Мобилизација на омраза

Новите избори, драги мои, за жал не се одржуваат во возбудливо време одлично за избори, како што вели американскиот амбасадор Волерс! Тие се возбудливи како што се возбудливи хорорите. Имено, денес, после 20 години независност, Устав, Охридски договор, безброј меѓупартиски договори, кандидатски статуси и меѓународни посредувања – стигнавме избори да одржуваме под геслото на Премиерот на Владата на Република Македонија – Дајте ни мандат против Албанците!?

 

Неговиот говор на Конвенцијата беше најголема до сега видена мобилизација на етничка омраза. Тоа беше предизборен апел до Македонците да ја дадат подршката на ДПМНЕ како би ги ставило Албанците на нивното место на слуги во оваа држава. Место за кое ДУИ се веке истренирани! Како би се обезбедиле од „уцени‘‘ во идната влада од Албанците! Како ДПМНЕ неподлегнувало на уцени од никого, а не посебно од терористи клети! Плакатите со претседателскиот кандидат на СДСМ со знаме на Албанија позади него се подготвени, опозицијата е апсолвирана како „лесна, мека со Албанците“.

ДУИ, да биде иронијата на оваа омраза целосна – ја игра улогата на еротска кукла на дување – за релаксација и тренинг на омразата на ДПМНЕ врз нив и Албанците. Мразете не нас, велат од ДУИ по договор, ние ќе Ве мразиме Вас, по договор – заедно ќе ги мобилизираме нашите толпи на омраза и ЌЕ ПОБЕДИМЕ (По онаа песна: Ајде да се м(р)азимо, само да се пазимо, молим те!

Ќе го извадиме на ачик најдолното од нашите етнички заедници, најниското, омразата едни кон други – ќе ја исконтролираме да избликне само на избори ( sic ) – за да може да не подржат и да победиме. Ние само така знаеме да победиме!

Не е важно што ова ќе значи за една независна мултикултурна држава по 20 години нејзина независност. Не е важно што сево ова ќе заврши со нова „зла крв‘‘ и не е важно што со ништо ваква мобилизација не е предизвикана: нема закани од војна, сецесии, радикализации, фундаментализми, репресии: Ова на гладно срце мора да ги построи Македонците и можеби и Албанците во воени чети и редови на омразата. Само така хегемонијата на овие партии е одржлива!

Ова е, драги мои, малата валкана приказна за предизборните програми на владеечката коалиција на омразите, време кое Волерс го означи за возбудливо!

Зошто ова мобилизирање на Македонците на основа на омраза, со ДПМНЕ е нужно и неодминливо? Зошто ДПМНЕ не може друго да прави освен да потикнува омраза и од неа да се храни?

Затоа што ДПМНЕ политички организира една посебна историска меморија за идентитетот на Македонците. Тоа е меморијата, архетипот на македонецот ( со мало м ) како распнат разделен субјект, како субјект кој само малтретиран, мразен, несакан и газен – издржувајќи го сето тоа – крикнува ( урби ет орби ) гледајте, јас постојам! Само такво постоење овој модел на Македонец разбира и само низ него смета дека е суштествено свој, имено, Македонец. Заклучно во овој ум, суштината на Македонецот е да страда и можеби да исчезне како климакс на страдањето. Тој само под закана од друг и заканувајќи се, мразејќи – може да се согледа како свој. Тој е како зелка која само под штици и камења ферментира во каца.

Овој национален, на некој начин, парадоксален архетип, е спротивставен на еден друг во зачеток – архетипот од друга компетитивна меморија ( Мишел Фуко ) за ослободениот, слободен Македонец кој е со самодоверба и пријатели, во еманципаторски од кон заедницата на слободните народи. Кој историјата ја преде како лесна плетка од која допрва конструира сопствен идентитет на слободен човек и народ. Првата меморија за македонецот во дупка ( во каца ), е денес доминантна, победничка меморија која политички ја организира ДПМНЕ.

Основната акција, единствената динамика на вака конструираниот народ и неговата политичка партија е да ги бара и истребува непријателите надвор и внатре. Сè останато е метафизички мир и статус-кво на диктатурата. Народот се втурнува во постојана згрченост, се става на постојан штрек и страв од последиците на конспирација. Ставен е во ситуација на постојано „издржување“ некаков притисок , како да е нормално сите да бидат против него, како да му е дадена некаква историска клет и судбина. Да чека некој нејасен проблесок во иднината – кој ќе го ослободи и реализира како хармоничен единствен народ (кај Македонците тоа го изразува јасно реализираниот архитектонско-споменичарски кич и ужас со Скопје 2014 и оние културолошки, литерарни-театролошки Плевнешовски срања: дека Македонецот е фантастично битие, кое само треба доволно силно и долго да го малтретирате, доволно длабоко да го закопате во дупка – за тој да ја покаже својата способност сè да издржи, за апстрактно да крикне – видете, јас постојам!? Но, тука постои проблем на подолг рок! Живеење подолго во свет на ваквата кoлективна парадоксална меморија која ја има усвоено ДПМНЕ е опасно за Македонците. Поради она што Жак Лакан го нарекува опасен преод во реализација на фантазијата за Изгубениот Објект или Petit a!

Согласно Лакан и интерпретацијата на Киршнер и Жижек, Изгубениот Објект или Петит А, е фантазија која е основа на желбите и кај народите. Таа фантазија го премостува јазот помеѓу примордијалниот поредок (РЕАЛНОТО според Лакан) кој е изгубен со субјективизацијата на нацијата – тоа е онаа нулта точка на замилено настанување на нацијата кога таа била целосно во хармонија со самата себе. Таа ситуација исчезнала со историјата, но се претвара во фантазија, желба на постојана потрага по неа, тој Изгубен Објект на промордијално единство.

Симболичниот поредок на јазикот (и политиката) не може целосно да ја задоволи таа желба-потрага и според Лакан, тој вишок загуба се сублимира во колективно несвесно, чувство на загуба, кое продуцира желба за задоволување кое нацијата го бара од своите лидери. Тоа е храната на популистичките диктатори – симболично задоволување на овој фантазам кај својата нација, ветувајќи и поврат на изгубеното единство.

Но фантазмот произлезен од изгубениот објект се претвора ( според Лакан ) во „невозможна желба‘‘, желба која не може да се задоволи реално низ политиката и се движи кон холистичко задоволување со себеукинување како субјект (задоволување кое не е психолошко или физичко туку самодеструктивно во природа). Тоа се реализира во фантазмот за целосносто стопување со примордијалното единство и со тоа се постигнува апсолутното задоволство. Тој акт на десубјективизација Лакан го означува како опасен преод, трансцедентално задоволството: jouissance beyond или passage a l,acte!

Што тоа значи со други зборови за Македонците вовлечени целосно во фантазмот за барање на изгубеното единство: во античките корени, во догмата за страдањето и издржувањето во дупка и општата политика на конспирација и страв и омраза?

Нашето национално уживање (Жижек) во омразата кон другите и страв од секого – е симболично ниво на сегашната политика. Но зад неа демне една сенка на фантазмот за изгубениот објект кој нацијата го бара. Тоа е опасниот преод на Македонците: десубјективизирање на Македонецот како народ и конечно целосно стопување со нашиот фантазам за раскинатото битие на Македонецот – во холизмот на општо целосно задоволство! Тоа е нашиот passage a l,arte или ултимативно уживање во самоукинувањето, самораспнувањето, досегањето на потиснатиот архетип на Македонецот. Ако е разделениот, поделениот, измачениот Македонец е вистинскиот Македонец – нека оди до крај таа логика. Апсолутното, целосното самоостварување тогаш е еднакво со самоукинувањето (национален парадокс на Македонците). Нека го нема – како постигнување на ултимативно задоволство кое го пречекорува секое физичко и психолошко задоволство. Крај на културниот архетип промовиран од ДПМНЕ (свесно или несвесно) е самоукинување на Македонците, како нивно ултимативно себеостварување во холистичката перспектива на ЦЕЛОТО.

Јебига, ова глупи дпмневци не можат да го разберат, ама нека им стои како кажано!

Leave a Reply

Your email address will not be published.