Младо вино од стар робовласник!

пишува Бранко Трајковски – Сачмо

Тиквеш е бренд. Едноставно бесценет, овде на балканските и европските простори. А и подалеку.

Своевремено Република Македонија имаше никаков премиер кој се викаше Буч Касиди (екс премиерот Бучковски). Негов советник за економија и економски прашања беше Свето Јаневски. Заради блискоста која си ја имаа, Свето си ја приватизира винарската визба Тиквеш, скоро за ич пари. Што следуваше потоа?

Следуваше  вештачко рушење на акциите на Тиквеш (бидејќи беше АД) а вработените беа принудени да го продадат својот дел од акциите за многу малку пари. Дивидендата беше научна фантастика. Набрзо беа поставени и историските монополски најниски откупни цени на грозјето од дури 6 денари по килограм.

Малку ретро,  да потсетиме само во едно не толку далечно ју-време, на легендарниот Анте Марковиќ, цената на килограм грозје достигнуваше и до највисоки 30 денари по килограм. Разлика во цели 24 денари која доколку се помножи со 70 милиони килограми грозје кое го откупуваше винарската визба Тиквеш доаѓаме до бројката од преку 27 милиони евра. Ете толку пари фалат на годишно ниво во џебовите на кавадаречките лозари. Ете тоа е причината зошто Кавадарци и тиквешијата во овие моменти се бедни. Затоа што Свето Јаневски си ја зема како поклон винарската визба Тиквеш.

Е сега, што претставува(ше) винарската визба Тиквеш за Кавадарци? Па тоа беше гордоста и достоинството на кавадаречкиот лозар а и на сите граѓани. Тоа е светски препознатлив бренд стар повеќе од 130 години. А сега, и географскиот поим, и винарската визба и самиот бренд Тиквеш денес му припаѓаат на еден човек. Сето тоа е сопственост на олигархот, а во модерно време робовласник. Тој е првиот човек кој во лозарството воведе робовладетелски начин на стопанисување. Тиквеш како фирма е регистрирана во сосема друга општина, не во Кавадарци. Сите давачки и даноци кои му следуваат по закон се одлеваат во друг општински буџет. За Кавадарци што има? Па, има…аргати, робови од современ тип како и лушпи од ланско комиње.

Самите сопственици на компанијата “Кока Кола” не знаат колку многу пари е проценета нивната компанија. Исто е и со брендот Тиквеш, едноставно е бесценет овде на балканските и европските простори. А и подалеку.

Велат дека Свето бил многу богат. Точно. Но, кога цела една гарнитура на народ од тиквешијата го мрази и презира, не до коска ами од дното на душата, тогаш за какво богатство зборуваме.

Замислете само, лицето Свето Јаневски деновиве славеше 130 години производство на вино. Па Свето нема 180 години, јеботе? И наместо да слават илјадници тиквешки лозари, сета радост се сведува на само еден човек. Да потсетиме само дека и манифестацијата Тиквешки гроздобер веќе е претворена во приватна манифестација каде одредени политички структури од градот им отстапуваат поголем дел од случувањата на 2-3 винарии кои и за дегустација на вино им наплаќаат на граѓаните. Затоа веќе тиквешкиот гроздобер не е манифестација на лозарите. Едноставно тие немаат ништо заедничко со тоа.

Во Лозана, Швајцарија, килограм асталтско грозје по маркетите се продава по цена од 7-9 евра по килограм. Кај нас се откупува по 10 денари, за без пари. Никој не разговара за проблемот на лозарите. Ниту Министерството за земјоделие, ниту премиер, ниту власт ниту опозиција. Сите му клекнуваат на македонските фараони оти и на многумина им се нечисти рацете а и совеста.

Оваа година Тиквеш откупил 25 милиони килограми грозје од тиквешијата. Тоа се 25 милиони капки пот од кавадаречкиот лозар. И деновиве тој славеше замислете забава “фестивал на младо вино”.

Би било се во ред кога би биле задоволни лозарите но тие се дотолчени по сите основи посебно по монополската цена за откуп на грозјето кое ти им се откупува за денеска нркој да слави и да им се насмее во лице на нивната мака.

Денес, цените на сите репро материјали за производство на килограм грозје постојано растат: гориво, препарати, ѓубрива, водарина, даноци…Сето ова е поскапено до три пичке лепе материне. Само цената на грозјето останува непроменета.

Како е можно од евтино грозје да се прават скапи пијалоци? Како е можно од 10 денари грозје да се произведе ракија која чини 400 и кусур денари? Тоа е прашање од неколку милиони евра наменето за лозарите.

Девалвацијата на кавадаречкиот лозар започна во оној момент кога Свето го зграби Тиквеш. После него, сите наредни олигарси сопственици кои се пронајдоа во истиот бизнис со откуп и производство на грозје нормално е да им одговара политиката на Свето. Бајракносецот на македонското искривено лозарство е Свето Јаневски. Неговите политики се поткрепени со сите досегашни влади на Република Македонија.

Проблематиката е толку поголема што барем досега многу малкумина или скоро ич јавно не ги критикуваат овие политики. Замислете, ниту еден од медиумите нема барем еден прилог за гореспоменатите голготи на лозарите кои датираат од периодот од приватизацијата на винарската визба Тиквеш. Од поодамна искривени се и стандарди на медиумите на погрешно величење на некои луѓе во Македонија. Оние кои треба да се критикуваат, тие ги возвишуваат. И обратно.

Лозарите и понатаму се дезориентирани и неорганизирани. А и нема кој да ги организира. Тие имаат свој таканаречен лидер кој за жал игра по нотите на некои други свирачи. Тоа е лидер по нарачка.

Кавадарци своевремено беше центар на светот. За многумина. Баш поради добриот стандард кој го имаа граѓаните а резултираше од одличните откупни цени на грозјето. Ноќниот живот прекрасен. Серенади се пееја до раните утрински часови. Но денес сето тоа го нема. Го нема затоа што работникот е експлоатиран. Трудот негов и работа не се платени ниту минимално.

Лажната утешна приказна “подобро нешто одколку ништо” олигарсите со огромен капитал успеаја да му ја наметнат на народот. “Подобро 10 денари грозје отколку да остане на нивата”, “подобро Фени да труе за да земам јас плата”, “подобро 12 000 денари во Дрекслмаер барем за сметките ќе има”. Ами пичка му матер до кога бре луѓе ќе работиме за да преживуваме? Туку, ајде драги сограѓани, и оваа година (којзнае која по ред) нека ни е на здравје младото вино.

Leave a Reply

Your email address will not be published.