МОЈАТА МАЛЕЧКА КОЗЕТА

Исток или запад, нема град низ чии улици не крстосуваат нашите мали Козети и Гавроши. Деца во борба за опстанок, со прерано созреани очи кои не’ следат, иако речиси не ги ни забележуваме од презафатеноста со себе

„Кога ќе станеш Крал мораш да имаш разбирање за деликатниот баланс околу тебе и да покажеш почит кон сите суштества – од мравката што ползи па се’ до антилопите кои скокаат“

Муфаса, „Кралот Лав“

„Чоко-банана? Купи една …“

 

Нежниот молбен детски глас ме отргна од слатката обземеност со печатени високо-октански теми, загорчени со пладневно кафе на дождливиот кеј. Не знам од каде искрсна пред мене ситната „виолетера“, продавачка на банана-чоколатциња. Облечена во тенки сини тренерки и розови патики, стоеше пред мене како скиснато маченце свикнато на одбивање и со бессушна надеж дека можеби баш следното човечко суштество ќе ја слушне и прифати.

Повеќе од љубопитност отколку од сожаливост, се согласив да купам „дури четири чоколатциња“, но доколку прифати да седне и се напие чај и парче торта. После редица на „а зошто?“ прашања и снебивајќи се повеќе од збунетост отколку од страв или срам, мојата мала Козета прифати да ми направи чест и полека се смести во за неа огромната столица отспротива. Додека си ги грееше рачињата обвиткани околу топлата шолја чај, следеше бараж на вообичаени детски прашања за кој-што-каде сум, за мојот брачен статус и дали имам деца, што работам, дали имам куче, каква кола возам и слични детински љубопитни ориентирни испитувања преку кои се сместуваат себеси и нас во светот гледан од жабја перспектива. 

 

Трпеливо чекав на нејзиниот прв залак на чоколадната торта и крај на вкрстеното иследничко испитување, за да дознаам повеќе за нејзиниот свет и искуства од првите осум години на детскиот живот. Подозрливото лице постепено се опушташе додека раскажуваше за своето постаро братче и помлада сестра, за невработената мама оболена од висок притисок и тато кој „работи понекогаш“, за тоа како мажите се многу помилосливи кон неа отколку „лудите жени“, за маките и перипетиите со конкурецијата. На мојата претпазлива забелешка да внимава кога зборува со непознати, нејзините темни очи светнаа и вртејќи со рачето дигнато во вис ме прекори – „ееее, а ти што си, ааа?“. За да сепак веднаш помирливо заклучи дека „и мама така вели“. Нејзиното мило лице бликаше додека зборуваше за малата „кукла“ сестричка, за братот кој „му ветиле работа по матура“, за тоа дека доаѓа лето и може да продава повеќе и да се капе во езерце итн. И така се’ до моето проклето погрешно темпирано прашање дали оди на училиште. После кое искрата во очите згасна, а усните свенаа невесело, и тивко изусти „да, одам на школо“. Погледот вперен во мене одеднаш се прекина и сврте кон кејот, давајќи ми до знаење дека е време да продолжи. На маса ми остави

4+1 банана-чоколатциња, се заблагодари и полека исчекори надвор од терасата, назад на улица. Еден чекор, два чекора дамски, за да на третиот палаво се стушти во трк кон плоштадот.

 

Исток или запад, нема град низ чии улици не крстосуваат нашите мали Козети и Гавроши. Деца во борба за опстанок, со прерано созреани очи кои не следат, иако речиси не ги ни приметуваме во презафатеноста со себе. Или уште потажно, додека на некој странски семинар се соблазнуваме за злоупотребата на децата во Узбекистан, несвесни дека отаде ѕидот на топлите простории во реалниот свет и ние имаме наши мали робови заробени во бедата на сопствените семејства.

 

Но, пред да потонеме во сожалување и патос за неправдите на овој суров свет, би било посоодветно овие примери ги искористиме за промислување околу онаа друга Македонија, која живее покрај нас и расте со секој изминат ден. Невработената Македонија, со семејни примања во вид на социјална помош, без врски во власта или партиите, без начин да се избегнат судските казни, без привилегија да се биде ниту периферија на елитите, без звучно име кои носи гласови, без можност да се појави на малите екрани, без донации од странски амбасади. За оној дел на општеството кој со својата обичност, скромност и ранливост не е дел на патриотските планови на етничкото властелинство, на медиумските кланови, на ЛГБТ заедниците, на уметничките еснафи, на маалските клубови на цареви, манги, фраери и останатата менаџерија на баналното. Онаа Македонија која припаѓа секому сем себе си, бидејќи никој не се грижи за нив ниту пак ги смета за релевантни. За таа Македонија и нејзините жители, ние познатите и паметните, ние привилегираните сме она што за нас е Европа, сосе нашите очекувања и разочарувања, пофалби и поплаки. И ја третираме на ист начин на кој Европа и светот се однесува кон нас и го предизвикува нашиот оправдан гнев и разочараност.

 

На таа Македонија на најниските касти и ден-денес не обрнуваме премногу внимание, осудена на топтан адресирање како народ, маса или некои таму, „врска-нема“ луѓе. И покрај тоа што тие првите се имаат соочено со стегите на општеството создадено од нас и во кои овие мали обични луѓе живеат веќе со децении, на дното на синџирот на прехраната. Тие ја спознаа и се соживеаја со цензурата, неправдата, нерамноправноста, дискриминацијата долго пред таа да се појави како закана пред нашите врати. Бидејќи наводно „така било пишано“. Без право или сила барем да запрашаат кој ги пишувал и делел улогите во таа наметната претстава?

 

За власта опиена од својата баханалија на простачка ароганција на насилство тие се само митингашки глави за броење и гласачки прсти за боење. Во бегство од нив како изрод-синови посрамени од бедата на своето потекло, власта живурка удобно сместена во улогата на посредничка хиена. Која цвили и се лигави понизно пред посилните од светот, но завива, реже и со заби чкрипи пред секој што ќе помисли или се осмели да се приближи кон стрвината која ја глоде – сопствената земја.

 

Десетици и десетици луѓе секоја недела ја чувствуваат врз свој грб неправдата на овој систем. Нивните имиња и трагедии завршуваат низ судски одлуки, извршителни налози и полицијски извештаи покриени во прашина на небитност. Стотици и стотици други катадневно легнуваат загрижени за својата иднина, која за разлика од нашето фигуративно поимање за „што ќе биде утре“, во нивните животи има сосема реална непознаница и страв за предизвикот на следниот ден. Илјадници мали луѓе секој час одмолчуваат во автоцензура и страв пред накотот на стотици стратешки распределени политички сомови, медиумски крапови или економски штуки, сместени скалило повисоко на поредокот на политичкиот и општествен Дарвинизам, кој самите си го имаме наметнато. И ниту еден – или болно малку – од таа армија на кастрирани луѓе, без разлика на неправдата или маката, нема да си го чуе своето име изустено од опозициските политичари, известено од независните медиуми, алармирано од невладините, од новинарите, аналитичарите … сем доколку не се вклопува како илустрација на однапред напишаната порака. Крикот за сторената неправда се’ уште е изгледа резервирана за привилегираните од повисоките урбани класи на политиката, медиумите, економијата. И покрај тоа што гласот на протестот во одбрана на обичниот мал човек е посилен и помибилизирачки од сите урлања во одбрана на членот на чопорот.

 

Заробени во херметички затворен свет на академски дискурси за -изми и -ции, стравувам дали веќе воопшто умееме да комуницираме со тие луѓе. Дали во нас остана доблест да ги сослушаме барем приближно онолку колку што зборуваме за нивните маки? Дали нивниот очај можеме да го надградиме во гнев, бунт и енергија за промени? Или и самите ќе се препуштиме на судбината на јадните. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.