Мореее, арамии!

1.

Секој поим, ако е сериозен, барем во македонскиот јазик, има многу варијанти и варијации, безмалу цела лепеза, во зависност од контекстот, ситуацијата, случката… На пример, поимот глупак може да има едно чудо варијации (еквивалентно на бројот на глупаците кај нас), секоја со деликатно различно значење, со финеси што му се откриваат само на добриот читател. Па така, во дадени контексти, исто или слично значење може да има и зборот шутрак или шутраче (за помал шутрак, не како оној… да не кажам кој!); потоа зборот шапшал, па абдал (нешто слично на будала, ама со финеси), токмак, тупак, тупамарос, акмак (слично на абдал), ѓон, завеан, шлакнат… Некој лингвист сигурно ќе допише уште којзнае колку. И тоа е вистинско богатство на јазикот. Да кажеш некому дека е глуп на едно чудо начини, со варијации на тема. Убавина.

2.

Истото важи и за (кај нас) сѐ поактуелниот збор крадец. Зборот крадец веќе никој и не го употребува, освен во исклучителни случаи, за некакви поситни прекршоци од тој тип – демек украл еден леб и литар млеко, од немајкаде – и со тој збор ги честиме обично оние кои не можеме да ги сместиме во другите категории. Лесна категорија. Но лопов, на пример, звучи доста посериозно и по малку влева страв. А има уште едно чудо други. На пример, џепчија карактеризира специфичен тип на крадец, оној што оперира безмалу исклучиво низ туѓи џебови. Но и тие се, всушност, веќе застарена категорија. Кој денес има пари во џебот? Нема што да џепарат!

Затоа пак, интересен е зборот ајдук, како стара варијанта на крадец. Само не знам зошто овој збор се трансформирал во така лоша варијанта, крадачка, кога нашите ајдучки чети сме ги учеле како нешто позитивно? Потоа, бандит (што е увезена англосаксонска варијанта), па тат (не од ТАТ, туку од крстозбор), па лева рака десен џеб (што повторно е подваријанта, во случајов описна, на џепчија), па можеби неранимајко (иако тоа е некаков деминутив), особено апаш (не знам дали доаѓа од Апачи?)… итн.

Но, за мене, за мојот речник, зборот арамија како да ги обединува сите други. Арамијата е вистински шампион на крадците, на апашите, на џепчиите, ги има карактеристиките од сите нив заедно, и повеќе, надминува сѐ што можете дури и да замислите во тој „занает“. За него нема дефиниција, нема опис, нема само една карактеристика. Тој е крал на крадците, најдолното суштество на човечката скала, од него се срамат дури и оние ситни лопови, бандити и останатата братија. Зашто арамијата е спремен на сѐ: ќе ви брцне рака во џеб, ќе ви украде паричник од палто, ќе обие автомат за пари, ќе ограби банка, ќе изврши вооружен грабеж… ќе направи сѐ за да дојде до пари. И не е важно чии се парите и не е важно дали воопшто му требаат баш толку пари. Колку повеќе, толку подобро, вели тој, или таа!

3.

Арамијата како најдолен можен човечки вид, по правило успева да се инфилтрира секаде зашто нема ни физички ни други особени карактеристики по кои би го препознале. Тој, едноставно, е – арамија, и може да се појави секаде, во секаков облик. Не носи маска, таканаречена фантомка, нема оружје, често но не задолжително е во модерен костум, со актен чанта итн. Односно, прилагодлив е според приликите. Чиста мимикрија. Омилена му е политичката сцена, зашто таму најлесно се крие. Ги има премногу како него, па ептен добро може да се сокрие. Нема шанси да го видите! Chameleonus Macedonikus!

Арамијата умее да се приспособи на сите услови. И да чека. Ама кога ќе дочека – плаче мајка! На сѐ. Сакате осум милиони евра, сакате осумдесет, за него е сеедно. Што е право, не сака премногу да си ги валка рацете. Тоа го прави само на почетокот на кариерата, додека да стекне (само)доверба. Потоа, ужива во тендери. Тие му се хит рекреација. Додека кажеш пиксла – отишле осум милиони. Евра, се разбира. Толку успеале да откријат. А којзнае колку се. Ќе се види кога келнерот ќе дојде со сметката. Или шумарот со пушката.

4.

Оттука, не сум многу убеден дека ќе ги најдеме нашиве арамии. Мислам на оние во Центар. Со осумте или господ знае колку милиони евра. Зашто нема ни келнер, а богами шумарот се загубил во сопствената шума. Иако Жерновски се труди да биде добар келнер, ама не му ги признаваат сметките. Бараат Oberkellner! Ама тој оберкелнер не се одзива(л) на името Жерновски туку, велат, на некое друго. Ама никој не кажува на кое, но сеедно, и така го нема никаде. Не може ни шумарот да го најде.

Иако, всушност, не ни треба ни келнер, ни оберкелнер, не ни треба ни Жерновски ниту оној непознатион, зашто сѐ е толку јасно и транспарентно, што појасно не може ни да биде. И сите ги знаат арамиите. По име и презиме. И по количината на пленот. И што тука има некој да се дума?

И, нормално, сите велат дека се невини. Па тоа го говорат 99% од луѓето во затворите. Така барем велат во филмовите. А јас на филмови им верувам. Како на оној на Даркота Митревски за „Macedonia Timeless“ (читај „Скопје 2014“), за којшто сега добил цееела една награда во Баку, Азербејџан. Јеботе! Ама, што ти е филм. Како по обичај, нема врска со реалноста. Таму не се говори за осум милиони евра. А сепак, човеков и претходно си беше награден, само со наши пари за „Трето полувреме“. И за добро завршена работа. Па си ојде во Америките, од таму да ни соли памет. Абе, како си ги редат работите! А шумарот го нема, па го нема.(Да не се загубил помеѓу оние 50-тина милиони новозасадени дрвца?).

5.

Да се вратам на невините. Јас им верувам. Тие едноставно биле вшмукани во таква арамиска машина, не биле ни свесни. Или биле?

Жерновски вели дека се виновни вработените во Општина „Центар“. Кои? Чуварот и чистачката, тие ли ги потпишувале тендерите, ги префрлувале парите? А градоначалникот, што правел, шетал низ Фиренца? Со кого? И тоа остана нерасчистено.

До душа, само уметничката вели дека „почиста од неа нема“. Другите – молчат! И човек мора да ѝ верува. Да ти исплати некој милион и половина евра и да ти рече „ај сега бркај работа“ е чисто како солза. Тоа демек да ти било вообичаена работа последниве години кај нас. Иако нешто не штима во математиките што таа ги прави. Зашто, за лавовите кај Ацета таа вели: „Трошоците за еден лав од 2,5 метри изнесуваат 15.000 евра од кои за мене за авторски хонорар се 1.500 евра. Вкупно за двата лава имам земено 3.000 евра авторски хонорар“. Ама после, кај Филип односно кај истите лавови, само за 1 метар повисоки, се случува нешто чудно, односно: „За двата лава по 3,5 метри хонорарот изнесуваше 34.000 евра, што значи еден лав е 17.000 евра“. Е па сега, колку е всушност хонорарот за еден лав, 1.500 евра или 17.000 евра? И како тоа нашиве пресметуваат хонорари, по парче, по кило, по цртка? Ама сеедно, и тоа влегува во доменот на познатите (и јавно прифатени) македонски уметнички слободи и интерпретации! Како кај Станковски алиас Сарајлија, кога безочно лаже. И башка, на кој уметник му оди математика? А тука требало да се справува со цели 1,5 милиони евра!

6.

И на крај, како по обичај, главната улога во сево ова, ја игра нашено Министерство за култура. Па тоа ти делело милиони (евра, се разбира) „капом и шаком“. И не ги интересирало каде и како се трошат. Важно да се потрошат. Не дај боже да остане некое евро во касата. Тодоровиќ фактурирал, овие исплаќале. А уметниците изигрувале сметководствени фирми. Исплаќале евра и собирале фискални сметки. Иако не им требаат, никој не им ги бара. И самите себеси си исплаќале авторски хонорари. Милина. И затоа секогаш ми биле сомнителни некои „уметници“. Па тие всушност ти биле – сметководители! Подобро им оди тоа од уметноста.

Па после нѐ чудат оние 166 парчиња златен накит од музејот на Македонија! Колку може да чинат тие (божем) непроценливи нешта? Илјада евра парче, две? Пута 166 тоа му доаѓа 332.000 евра. Ај нека бидат 500.000 евра, куќа (односно Министерство) части! Што е тоа спрема 8 милиони? Кој ти гледа ситнурии.

А всушност, да не е смешно, ќе беше трагично. Можеби и за тоа го возобновија театарон „Краљ Александар I Караѓорѓевиќ“, за да се играат вакви комедии? Ама ова не е ни кралска ујдурма. Ова вреди и за крал и за цар! Како и да е, ваквите арамиски претстави изгледа ни стануваат секојдневие. Можеби и тоа ќе привлече нов бран туристи, како што смета едно шутраче во „Утрински“?! Но, за таа супер-тема во следната прилика.

(сликите и текстот на Златко Теодосиевски се преземени од пријателскиот портал Окно.мк)

Leave a Reply

Your email address will not be published.