Мртво летало

Има вечери во кои сакаш да се распостелеш низ креветот и да погледаш некој добар филм, ама некој од мака  рекол дека “ѓаолот нит копа нит ора“, па пред  да се ослободиш и да завлезеш во своите  “симпатикус инстикти“,  притискаш низ онаа ѓаволска работа  како  би наишол на нешто што не си наишол изминатиот  ден. И види богати, се мешаат повторно некакви нано-дразби кои ти стигаат до мозочните клетки за кои – нема кој да ти каже – креираат светови!

Млад симпатичен маѓионичар од локален карактер проектира “реалност“ во која  не  само што нема да биде “обичен“туку ќе биде и “величествен“. Локалците  избезумени од неговите вратоломии бараат фракталче надеж преку копнежот на воодушевување или олеснување, а програмите, сималакрумите како и перцепциите на Волшебникот не се наменети  толку за поигрување со луѓето, публиката, нивните желби и емоции, колку со самата Реалност.

Ова е мала карикатура од моја страна, но ликовите се препознаваат?!

Ги гледам, ви велам, синоќа, Нонковиќ, тој  наш “народен трибун“ и Бурекот,  и  се  веќе ми станува гротескно. Има нешто страшно кукавички во политичкиот сималакрум наречен “Јади Бурек“ (без сирење?) и аналитичарот од Брисел,  Нонковиќ (интернационална тазе пифтија?). Не само што ја убиваат критичката дебата низ оној претенциозен  синоќешен “мудросер“,  туку  ја претвораат “мозочната ќелија“ на  Македонецот во едно  мртво  летало  кое  како  да  е  стационирано  на Отпад; летало  кое  на прв поглед  делува стабилно, ама секој здраворазумски човек знае, со такво летало  никаде не се лета. Имено, Македонија е во слободен пад. Идеолошките разлики се изгубени, ако некогаш навистина и ги имало. Преостанаа само стилските и козметичките разлики. Тоа значи дека Груевски и Ахмети постојат само на митинзи, на телевизии, на “случување на народ“ и коекакви останати  ментални вратоломии.

Денешната “модерна“ Македонија, сиц! – постои на трибини, на фудбалски стадиони и слични спортски манифестации. Не случајно кај Бурекот, на среде кавга преку Скајп со светот, вселената и стратосферата,  се појавија ракометарките на Кометал од онаа мината 2001 год. кога беа  Европски шампиони, небаре Груевски ќе се преоблече во дрес од Кастратовиќ и ќе забива од деветерец голови на Клетата Европа, право  во нејзното “меѓуножје“?

А сега малку сериозно.  Зарем магијата на инерција, негативната стабилност (како со авиончето од Отпад, кое го гледаш дека е тука, си лежи мирно) и Апсолутната неодговорност, станаа толку силни што ги поколебаа дури и оние за кои претпоставувавме дека влегоа во политика поради идеали?! Или можеби сите се испофативме на Бурек-сималакруми до таа мера што ни се чини дека се тотално неискорениви така што  ја поништуваат секоја конструктивна активност? Ова се прашања на кои Иднината ќе одговори. Под услов ако некогаш ја има.

Имено, Хегел напиша дека “историјата никогаш никого ништо не научила“. И затоа историјата непрекинато  се повторува. Нарочито кај нас.  Отпорот кој беше зимоска како производ  на “Проклетиот 24-ти декември“, како производ на апсолутната и тотална власт на една партија  во општеството,  не делуваше  ниту тогаш, додека траеше, а нема да делува ниту  денес, во смисла да се промени груевистичката  бахатост, неодговорност и штеточина,  како би се фатиле во костец со историските предизвици. А тоа значи земјава да се Отвори и да се придвижи кон Европа!

Ама пак се ми звучи гротескно! Гледајте, јас зборувам за концепти, а тие  ќе ти речат  “не сери, нам не интересира шминка“! Чаре? Длабок рез, принципиелна политика, никакви идиотски коалиции само како би се удоволиле партократските газови. Да ви дадам еден пример зошто не треба да се влегува во коалиции.  Во Велика Британија, партија која се залага мнозинскиот систем да се замени со пропорционален. Таква  партија постои  и  трае со децении,  и не е исчезната од политичката сцена. И се бори принципиелно за таа една работа. И ви велам, не е исчезна од сцена. Дури и многу не се брукала и срамела  со разни коалиции и компромиси. Значи постојат примери за тоа.  Ама пак ми звучи се гротескно! Кој во моментов е спремен за еден ваков рез на промена? Засега никој.

„Кога ќе се претера со концептуализација и опто-електронски  илузии“, ни пишуваше Пол Вирилио, “повеќе немаме мала и голема катастрофа која се случува внатре во реалноста. Она што следи е катастрофа на самата Реалност“.

Погледајте го Бурекот, погледајте го тој “народен трибун“ Нонковиќ, погледајте го Миленко, погледајте ја Мирка, погледајте го  рудиментираното  пискарало Латас, погледајте ги режимските медиуми.  Размислете. А леталото “од погоре“,  можеби е мртво, а можеби веќе од денес ќе почне да  лета?!

Извор jovanovic.blog.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.