Митко Јанчев, кандидат за градоначалник и концесионер на државата!

Покрај тоа што добивале тендери од многу државни институции, Митко Јанчев со „Кожувчанка“ од државата добиле и три концесии

На претстојните локални избори ќе учествуваат значителен број бизнисмени, или, пак, лица чии потесни семејства делуваат во одреден бизнис-сектор, при што некои од нив и досега биле дел од политичкиот живот и јавната сфера, додека за други, пак, ова е прво, условно кажано, политичко искуство и обид да преземат јавна функција.

Во пресрет на овие локални избори можеби најголемо внимание предизвика кандидатурата на Митко Јанчев за градоначалник на Кавадарци од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е косопственик (друг косопственик е Јанинка Чупаркоска) и воедно управител на компанијата за производство на минералната вода и пијалоци „Кожувчанка“, основана во 1995 година во Кавадарци.

Според податоците од Централниот регистар, компанијата има и неколку подружници чија дејност е производство на пиво, трговија со храна, па дури и угостителство, со оглед на тоа што компанијата неодамна ја отвори пивницата „Центар бар“ во Скопје, на истото место каде порано беше ресторан на „Мекдоналдс“. Како што најавија од „Кожавчанка“, ќе нудат свежо пиво произведено со технологија од германски „Синалко“, чии сокови „Кожувчанка“ долги години ги дистрибуира во земјава.

Покрај тоа што добивала тендери од многу државни институции, „Кожувчанка“ од државата добила и три концесии. Според регистарот на доделени концесии, изготвен од Министерството за економија, едната се однесува на експлоатација на минерална вода од 2007 година, втората за подземна вода во 2010 година и третата за термоминерална вода во 2012 година. Значи, сите три концесии „Кожувчанка“ ги добила во време кога премиер е Никола Груевски, лидер на партијата која на овие избори го кандидира за градоначалник на Кавадарци.

Извор Вистиномер