МОН, срам да ви е!

 

Тоа се вкупно 100 часа по студент. А јас имам 70 студенти. Тоа значи дека само мојата Катедра треба да „блокира” 700 часа практична настава во средните училишта на територијата на град Скопје! Нема средно ниту основно училиште во земјава кое и со најдобри намери би можело да ни го приреди ова гостопримство. Ова е невозможно без целосно да се парализира наставата во основните и средните училишта во земјава!

Ако само за мојата Катедра се потребни 700 наставни часа „одземени” од основните и од средните училишта од мојата катедра, што е со наставните катедри кои имаат преку 100, 200 студенти (како на пример Катедрата за англистика)? Да речеме, за мене е „лесно” оти ќе се повикувам на новиот Закон за високото образование и потенцијално ќе ја „окупирам” наставата во гимназиите во месеците што следат, бидејќи предметот „македонски јазик” во основните и во средните училишта се слуша пет пати неделно! Но, што е со предметите како биологија, географија, физика, каде има само по два часа неделно, и тоа само во неколку години од учењето? Каде студентите од овие наставни факултети ќе го остварат (според Законот) зацртаното барање?

 

2.)

Професорскиот пленум веќе десетици пати повтори дека за општествените науки и хуманистиката се порелевантни книгите и трудовите објавени од релевантни меѓународни издавачки куќи. Во тие издавачи куќи нашите трудови минуваат понекогаш и низ десетина анонимни читања (peer reviews) пред да бидат објавени. За нас е погрешно (како што Законот за високото образование предвидува) да се имаат трудови во списанија со импакт фактор. Еве конкретен пример. Имам три книги во странство, како и повеќето од професорите од Професорскиот пленум. Голем дел од моите колеги од Пленумот имаат објавено во МНОГУ порелевантни издавачки куќи од мене! Но, пред некој ден ми падна на ум дека, всушност, сепак имам текстови објавени во списанија со импакт фактор. Еден од нив е објавен во списание на Massachusetts Institute of Technology (трето рангираниот универзитет според Шангајската листа за 2014). Претпоставувам дека и списанието има валиден импакт фактор. Впрочем, како што и мојот труд во само две години е цитиран во повеќе од педесет трудови, вклучително и магистерски и докторски дисертации од сите универзитети низ светов.

Но, сега доаѓа болното прашање. Мојот труд, за жал, е аналитичка студија за проектот „Скопје 2014″! Дали ова значи дека со новиот Закон за високото образование, Владата на Република Македонија и нејзините министерства ги поттикнуваат македонските научници преку аналитички студии (оние што единствено МОЖЕ да го минат филтерот на импакт факторот) да ја отсликаат РЕАЛНОСТА во која живее нашата држава? И дали навистина МОН сака тие да бидат презентирани пред светската јавност?

Или, пак, МОН ќе уважат дека е важно да остане и клучен корпус на македонистичките проучувања: од движењата на македонските млади планини, до македонскиот фолклор, до македонските книжевници… валидни само на нашава територија и за нашиот регион (за кој мора да постои ДРУГ ИМПАКТ ФАКТОР?) Дали навистина ваков тип „критика” кој, објективно тврдам, ЕДИНСТВЕНО може да биде објавен во списанија со импакт фактор, Министерството за образование на Република Македонија посакува навистина да биде објавен во научните и стручните списанија?

Ако Министерството сака да објавуваме критички текстови кои најдиректно ја таргетираат идеологијата на нашата држава – и за тоа уште да добиеме образовен амин – браво! Лично со тоа немам никаков проблем!

Прашањето што го поставувам е следново, а се однесува на државата во целина. Дали е тоа идејата зад идејата на МОН? Дали Република Македонија сепак сè уште има идеја дека можеби студиите за Мисирков, Цепенков, Прличев, Миладиновци, Конески, Петрушевски… се многу повалидни за нашата академија од програмите на Шангајската листа?

 

3.)

Која е промислата зад Законот за високото образование? Зошто со него се поттикнува идејата да се храни АМЕРИКАНСКАТА АКАДЕМИЈА? Зарем тоа не е своевиден анти-државен удар директно оркестриран од Министерството за образование на Република Македонија? Велам, прашањето доаѓа од мене, а јас лично и научно се занимавам со десетти теми, иако блиски до мојата образовна дејност: филологијата од 18/19 век во Данска, од 19 век во Австрија, од психоанализата како наука, итн…. и сите дисциплини кои ги работам на своите часови, само затоа што сметам дека мојата држава РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ми е гарантирана!

Дали Законот за високото образование на Министерството ми вели дека државата повеќе не ми е гарантирана? Го молам МОН да се изјасни за ова! Дали нашето Министерство смета дека сите треба трансисториски да се пренесеме во Беркли научници за Емерсон? Можеме и тоа. Но, повторно прашувам, дали е тоа од интерес за предметното министерство?

И уште посериозно: ја поставувам под прашање ДРЖАВНОСТА НА ЗАКОНОТ! Министерството за образование на Република Македонија предложи да работиме според наставните програми на прворангираните од Шангајската листа. Лично до крајот на 2015 година работам како национален раководител на проект во кој партнер е Универзитетскиот колеџ во Лондон (20-то рангиран на Шангајската листа). Дали тоа ми го дава легитимитетот да предавам за постмодерната книжевност во Република Македонија? Објективно тврдам, не. Бидејќи знам дека овој Колеџ од Лондон НЕ ги работи книжевностите што ние ги предаваме на УКИМ. Исто така велам: Не постои универзитетска единица во светот која ја работи македонската книжевност како што ја работат универзитетите во Република Македонија. Го прашувам ресорното Министерство, кој ќе ја работи македонистиката, ако не ја работат универзитетите во Република Македонија?

Уште поконкретно: дали да ги предложиме за прифатливи програмите од Харвард (бр. 1), Цирих (бр. 19) и Токио (бр. 21) како релевантни програми за наставата во Република Македонија? Дали знаете колку е застапена македонистиката на наставните програми на овие универзитети? Очекувано, одговорот е НУЛА (0)!

Дали постои катедра на планетава (освен УКИМ и универзитетите во Република Македонија) кои се занимаваат со македонистиката – од средновековната книжевност, до фолклорот, до 19 век, до 20, до 21 век, до историјата, географијата, етнологијата, историјата, правото …. со сите специфики?. Ако МОН не знае: треба да знае! Не постои ниедна универзитетска единица на светов која ја предава НАШАТА култура во светот освен таа што се произведува на НАШИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ!

 

4)

Уште посериозно. Ако легално, и според Новиот закон за високото образование, работното место на мој колега/колешка кој/а 20 години го проучува творештвото на Цепенков (на пример) по автоматизам го добие некој од Шангајската листа, дали мислите дека на тоа работно место ќе се јави професор од Токио? Или (најидиотски ксенофобично сега зборувам) можеби на тоа работно место ќе се пријави некој што завршил на Беркли, а од Софија?

 

Тврдам: Законот за високото образование на кој Претседателот на Република Македонија штотуку стави потпис – не само што е ПРОТИВУСТАВЕН. Тој е и АНТИДРЖАВЕН!

 

И ова го велам од позиција на научник кој, произлегувајќи од УКИМ, сега се наоѓа во позиција да ја брани македонистиката… Сите што ме знаат, знаат дека целиот живот го посветив на бунтувањето против т.н. „македонски менталитет” во културната политика, против клучарите на македонската културна каса, против клинентелизмот во македонската литература, против логиката на на-ти-го-дај-ми-го, итн.., и што во име на некаква смисла целиот научен живот го посветив на трудовите за Фројд, Лакан, Кјеркегор, сакајќи да ги доближам до македонските студенти… Сродно, прашувам: што си мислат потписниците на Контра-пленумот? Ја гледам листата и вртам со глава. Најголем дел од имињата што ми се познати се оние што молеле по ходниците за шестки? Каде се тие да си ја чукнат тиквата, а ни англиски не знаат да бекнат? А сега тврдат дека се носители на македонската академија? Во кое огледало, колеги, се гледате вие? Зарем не ви е срам?

 

Да повторам: идејата зад Професорскиот пленум е тројна:

 

ИТНО суспендирање на противуставниот и антидржавен закон за високото образование;
ИНТО работење на Нов закон за високото образование.
Тесна координација со СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ и со нивните идни активности!

Законот за високото образование не е само ПРОТИВУСТАВЕН, контрадикторен и штетен! Тој е и АНТИДРЖАВЕН, во смисла дека ги субординира сите национални катедри и нивните истражувања: етнологија, фолклор, географија, историја, филологија, филозофија, географија, јазик, литература…, како и сите етнички заедници што живејат во Република Македонија. Професорскиот пленум повторува: Законот за високото образование МОРА ИТНО да се суспендира!

 

Со овој Закон целосно се нивелираат децении работење на СИТЕ школи/институти/универитети на сите релевантни чинители на високото образование во Република Македонија! Со сите национални и етнички чинители! Овој Закон нè тера да потпишеме пакт ПРОТИВ сета цивилизациска придобивка на Република Македонија! Ова не е само противуставен, туку и антидржавен закон! Професорскиот пленум не сака да ја види сопствената држава НА КОЛЕНА!!

 

Огромен дел од професорите од Професорскиот пленум веќе во моментов имаат понуди да ги хранат американските и европските академии. Исто како што и студентите на социјалните мрежи секојдневно прашуваат дали треба да емигрираат заради достоинство.

 

Зошто Република Македонија преку своето ресорно министерство за образование би сакала да ја види најголемата депортација и погром на интелектуалците кои би заминале во емиграција? Дали овој процес би бил сличен на есента 1922, кога кремот на советската/руската интелигенција е насилно депортиран од Русија? Тие два брода на кои се наоѓаат Трубецкој, Јакобсон, Бердјаев, Мелугнов се најголемиот подарок што советска Русија ѝ ја испорачува на Европа и Америка. Праг и Париз се збогатуваат со цели школи за структурализам, лингвистика, наратологија, егзитенцијализам, историографија… Советскиот сојуз останува без своите најголеми умови, а депортациите од 1922 се исто толку катастрофални за граѓанското општество во Советскиот Сојуз како и убиствата од 1921.

 

Како дел од Професорскиот пленум, прашувам: зарем Законот за високото образование штотуку потпишан од Претседателот на Република Македонија не е целосен ПАКТ, уште повеќе зарем тој не е е предавство и срам за целата наша држава!

 

5.)

Делам кабинет со цимер од Катедрата за албански јазик и книжевност. Што сакате да уништите бе ВОЛОВИ? За вашиот импакт фактор вграден во Законот веќе се произнесовме! Дополнително кажувам. Во моментов, ниту мојот цимер, ниту јас НЕ пишуваме на нашите мајчини јазици! Трагедијата е дека и мојот цимер и јас ПИШУВАМЕ НА НЕМАЈЧИН ЈАЗИК. Јас конкретно пишувам студија на англиски јазик за Агамбен и за неговата политичка теологија. Да, едно „импакт фактор” научно списание од Калифорнија! Процесот почна дури и пред да знам дека Законот ќе стапи на сила. Оти мене, ете, Агамбен заедно со Кјеркегор ми се важни теоретичари. А тие од Америка процениле дека имам што да кажам, па ме поканиле. Тие текстови ни ги нарачуваат по три години однапред. Мојата студија на англиски ќе биде објавена (ако биде) дури на крајот на 2016. Така тоа иде. Не заради Законот, туку затоа што академиите така работат. Ние така работиме.

 

Ама вие сте покондирени тикви што сега разбирате како ние работиме! И одеднаш ви текна дека тоа треба да се вгради во Закон! Па ниеден европски закон тоа го нема вградено! Затоа што е НЕРЕАЛНО!

 

Прашање: таму ли МОН нè сакате? Во странство ли нè сакате? Лично ќе ви кажам; мене веќе ништо не ме врзува за оваа земја. Сакате ли сите да си одиме? Да се депортираме на бродови? Да ја повториме советска 1922? Мојот цимер цела година беше во Канада. Не нè сакате баш тука да ви се точкаме? Наместо со сите сили да нè задржите тука, вие ни велите дека треба да си одиме? Па кој ќе ви остане тука?

 

Срам да е!

Арам да ви е!

 

Не заради мене. Велам, можам и тука, можам и во Америка. Ве прашувам, во име на моите предци, оти сите се мои предци: Што ќе остане од Блаже Конески, од Славко Јаневски, од Анте Поповски, од Богомил Ѓузел, од Луан Старова, од Оливера Николова, од Ресул Шабани, од Неџати Зекерија, од Кочо Рацин, од Јоаким Крчовски, од Јордан Хаџи-Константинов Џинот, од Св. Климент и Св. Наум, од Петре Андреевски, од Рајко Жинзифов, од Црноризец Храбар…. од сите, сите, сите… ? Имате ли претстава што правите, вие од МОН? Каде ви е акалот? Кој импакт фактор ОВИЕ АВТОРИ ќе ви го задоволат?? Кој ќе ги прифати нивните дела? Сакате да пишуваме за Емерсон? Ќе пишуваме! Но, ве прашувам: кој ќе ви пишува за Неџати Зекерија и за Партенија Зографски? Што ви е???

 

Ваков тероризам во високото образование на Република Македонија НИТ ЗНАЕМЕ, НИТ СМЕ ВИДЕЛЕ, НИТ СМЕ ПОСВЕДОЧИЛЕ! Ова не е Закон, ова е терористички акт! Вие не сте Министерство за образование на Република Македонија, туку сте терористичка организација ПРОТИВ високото образование во земјава! Вие сте ТЕРОРИСТИ ПИКНАТИ во највисоките државни органи!

 

Еднаш, напишав книга ПРОТИВ клиенталистичките односи што ја хранеле комунистичка Македонија 1945-1991. Мислев дека тоа е ултимативното зло. Камо да беше така. И до ден денес сите тие автори ги читам, ги предавам, ги преведувам, живеам со нив. Тоа е дел од МОЈАТА наука. И за и против НИВ – тие се дел од МОЈАТА наука. Но, вие сакате ДРУГО! ВИЕ сакате КРАЈ на сета литература што досега постоела! Не разговор за книжевноста. ВИЕ сакате нејзин крај! И јас тоа бе не може да го поднесам! Тие автори ги сакам како дел од лектирата што моето дете ја чита, јас ја читам, моите студенти ја читаат. Ова не е она заради што започна нивното преиспитување еднаш. Тогаш сметавме (сметав) дека имаме држава во рамките на која, како сиот нормален свет – ќе разговараме. Ќе отвораме теми и ќе дискутираме. Јас ве повикував на дијалог. Но, Вие сакате друго! Вие сакате СМРТ на книжевноста. Ние, моите студенти, моите деца сакаме ЖИВОТ за книжевноста!

 

И меѓу нашите две позиции нема помирување!

Јасна Котеска

ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ

Leave a Reply

Your email address will not be published.