Сара Зиф: Mрачната страна на манекенството

 

“На 30 години, повеќе од половина живот работев како модел, од 14 години кога еден фотограф ме здогледа на улица додека се враќав од училиште” ја започнува Сара Зиф својата приказна.

“Имав среќа да бидам заштитно лице на многу брендови. Уживам во манекенството, работа која не само што ми ги плаќа сметките, туку ми овозможи да се запишам на факултет и ме направи финансиски независна.

Во најголем дел тоа е забавна професија, така што наизглед немам причина да зборувам лошо за индустријата која ми даде толку многу. А сепак, пред неколку години решив дека не можам веќе да премолчувам некои систематски злоупотреби кои моите колешки и јас ги искусивме од прва рака.

Во 2010 година го објавив документарниот филм Picture Me во кој ги вметнав моите искуства и искуствата на другите модели во овој бизнис – и добрите и лошите. Во текот на пет години колку што носев со себе мала камера на сите снимања и модни ревии за да забележам што се случува зад кулисите, добив материјал од 300 часови.

Приказните за сексуалното злоставување, нажалост, беа сосема вообичаени. Една манекенка сведочеше како отишла на кастинг кај светски познат фотограф кој ја замолил да се соблече а потоа и самиот се соблекол и барал сексуално да го допира.

Мојот филм означи пресвртница – прв пат манекенките беа од другата страна на објективот и зборуваа за своите гледишта на индустријата која често не остава на цедлио и прави да се чувствуваме неми.

Нашата индустрија често предизвикува критики од страна упатени на манекенките на сметка на нивната тежина и изглед. Постојано слушам коментари од типот “Изеди хамбургер!”

Се поголемото присуство на необично слаби манекенки на пистите е добро познато. Она што се знае помалку е дека долго време нашата индустрија се потпираше на детската работна сила која е ценета поради својот адолесцентски изглед. 

Таа опсесија не само со младоста, туку и со многу екстремната младост, е проблем. Една девојка од 13 години може да биде природно слаба, како грисина, на начин на кој развиената жена, со колкови и гради, не може – ниту треба кон тоа да тежнее. 

И мислам дека треба да се запрашаме себе си зошто тоа стана идеал. Зошто ја имаме таа перверзна фасцинација со слики на девојки кои се премлади и неискусни и многу ранливи? 

Во модата преовладува синдромот на Петар Пан. Штом почнеме да покажуваме знаци на зрелост, ни велат да одиме на екстремни диети или не заменуваат со помлади. Моделите никогаш не пораснуваат. А тоа испраќа порака на жените дека не им е дозволено да пораснат. 

Мојата колешка Ејми Лемонс, која веќе од 12 години почнала да рекламира женска гардероба, на 14 го достигнала статусот на супермодел и завршила на насловната страна на италијанскиот Вог. Но веќе три години подоцна почнала да добива облини и нејзиниот агент од Њу Јорк ја советувал да јаде само еден колач од ориз дневно, а ако тоа не е доволно, да изеде само половина.
Ејми сфатила. Ми рече “Тие мене мртви ладни ми порачуваат да бидам анорексична.”

Во модната индустрија нема ограничувања во врска со тоа кој може да рекламира облека за возрасни. Лично мислам дека само полнолетните личности би требало да бидат ангажирани во тие ситуации.

Друг проблем се условите за работа. Од кога излезе мојот филм манекенките сами ми приоѓаат и ги споделуваат своите приказни со мене. Иако многумина мислат дека манекенството е одлична професија, голем дел од нас не добива високи хонорари. 

Некои ги изгубиле своите животни заштеди поради бескрупулозни агенти. Други се принудувани да се сликаат без облека против своја волја.

Во Њу Јорк голем дел од дизајнерите плаќаат ‘во компензација’, што значи дека услугите ги плаќаат со гардероба а не пари. Тоа не е нелегално – менекенките генерално се сметаат за независи изведувачи на работа а не вработени, па затоа законот за минималец кај нив не се применува.

Но киријата не се плаќа со облека. Покрај тоа, има нешто длабоко вознемирувачки во фактот дека најбогатите и најмоќните брендови изнајмуваат малолетни девојки и не им паќаат со пари.

Моделите со кои зборував навистина ја сакаат својата работа, но не и нечесниот и противзаконски третман кој оди заедно со тоа. Бидејќи групата е секогаш посилна од поединецот, во февруари 2012 годинаја основав Модел Алијансата, непрофитна работна група за манекенки кои работат во американската модна индустрија.

Во мај, неколку месеци по одржувањето на состанокот со сите 19 уредници на интернационални изданија на магазинот Вог, тие издадија известување дека нема да ангажираат модели помлади од 16 или такви кои изгледаат како да имаат пореметување во исхраната. Мислам дека таа дефиниција е малку проблематична, но е значаен чекор со оглед на тоа колку оваа индустрија се противи на промените.

Основавме систем за анонимни жалби, работиме со водечките луѓе во индустријата со цел подобра финансиска транспарентност на агенциите и составивме закон за приватност во бекстејџот, за да ги оттргнеме нападните фотографи додека манекенките се преоблекуваат.

пред нас и понатаму е долг пат. Работиме на законската заштита за децата манекенки во САД, бараме закон кој ќе подразбира согласност на манекенките кога станува збор за снимање голи фотографии како и квалитетна здравствена заштита.

Модните фотографии ја сочинуваат нашата култура и не можеме да промовираме здрави слики ако не го заштитиме лицето на нашата индустрија. Сфаќам дека модата е некој вид на ескапизам и дека многумина не сакаат да размислуваат за тие работи додека го листаат магазинот.

Секако дека ќе го уништите гламурот ако застанете да се запрашате – дали оваа девојка навистина има 13 години? Дали постои клаузула во нејзиниот договор дека не смее да се здебели повеќе од 2цм на колковите? Зарем не треба да е во училиште?

Но исправувањето на овие злоупотреби започнува така што овие девојки ќе ги гледаме со други очи – не како дехуманизирани слики, туку како човечки битија кои заслужуваат исти права и заштита како сите други работници. 

Ако вложиме повеќе труд во давање моќ на манекенките, можеме да го промениме и видот на сликите кои ни се сервираат. “

 

 


 

Leave a Reply

Your email address will not be published.