Мораме да ги знаеме за да ги победиме!

Имам впечаток дека инвазијата на руските единици во Украина не беше ништо во однос на агресијата на најбаналните пропагандни шаблони за претседателскиот кандидат на опозицијата врз интернетските портали и социјални мрежи. Ако тие дежурни љубители на Дукатот не ги фати некоја сериозна малаксаност или просветление, ќе стигнат да го обезбедат поразот на Стевота Пендаровски дури и во случај на директен судир на Хорхета со некоја летечка пастрмајлија за време на авионскиот лет на дотичниот за каде било!

Тоа е најпојавната, ако така може да се каже, слабост на опозицискиот влез во изборната фарса што ние што дозволуваме да бидеме измамени, ја викаме битка на сѐ или ништо – тоа цунами на блесави, бесмислени, глупави и банални статуси, постови, лајкови, твитови и цели текстови што го заплиснаа јавниот простор по Конгресот на СДСМ во „Александар палас“, макар што, колку што се сеќавам, таму немаше никакво земјотресение! Таа експлозија на рутината, на обичноста, на навиката, на отпорот кон напорот на мускулите и на ганглиите, на неписменото навијаштво и на многу други аспекти на менталниот код и на политичката култура што ја затрупуваат, како есенски лисја кучешко гомно, исклучителноста, историчноста на моментот давајќи му исти шанси на човекот да се лизне и да си ја скрши главата!

Во електронските медиуми како и во пишаните медиуми луѓето ја репродуцираат сопствената суштина и филозофија односно тие се клонираат самите себе, тука не се остварува нова вредност не затоа што не може да се оствари, туку затоа што за да се оплоди таа нова вредност, потребни се квалитетни културни, дефинициски и диференциски сперматозоиди, а не шупливо семе на вообичаеноста, на нормализирачката интенција под нивото на реалниот конфликт, таму каде што треба да се нагласува разликата.

Социјалдемократскиот сојуз цело време одбива да оди во политичкиот конфликт врз основа на ставот за тешката и тажна, драматична, се разбира, ситуација што е произведена свесно и систематски и има културни, национални и историски импликации и се решава да оди во судир врз основа на оценките што проблемот го сведуваат на грешки и лоповлуци. Дури и таму кај што можат да се чујат приближно реални оценки за методите и последиците од владеењето на вемерето, нема ниту назнаки од реални анализи зошто и како се случиле ( бидејќи никако не се третираат како произведени) тие последици и кои се воопшто тие чипирани идиоти, тие вампири кои од осум литри крв на Македонецот по осум години му оставија 200 грама и тоа сите за стомакот и ниту грам за мозокот!

 

СДСМ отиде со паролата „Македонија заслужува претседател“, но јас би рекол дека ваква каква што е Македонија не го заслужува Стевота Пендаровски. Тој е како дукат (пендар е дукат) врз телото на една млада мома која заборавила да се избања осум години. Со малку поголема амбициозност тој може да биде човек на новата република, на рехабилитираното општество, на европската држава, сеедно дали ќе биде Горна или ќе има друга географија! Не сакам да кажам дека не го заслужува и Социјалдемократскиот сојуз ваков каков што е затоа што и таков каков што е, тој е единствената организирана сила за која можеме да ги врземе нашите илузии повеќе отколку надежи, но се плашам дека модерните погледи на Пендаровски ќе бидат под притисок на предизборниот популизам, конзервативизам, опортунизам, па и национализам кон кои е склона партијата, особено во вакви ситуации. Нема да можам да одам на гласање од повраќање ако чујам како Пендаровски не го дава името или им држи патетични лекции на Албанците или на Брисел! Ако го ограничат со тој, во суштина, вмровски сервис на социјалдемократијата, односно ако ја потиснат или сосема ја исклучат модерната нарација!

Внатрешната македонска револуционерна организација многу бргу може да се врати на своите повоени капацитети: стотина или неколку стотини носталгични печалбари по Вулунгонг или во Перт заедно со десетина неевакуирани земски претставници на инсталацијата која уживаше во придобивките на окупацијата додека траеше битката за слобода, а кога дојде слободата, резидентите и почнаа да се начукуваат и да сонуваат за обединета Македонија ослободена од комунистичкото ропство во Југославија. Сѐ до биглската енергија што во последниве осум години ја истураат во демолирањето на разјугословенизираната држава и на нацијата чие осамостојување го посакуваа не како висока фаза на самореализацијата, индивидуализацијата и модернизацијата, туку исклучиво како важна етапа во лесното и дури, би рекол, радосно доближување до смртта со помош на нивниот идеолошкомитолошки синџир! Само треба прецизно да ги дефинираме! Идејата на вемерето и вмровската власт! Нам ни недостасува дефиниција на тоа кои се тие?! Со други зборови, ние го немаме дефинирано нашиот проблем, а борбата против проблемите во такви околности е како да лечите тешка главоболка со удирање на главата в ѕид или како да тргнете да го откривате новиот свет (на интернетот, ха, ха, ха) со бетонските галии од Скопјанг!

 

Политичката победа над нив е целната лента што на градите ја чувствува олимпискиот победник во маратон, чин што е недостижен без тешката проблематика на кондиционирањето, во спортот со трчање и кревање тегови, а во политиката со точно дефинирање на проблемите и со соодветна културолошка опременост на оној што се зафатил да ги решава тие проблеми! И со визии за културна рехабилитација и ново политичко и правно конституирање! Не со промени што ќе ја потврдат статус кво ситуацијата. Точно тоа што на опозицијата ѝ недостасува пред уште една важна, веројатно и најважната политичка битка со политички, културни, морални па и егзистенцијални последици. Програма што Социјалдемократскиот сојуз и неговите сојузници заедно со исфрустрираното општество одбиваат да ја инсталираат во своите ментални компјутери! Срдечно ја препорачувам во оваа смисла последната колумна на професорот Фрчковски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.