одлучив малку да ве одморам од мене. А богами и јас да се одморам. Заминувам на годишен одмор. Малку ќе ловам риба, а ви подготвувам и мало изненадување. Ќе работам на тоа да видат бело видело и моите книги. Бидете поздравени, се гледаме во октомври.

Извор Утрински

Leave a Reply

Your email address will not be published.