Moдата како бунт против диктатурата

Фотомодели кои позираат во фустани со хипи цветови во Тринската шума … на втората страница играат балерини во рушевини од некогашните градови и гледаат пред себе ако да сонуваат за некој друг свет, за индивидуалност, слобода и сопствен стил. Моделите облечени најголем дел во непознати дизајнери биле елегантни, романтични и пожелни. Немале ама баш ништо со реал – социјализмот и баш затоа магазинот бил така омилен кај читателската публика во Демократска Република Германија.

“Vogue” на Демократска Република Германија

Првото издание на модниот магазин со тенки листови и во голем формат излегол во 1956 година. Неговите издавачи сакале да создадат магазин за мода и култура во времиња во кои само што било укинато делењето храна преку бонови. Берлинскиот зид уште не бил изграден, а источно – германките се нарекувале ‘пролетерки кои ја подигаат земјата од рушевини’. Новиот магазин брзо ја срушил оваа слика, за пропаганда во него немало баш место. Напротив, во него биле покажувани жени со сексипил и неограничена еротика – инсцениран свет како контрапункт на социјалистичкиот путинизам.

За него најзаслужна била Доротеа Мелис, една од долгогодишните влијателни уреднички на магазинот “Sybille”, своевидна Ана Винтоур на источна Германија. “Сакав да направам нешто модерно, во духот на времето, за жените кои морале да живеат и работат во економско сложени и тешки услови”, се присетува таа. Таа од 1961 до 1970 година го кроела магазинот за кој работеле фотографи кои денес се сметаат за легенди на источно германската уметничка сцена.

Под будното око на Централниот комитет

Сибил Бергеман, Уте и Вернер Махлер, Роџер Мелис, Арно Фишер и Гунтер Рослер создале и негувале во магазинот “Sybille” јазик на слики кој можел да го разбере секој граѓанин на источна германија. Тие исценирале мали излези за бегање од сивото комунистичко секојдневие преку слики кои во секој момент можеле да бидат забранети. “Централниот комитет директно и строго го надгледувал ‘Sybille’”. Често написите биле менувани, кратени или морале да бидат исфрлени бидејќи содржеле детали кои не се вклопувале во посакуваната политичка слика, нагласува Грит Сејмур која за време на Демократската Република Германија работела како модел.

Едно снимање од тоа време посебно и останало во сеќавање: “Стануваше збор за една насловна фотографија. На неа јас во првата верзија стоев зад еден зид, но потоа мораше да се направи нова бидејќи една жена од Демократска Република Германија не може да стои зад него туку пред зидот. И не смее да биде оградена, бидејќи таа е сосема слободна.” По падот на Берлинскиот зид Грит Сејмур настапувала на ревии за висока мода за многу големи модни концерни. Денес е професорка на Уметничката академија во Берлин. Бидејќи фотомоделите и манекенките во Демократска Република Германија биле аматери, фотографиите од ова време имале посебна природност – таквите слики никогаш не би биле објавени на Запад.

Протест со игла и конец

“Sybille” со тираж од 200.000 примероци секогаш бил брзо распродаден. Покрај текстовите за уметноста, книжевноста и дизајнот биле објавувани портрети на познати, но и непознати жени. Особено популарни биле кроевите според кои можело да се шие гардероба која не можела да се купи во тогашна Демократска Република Германија. Кога не можеле да се најдат соодветни материјали, се експериментирало со разни алтернативи како на пример фолија, но и на пример завеси за туш кабини. 

Оној кој во Демократска Република Германија сакал да биде модерно облечен требало да има машина за шиење, игла и конец. Бидејќи она што можело да се купи во продавниците, никој кој бил модно освестен не сакал да го облече. Тие сакале – а “Sybille” тоа го подржувал – индивидуална мода која нема да има врска со модните ‘изедначувања’ на источно германската мода за млади. “Она што ние сакавме да го носиме најчесто немаше каде да се купи, па тоа моравме сами да го изработуваме”, раскажува Фрида вон Вилд, фотографка и енда од основачите на источногерманската underground марка “chik, charmant und dauerhaft” (шик, шармантно и трајно). Оној кој сам шиел облека, суптилно се спротивставувал на нормираниот, униформиран политички склоп и си ја враќал индивидуалноста. Модата во Источна Германија означувала став и никогаш не била ослободена од политичката димензија. 

По падот на Берлинскиот зид женскот магазин “Sybille” успеал да се одржи до 1995 година. Откако ја исполнил својата мисија на визуелен авангарден магазин, се затворил. Гледано ретроспективно, денес може да се каже дека тој ги охрабрувал луѓето да веруваат во себе, во своите сфаќања и сопствената естетика и да ги преиспитуваат сите видови на догми.

 

 

Извор:  6uka.com

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.