(Видео) Срам и резил, мештаните од кавадаречкото село Бојанчиште, месец дена без вода за пиење
Непријатна е глетката а уште понеподносливи се условите за живеење на мештаните од кавадаречкото село Бојанчиште кои од почеток на ова лето скоро цел месец немаат вода за пиење. Велат дека се исклучени од водоводната линија а немало посебна причина за тоа. Никој од надлежните од локалната самоуправа Кавадарци досега немало излезено со конкретен одговор и да им објасни што е причината што ова село и во 21-от век се соочува со овој можеби најгорлив проблем.
Хигиената во домовите е тешко оддржлива, бунарската вода е нечиста за пиење. Исплашени се за здравјето на сите, кое во последно време постојано се влошува. Им страда и добитокот од кој претежно и егзистираат.
Одвреме навреме од локалната самоуправа Кавадарци им пристигнува по една цистерна вода која нималку не ги задоволува ниту основните потреби. Водата им се транспортира во стар камион, кородиран од внатрешноста на цистерната и ја прави водата уште позагадена.
Веб порталот Мојотград експресно интервенираше на поплаките од тамошните жители и ја искористи можноста да ги посети и овој проблем да и го долови на целокупната јавност. Посебно до надлежните од локалната самоуправа Кавадарци.
“Вода за пиење немаме, а не знаеме зошто. Директорот на ЈП “Комуналец” и градоначалникот Панов се кријат. Од цело лето, повеќе од месец дена сме без вода. Имам двеста овци кои пијат вода од локва со жабуњак. Може да се испита водата да се види дека е загадена. Има изумрено доста добиток. Им ставаме редовно инјекции, се изнадававме на пари. Никој нема дојдено и да види како се справуваме.” – вели еден од селаните.
Селаните напоменаа дека без вода не може да живеат и дека не можат за килограм пиперки да одат на пазар во Кавадарци. Поради немањето вода за миење им е страв од појава на заразни болести.
“Имам дваесет крави. Водата во оваа село тече многу години наназад и досега не се имале никаков застој се додека не дојде оваа власт. Локвата (поилото) на ридот треба да се испита. Има изумрено четири крави плус мојата.” – загрижено раскажуваат селаните плашејќи се од можна епидемија да надвладее во селото.
Мештаните прашуваат кога локалните власти немаат слух до кого да се жалат сега? Своите човекови права велат дека ќе ги бараат во Скопје. Таму ќе го бараат своето право. За градоначалникот Александар Панов, кој го гласале на последните избори, немаа некој добар збор. Напротив, за нив повеќе не постоел.
“Имам малку грав садено, некој корен. Срамота е за толку да ни сопира некој вода. Сите во селото имаме по малку садено. Сите десетина куќи. На чардак не може човек да дојде да поседи. Смрди од тоалетот. Перална имаме, не можеме да ја уклучиме да се испереме.” – револтирано се поплачи еден од жителите.
Мештаните велат дека дека досега немале проблеми со водоснадубвањето. Велат, се “изредија” многу гарнитури на власт, но на ова дереџе никогаш не биле. На старите и болни изнемоштени лица им е најтешко.
“На сопругот му е извадено белодробното крило. Јас сум болна од леукемија. Лекарите ни препорачаа да живееме на чист воздух во планина. Како да живееме кога немаме елементарни услови? Градоначалникот дојде еднаш и ни вели да ни носел вода со цистерна. Му рековме дека ние не сме способни да си носиме вода од цистерна.” – се пожали жителка од селото која боледува од леукемија додека нејзиниот сопруг боледува од карцином на белодробното крило.
Претседателот на месната заедница видно револтиран од проблемот. Вели дека неколкупати звонел на телефонот од градоначалникот и директорот на јавното претпријатие “Комуналец” од Кавадарци за да добие конкретни информации, но за жал ништо од тоа. Исто така отишол и директно до градоначалникот Александар Панов во општинската зграда каде после долго чекање на ред во ходникот за прием, се вратил назад.
На лице место во селото Бојанчише се најде и советникот во советот на општина Кавадарци, Сашко Петров, кој селаните целосно го запознаа со проблемот со водата и им вети на жителите од ова село дека во среда кога е планирана и наредната седница на советот на општина Кавадарци ќе ја отвори оваа тема за дискусија и ќе побара објаснување од градоначалникот Панов за настанатата ситуација како и изнаоѓање на експресно решение за решавање на овој сериозен проблем.
Created with flickr slideshow.