Метастаза на патриотизмот

Патриотизмот сам по себе не е ништо лошо. Напротив, тоа чувство е еден од темелите на општествената кохезија. Неволјите почнуваат во оној миг кога патриотизмот – а тоа ни се случи и ни се случува нам – метастазира во идеологија.

 

Тоа секогаш се случува кога поради растечкиот партикуларизам и нескротливата себичност, обично предизвикани од распадот на некој општествен или вредносен систем, ќе ослабе и автентичниот патриотизам. Во такви времиња секогаш се појавуваат поединци и групи кои – не секогаш заради ниски побуди – прават обиди да го обноват изгубеното единство. Сето тоа однапред е осудено на пропаст, заедно со општеството во кое настанува, од едноставна причина што општествениот раскол (кој има метафизичка природа) не може да се излечи со политичка акција. Наместо вистинското чувство на заедништво и љубов кон татковината, на општествената сцена настапува декларативното заедништво, вербалниот патриотизам, кој, како нешто надворешно, многу брзо прераснува во скаменета мантра од која испарила секоја смисла. Од друга страна, партикуларизацијата на патриотизмот, како оној заедничкиот и општ од страна на поединците и групите, наместо посакуваната интеграција (под услов да била посакувана) создава дополнителен раскол и ги забрзува процесите на општественото и – следствено на тоа – државното распаѓање.

 

Идеолошкиот патриотизам, всушност, претставува ендорасизам. Тој неизбежно завршува со поделба – во нашиов случај, на „квалитетни“, „помалку квалитетни“ и сосем „неквалитетни“ Срби, односно, предавници. Зарем не беше тоа сосем гола формулација на Коштуница кој во состојба на акутен излив на глупости и расипан мозок своевремено изјави (наведувам по сеќавање) дека Србите преку Дрина се поквалитетни и подобри од Србите од Србија кои, најверојатно, се корумпирани од удобниот живот во нивната земја.

 

Меѓутоа, ваквите глупости не се единствената ниту најголемата штета што произлегува од идеолошкиот патриотизам. „Коалициониот потенцијал“ на лажниот патриотизам е несомнено преголем. Под здолништето на идеологијата на патриотизмот сосем удобно се сместуваат баби и жаби, нешта кои во нормални околности треба да стојат одвоено, па така, во „патриотскиот блок“ без проблем се собираат донекаде измиените болшевици, партиите од центарот, од десницата и псевдодесницата. Но бидејќи шинелот што сите го облекоа не постои, сите неминовни и непремостливи разлики, а посебно различните лични и групни интереси, привидно обединети, создаваат уште поголема конфузија.

 

Системски недостаток на ваквиот патриотизам е неговата јаловост. Освен во вонредни околности (војни, природни катастрофи) ни автентичниот патриотизам не е во состојба да стори нешто. Ниту треба. Целта на љубовта и заедништвото се љубовта и заедништвото. Ништо повеќе од тоа. Сето друго останато го прави волјата.

 

Дури и идеолошкиот патриотизам не е во состојба да стори нешто. Можат, да речеме, сите Срби во светот напамет да ги научат и слепо да ги следат небулозите на Ќосиќ или Антониќ; можеме сите да се собереме на некој севселенски повеќемилионски митинг – освен деструкција (многупати видена) ништо добро не може да излезе од тоа, ниту пак може нешто да се поправи.

 

Основната грешка на српскиот патриотизам (и на сите слични) е апсолутизацијата на релативното, во овој случај, на народот. А народот, колку и да им звучи непријатно на патриотите – е релативен. Како и патриотизмот. Патриотизмот има смисла само во однос на некој систем на вредност. На пример, едно да се биде германски патриот за време на Хитлер, друго е денес; едно е да бидеш патриот во времето на Милошевиќ, но – во нашиов случај – сосем е исто денес. Погубната апсолутизација на патриотизмот како вредност сама по себе во сите времиња и во сите работи, ја доведе Србија на самиот раб на цивилизираниот свет. Таквиот „патриотизам“, поставувајќи ја националната припадност како врховна (единствена) вредност, го суспендира секој систем на апсолутни и универзални вредности. Конечниот исход од ваквата пракса е сеопштата провинцијализација и неизбежното враќање во некој вид постмодерна родовска заедница.

 

Ако таквата состојба не е добра за Србија и мнозинството нејзини граѓани, повеќе е од добра за истакнатите национални работници. Бидејќи апсолутизираниот патриотизам оправдува и израмнува сè; и само во таква атмосфера е можна навидум апсурдната но парадоксално функционалната симбиоза меѓу комунистичките комесари, воените демократи, најобичните криминалци, неспособните и ловците во матно кои воспоставуваат контрола над целокупниот политички, економски и културен простор.

 

Освен што претставува прикриен ендорасизам, идеолошкиот патриотизам е истовремено и ендоокупација. Сега тоа е сосем очигледно. Патриотската псевдоелита се однесува немилосрдно кон човечките и економските ресурси на нашата земја, како да станува збор за странски окупатор. „Патриотите“ во одбрана на државата тргнаа со одбрана на институциите, називите и вилите купени со опљачканите пари. Вон таа дифузна линија на одбраната на државниот апарат и неговите слуги не постои никаква држава, туку сè се заснова на ориентална случајност, корупција и мито. И на добрата или лошата волја на локалните моќници.

Што би рекле Американците, тоа е state of affairs. И ќе биде, судејќи по сè, уште долго. Кога Албанците одзедоа поголем дел од небранетата територија, тогаш националните работници предводени од губитничкиот гуру, Ќосиќ, тргнаа во потпомагање, офкање и цмиздрење над неправдата. Тешко е да се поверува дека овие зрели луѓе – инаку склони кон нанесување неправди – веруваат дека овој е единствениот свет изграден врз правдата. Не. Нема такво нешто.

 

Кога бев млад, се чудев зошто на раскрсниците на големите париски булевари во најнормални услови, деноноќно, беа паркирани полициски комбиња покрај кои стоеја жандарми, облечени во црно и добро вооружени. Никого не чепкаа, ама беа таму. За секој случај. Не беше тоа полициска држава, како што во наивноста си мислев. Далеку од тоа.

 

Тоа е само една сериозна држава која бдее над својата територија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.