Моето искрено збогум за македонскиот неуспех

По традиција последните интервјуа и колумни се посебно искрени. Нека се. Ова е моето последно, па да се фрлиме на работа.

Каде е Македонија денеска, споредено со нестабилната и несигурната структура што ја затеков кога првпат дојдов во 1999 година? Има многу начини да се одговори на ова прашање и она што може да следи е детална анализа на факторите на напредокот и отскочните штици. Но, тоа им го оставам на други. Јас ќе останам на кратката и субјективна страна. Нема да ги споменувам активностите во кои бев инволвиран, или пак, актуелните политички прашања.

Според мене, иако кога ова го претворам во едноставни зборови ми создава болка, сметам дека Македонија е во голема опасност да стане пропаднат модел. Таа е структура која не бараше, и оттука не најде одговор на суштински прашања. Не успевам да разберам како е ова можно, но морам да кажам дека интелектуалната негрижа на самопрогласените елити не само што е зачудувачка, туку е однесување кое може да ги чини многу скапо.

Јас сум голем заговорник на индивидуалната ноншалантност кога станува збор за фактичко алтернативно однесување и животен стил наспроти кусогледата, анти-урбаната и прилично одвратната национална закоравеност на оние што доминираат со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тренд што еднакво е во подем и кај ДУИ.

Но, тоа не ги ослободува од одговорност мислечките луѓе да развиваат алтернативи, не ги ослободува од активно барање и нудење на алтернатива. Процесот на создавање на македонската (и тука како и секогаш мислам надвор од етничките граници) нација е далеку од завршен. Всушност влезен е во третата, деструктивна фаза и изгледа како тоа на никому да не му пречи.

Толку малку, што изгледа дека никој не размислува за тоа како би можела да изгледа следната фаза – онаа во која би се поправила штетата. Стратегии? Ниедна.

По моделот на национална држава во 1990-те и пост-охридските промени во 2000-те, со кои де факто беше инсталиран биполарен модел на поделба на моќта, моделот на оваа декада, дизајниран од политичките актери, изгледа дека е модел на дезинтеграција – враќање на познатиот постојан мирис на малите национални егоизми.

Поделбата на власта се изопачи во етничка игнорантност и незаинтересираност. Владеењето се случува во етнички поделени сегменти на администрацијата, секој со својата клиентела. И сето тоа за машината за правење пари да работи непречено.
Останатото се закани, заплашувања и притисок, замолчени медиуми и популација која живее во страв да не го загуби и она малку што го има.

Неодложно повикувам на развој на сериозна алтернатива на уништувањето на општеството и рушењето на државата. Каде се сите оние мислечки луѓе со кои ова општество порано се гордееше? Каде е интелектуалниот отпор? Ако не се појави, се плашам од најлошото.

По интелектуален отпор не мислам на импотентните политички позери на опозицијата која дозволи да биде лишена од легитимност и надеж – клиентелистичка група оставена без патрон, која во последно време не е во можност да формулира една единствена идеја.

Се што СДСМ и неговите сојузници успеаа да направат последните години беа изливи на гнев кон суровото владеење на нивните противници. Е па, луѓето кои ги паметат 1990-те се уште се тука. Тоа ќе функционира добро особено со оние кои тогаш биле изложени на суровото приграбување на општествените добра. Сигурно.

Улогата на опозицијата во систем во кој владата очигледно не може да одолее на искушенијата на тоталитаризмот е да биде радикално различна. Наместо како папагал да ги осудува владините решенија, би сакал да видам вистински концепти и идеи ставени пред јавноста. Би сакал да видам вистинска влада во сенка, со вистински иницијативи, наместо политички театар.

Но, во политичкиот простор каде што би требало да има опозиција, нема ништо, бидејќи се друго би подразбирало вистинска и тешка работа. И тоа не е изненадување, кога на крајот, сите овие структури се резултат на ист во суштината фаличен концепт на разбирање на политиката како само една друга манифестација на патронажен систем.

Ниту една политичка или етничка страна, можеби со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, нема јасен концепт за тоа во што сака ова општество да се развие. И единствениот постоечки концепт е толку назаден што во нормална ситуација би бил материјал за серија на шеги.

Само што, во Македонија реалноста ја победува секоја шега. „Скопје 2014“ е архитектонска материјализација на постојана социјална и интелектуална апокалипса, во која општеството е изложено на интелектуален еквивалент на групно силување во име на тврдоглавоста, во име на колективен комплекс на инфериорност од патолошки димензии, во име на одмаздата на една група која длабоко во себе знае дека никогаш не може да биде елита, колку и да се труди. Авторите на оваа анти-урбана монструозност никогаш нема да бидат способни да ја разберат кусогледоста и затапеноста на нивните дела. Но, штетата која ја прават е веројатно непоправлива.

Проституирањето на уметничките и интелектуалните медиокритети во име на кариера, а во длабока сенка на моќните исполнува цели библиотеки, па затоа нема да трошам виртуелен простор на нив. Доволно е да кажам дека нивните очајни апологетски обиди се одвратни.
За успешното замолчување на медиумите во Македонија доволно е кажано. Она што тука не можам да го разберам е недостатокот на визија кај големите донатори. Сега приоритет е да се извлечат средства и да се формира силен трипартитен медиум: телевизија, весник и интернет сајт, кои ќе бидат заштитени од владин притисок.

Што се случува во реалноста? Радио Слободна Европа го затвора својот сервис, откако Би-Би-Си веќе го стори тоа. Исто и Гласот на Америка. Ах, па… Се прашувам што треба да се случи за да се разбудат донаторите и да се потсетат дека нивната одговорност не е примарно во нивните програми и менаџери, туку кон корисниците. Секако, за тоа е потребно многу повеќе од овој повик.

Ајде сега да прејдеме на моето омилено, таканареченото цивилно општество. Некои од нив ми се пријатели и колеги, со некои работев, и конечно другите се луѓе со кои се обидов да работам. За сите нив имам остри зборови: граѓанскиот активизам не е вработување.

Граѓанскиот активизам не може да се изедначува со евра. Се додека македонскиот граѓански сектор продолжи да биде машина за производство на работни места, не можете да очекувате социјални промени, освен секако за оние кои работат во овој сектор.

Новата донаторски насочена буржоазија се позиционира во центарот на општеството и тоа удобно и прилагодливо. Оттаму цели кон повеќе и учи да ги презира оние што немаат, додека истовремено не толку тајно живее во страв да не станат следните што ќе им се придружат на оние што немаат, ако случајно бидат фатени како ги критикуваат структурите на моќ или на самите донатори. Тоа е материјалот кој ги убива општествените промени.

За работите да бидат полоши, тоа произведува меѓуслој кој е отпорен на притисок од оние за кои што треба да работи , но затоа, пак, е силно чувствителен на притисок од горе. Некој, не се сеќавам кој, можеби токму јас, го нарече овој феномен – ремен на опортунизмот што го држи општеството заедно.

Активизмот или она што личи на активизам, стана модерно да биде „носен“ со доза на левичарска аура. Не им текнува на овие претежно млади луѓе дека ова не е место за поп икони како Че Гевара, дека овде не се случува револуција, дека ова не е класна борба (во која и онака повеќето од нив би биле класниот непријател), туку едноставно е обид да се изгради општество, колку не-секси и да звучи тоа.

Ова не е време и место за анти-глобализам и критика на капитализмот, бидејќи Македонија ниту е вистински поврзана глобално, а ниту силно контролираната од државата економија и исто толку контролираниот пазар кои се квалификуваат за капиталистички. Важните идеи и слогани можеби изгледаат и звучат одлично, но ја промашуваат поентата. Поентата се луѓето.

Симнување влада не е нешто што може да се направи со неколку стотини, ниту, пак, со неколку илјади луѓе на улиците. Тоа бара работа и посветеност. Бара идеја. Но, токму тука најголем дел од ова завршува. Соединување со (опозициските) политички партии е најдалечната точка до која овој активизам стигнува. Не е ни чудо што на секој чекор му се закануваат непријателски превземања. Исто така, тука многу малку мисли се насочени на концепти за различно општество. Заменувањето на владејачките спонзорски групи со нивните противници едноставно нема да ја заврши работата.

Градењето општество претставува создавање на идеен простор во кој визиите и идеите можат да бидат ставени под знак прашалник, Бидејќи државните институции и академијата тука потфрлија, има потреба за друг вид на простор.

На владејачката манична опсесија за окупирање на јавниот простор и за доминација со секоја дебата може да ѝ се возврати само ако биде игнорирана, заобиколена и со создавање на алтернативна, растечка реалност. Трошење енергија за реакции на секоја официјална изјава е трошење на капацитетите.

Вистински активизам и опозиција се состои во затворање на просторот за владината машинерија и во исмејување на нејзината заостанатост, нудење на подобри алтернативи, видливи за секого. Вистинскиот активизам подразбира преземање ризик, влечење силни потези, покажување сила. Но, долг е патот дотаму.

Во меѓувреме луѓето си заминуваат, и оние најдобро квалификуваните и оние слабо платените. Со оглед на тоа што Македонија е на дното според директните странски инвестиции, со само половина од оние што завршуваат на Косово, постојат сериозни основи за стравување дека економскиот и финансискиот модел заснован на стабилниот денар ги достигнува своите крајни граници. Но, нема јавна дискусија за последиците. Пасивност насекаде, и слепо верување во судбината.

Но, судбината сама по себе е слепа, драги пријатели. Освен ако не ја фатите за рака и ѝ покажете каде треба да дејствува, промени нема да има. Како што реков на почетокот, Македонија може да не успее. Може да не успее, не заради надворешни проблеми, како што владата се обедува да ги убеди сите, туку поради пасивноста на нејзините граѓани.
Па сепак, избори можеби се пред нас, повторно. Тоа ќе биде уште една голема можност за граѓаните јавно да ја покажат нивната преданост и да убедат уште најмалку петнаесетмина други. Или нешто друго. Ќе ги убедат ли?

Сакав да завршам со неколку зборови за Претседателот, но чувствувам механичка одбивност во моите прсти и решавам да се откажам. Така овој блог го завршувам без зборови за Претседателот. Можеби треба… Нееее!

Извор БИРН 

Leave a Reply

Your email address will not be published.