Мијалков за претседател

Реално гледано, молкот и задршката од страна на ВМРО-ДПМНЕ не треба да изненадува, земајќи ги предвид предностите и инструментите што и’ стојат на располагање и и’ овозможуваат порелаксиран однос кон изборот на својот кандидат

„Луѓето кои ги вреднуваат привилегиите повеќе од принципите набргу ги губат и двете“ – Двајт А. Ајзенхауер

Тековните монолози поврзани со (ре)изборот на новиот претседател на „нашата прекрасна“ ме потсетија на една не толку стара анегдота, поврзана со извесен млад и се’ уште активен министер, чиј шеф на кабинетот, наводно, низ градот љуби да се претставува како „шеф на министерот“. На тој начин прецизно – дури и ако е ненамерно – исцртувајќи ја реалната пирамида на вистинска моќ и влијание на политичката сцена кај нас. Чии контури на моќ и влијание не се поклопуваат секогаш со формалните титулари и функции.

Македонија денес е безмалку жива реинкарнација на волшебното „Царство на Оз“ поделено на четири дела и под владеење на еден монарх, големиот Волшебник, тоа семоќно, севидливо, сезнајно око на врвот на пирамидата. Земја во која четири партии успешно, но бесцелно трчаат во круг, создавајќи висок ѕид на прашина и чад зад кој се затскрива дводецениската патологија на една агонија. Приказната за консензуалниот претставник е само уште еден, најнов слој на тоа до небеса високо прашливо ѕидиште кое би требало да дава привид на политичка борба и да ја затскрие испразнетоста на понудата која би значела каква било промена на веќе усогласената шема. Но, воедно им служи на сите четири затрчани маратонци во круг да не’ држат кротки, да не прашуваме премногу и, секако, да „не обрнуваме внимание на човекот зад завесата“.

Всушност, што друго би можеле и би имале право да очекуваме во земја во која вистинскиот суверен, граѓанинот, е соочен со поегзистенцијален избор помеѓу гласање со нозе или избирање со стомак. Тој однос кон сувереност е – симптоматично, нели – споделен и веќе прифатен како „нормална работа“ од сите четири партии кои во договор ја дезавуираат привилегијата на граѓаните да избираат свој претставник преку прашања и соочувања. Напротив, судејќи според се’, ние сме веќе во фаза во која кандидатите се избираат според способноста за молчење и избегнување прашања, наместо беспоштедно наметнување и убедување на суверенот да им го даде својот глас. Черчил би ни наздравил отаде гробот за нашата способност да ја прошириме и надградиме неговата поука дека најдобриот аргумент против демократијата е петминутен разговор со просечен гласач.

Уште попоразително е сознанието дека и самите потенцијални кандидати за водство на земјата не се осмелуваат јасно и гласно да ја потврдат или негираат својата подготвеност за преземање на одговорноста да се биде првиот од нас, туку чекаат на своите партиски менаџери да решат (или се договорат) за нив. Со што веќе однапред може да се процени вредноста на нивната карактерната структура и државничка лабилност и, над се’, доброволната подготвеност да се биде обична, евтина куклена марионета насадена на тупаницата на партискиот водач. Поради таквиот непримерен однос кон граѓаните, станува дискутабилно дали помеѓу понудените политичари воопшто има материјал од кој може да се изгради личност која со полно право и достоинствено ќе ја носи титулата – претседател.

Реално гледано, молкот и задршката од страна на ВМРО-ДПМНЕ не треба да изненадува, земајќи ги предвид предностите и инструментите што и’ стојат на располагање и и’ овозможуваат порелаксиран однос кон изборот на својот кандидат. Едноставно, кусокот време и квалитет лесно со компензира со вишокот пари што им стои на располагање. Но, таквиот начин на избор на претседател повеќе ќе наликува на „ми се може“ цинична дрскост на Калигула да наметне коњ за сенатор отколку личност која ќе има доволно политичка автономија и карактерен авторитет да биде претставник на сите граѓани.

Нивниот партнер ДУИ и г. Ахмети, пак, полека се освестуваат во новата реалност во која има се’ помалку актери подготвени да учествуваат во нивните интриги. Барањата за консензуален кандидат се ништо друго туку невешта камуфлажа за дебаклот и неспособноста на Ахмети да издејствува избор на прв Албанец претседател на … што било: државата, Собранието, Сојузот на извидници или Фан-клубот на Џастин Бибер во Охрид. Напротив, изјавите на Груевски како и изјавата на Заев дека „Ахмети нема влијание“ неминовно потсетува на ситуацијата во предзорјето на падот на Црвенковски и тогашните тврдења на Ахмети дека „СДСМ е ирелевантна партија“. Изјавата на Мендух Тачи со која се залага за демисија на Ахмети е придружен дел на се’ понепријатната опсада на првиот од ДУИ. Но, воедно, и јасен показател за жалната недоследност на Тачи да се биде патриотски остар кон Албанците и конструктивно молчалив кога станува збор за можна демисија (или барем блага критика) на г. Груевски.

Во СДСМ, пак, не недостасуваат квалитетни имиња, кои во некои други околности можат да бидат сметани како погодни личности за избор на претседател. Кај социјалдемократите проблем не се кандидатите, туку водството на партијата и нејзиниот приод кон немакедонците, кој се’ повеќе наликува на оној на ВМРО-ДПМНЕ и ни дава за право да се запрашаме дали можеби, сепак, има некоја форма на консензус меѓу двете најголеми етнички партии на Македонците? Етнички чистата нова социјалдемократија не ја прави убедлива филозофијата „ние ќе предложиме – вие прифатете“ со која немакедонците еуфорично би се затрчале да гласаат за ликови кои барем досега ги сметаа за прифатливи. Поедноставено, етничкиот композит на новата социјалдемократија не дава никаков аргумент во прилог на тезата дека нивниот кандидат навистина би вовел нов приод кон граѓаните базиран на еднаквост, а не на етничка привилегија.

Без обѕир на исходот, предизборната кампања е уште една од пропуштените можности на опозицијата да се внесе нов дух на вистински отпор преку номинирање лица чии животни стории би служеле како инспирација за пркос. Личности кои би биле трн во око на власта и би предизвикале поширок интерес за инаку речиси ирелевантните и прозаични избори за функционери без власт. По теркот на Жерновски.

Затоа, збор-два за човекот зад завесата. За разлика од вжештената дебата на партиско-политичките фактори од извршно-законодавната големата четворка за тоа кој ќе биде новиот претседател на Републиката, во потсвеста на граѓаните таквата дилема е одамна апсолвирана. И заокружена во фактот што добро знаат кој е и кој и понатаму ќе биде вистинскиот шеф на државата, што сосема соодветно, во согласност со филозофијата на Шарл де Гол, го сублимира низ својот лик „духот на нацијата“ и пред светот дава „соодветна идеја“ за тоа што е навистина Македонија денес. Каков дух, каква идеја, таков нека ни биде и шефот на државата. А тој шеф на државата, според длабоко врежената перцепција кај огромен дел од граѓанството, е г. Сашо Мијалков, човекот зад сите тронови на власта. Неговата номинација (која нема да се случи) и победа (која, секако, би се случила) би била досега најконкретниот чекор кон демистификација на вистинската природа и дискретниот шарм на вмровската буржоазија под нозете на првиот разузнавач во земјата.

Македонија, секако, ќе добие претседател каков што заслужува. Претседател кој ќе биде почитуван онолку колку што заслужува.  

Извор УТРИНСКИ

Leave a Reply

Your email address will not be published.