Медиумско оцрнување преку гомнарски цевки

Кога минатата недела пишував за политичко-медиумската структура „Делта“ на власта, најавив дека ќе следува сурова и бескомпромисна офанзива врз опозицијата и врз критички настроените медиуми. Еве, не помина ни недела дена, офанзивата е започната и е тотална.

По првичниот обид на власта да дефокусира од медиумскиот скандал и од тендерите за Ивона, Латас и Градски стадион б.б., преку политички инструменти, спинови и манипулации, сега машината за оцрнување е целосно во погон. Не беше доволно криминалните логики на власта да се изедначат на политички план, туку за власта е поважно самиот медиумски скандал да се префрли на полето на слободните и критички медиуми.

 

Срамните пишувања на „Дневник“ и Нешкова, поддржани од „Курир“ и „Нетрпес“, се само доказ дека структурата „Делта“ или, поточно, машината за оцрнување на режимот, работи синхронизирано и под директива на власта. Самото активирање на „Дневник“, а и на сите останати режимски медиуми е најдобриот доказ дека во криминал не се само Ивона, Латас или Сител, туку дека сите медиумски мегафони се дел од истиот. Воедно, паѓа во вода тезата дека режимските мегафони од пониските ешалони биле гневни поради профитите на Ивона. Не, овде секоја слуга и мегафон е во потрага по своите милион евра. И, конечно, не може да постои гнев или чувство за неправда кај оние кои се неслободни и се слуги на режимот.

Машината за оцрнување или гомнарските цевки на режимот сега работат по две линии. Од самата власт критички настроените медиуми и новинари треба да се опишат како лажни борци за слобода и демократија. Второ, колку што е можно повеќе да се опишат како зависни и лојални на самата опозиција. Од нејзините медиумски цевки пак треба да излезе наводен си скандал, кој таа манипулација ќе ја зацврсне. Па, така, Нешкова потпомогната од Центарот за комуникации и аналитика на ДПМНЕ, и разни внатрешнобезбедносни структури, ќе фабрикува информации дека критичките новинари биле всушност сопственици на фирми кои дебело профитирале или се занимавале со сѐ освен со новинарство.

 

Идејата е прво да се создаде привид за паралелизам или сличност помеѓу начинот на кој функционира врската и зависноста, криминалот и корупцијата помеѓу режимот и нејзините медиуми, и тоа да се поистовети со функционирањето на критички настроените медиуми. Потоа, се оди на следниот чекор, каде преку фокусирање на режимскиот медиумски напад, комплетно ќе се елиминира тој паралелизам и ќе се претстави како проблем само кај критички настроените медиуми. Со други зборови, фабриката за екскременти на режимот, и од политички аспект, и од медиумски, ако воопшто можеме да ги делиме, повеќе не се занимава само со спинови, со манипулации и со дефокусирање, односно, не ја искривуваат само вистината, туку сега се во фаза кога комплетно ја фабрикуваат и измислуваат.

Нема да навлегувам во деталите на режимските фабрикации, во моралната осуда на нискоста која ја демонстрираат режимските новинари кон слободните и критички настроените. И не ги нарекувајте личностите како Нешкова, Ѓоргиевска, или оние анонимни и непотпишани, а сепак познати на повеќето, Курири или Нетпресовци, колеги. Не ви се колеги, тие се повеќе колеги со Илија Димовски и Протоѓер, отколку со кој било новинар. Конечно, режимот секаде си има миленици, си ги има Ивона и Мирка, Латас и Миленко, но ништо помалку важни не им се пониските ешалони од МПМ, МТВ, АЛФА, Канал 5, и други помали или поголеми медиумско-гомнарски цевки. Си имаат и релативисти и тивки играчи, суштината е да разбереме дека се целина, но и дека индивидуално еден ден ќе бидат прозвани, име по име, да одговараат и за соработката со режимот и за криминалот со истиот. Нема да ги заборавиме!

 

Сакам малку подетално да проговорам како функционира машината за оцрнување на режимот. Нема ништо ново во нејзиното постоење, работата е што нејзиното функционирање постојано се надградува, не оставајќи недопрен ниту еден критичар на власта. Критикуваш, се буниш?! Ќе бидеш делегитимиран, ставен на столбот на срамот, медиумски обвинет за нешто што правно е неиздржано заедно со твоето семејство, навредуван и понижуван, прогласуван за предавник, непријател, педер или криминалец. Порано, нападите беа спорадични и несинхронизирани, денес се константни и синхронизирани. Притоа, денес нападите и понатаму се индивидуални, мора да се такви, но имаат и одредена групна компонента. Односно, тој што е мета на машината за оцрнување мора да биде претставен како дел од некое злосторничко здружување.

 

Порано, делегитимацијата беше повеќе само вулгарна, приватна, денес е пред сѐ професионална и морална. Денес, стремежот на гомнарските цевки не е само критичарот да се опише како некомпетентен или неспособен, да се навреди само или да се минимизира. Не, денес целта е да се максимизира штетноста на критичарот, да се претстави како општествена и државна опасност и дел од некој си заговор. Тоа што е особено загрижувачко е употребата на полициски или удбашки методи каде во обид да се фабрикува нешто за критичарот, јавно се злоупотребуваат приватни и лични или фамилијарни информации и податоци.

Како режимско-медиумската машина за оцрнување си ги оправдува таквите постапки? Со тоа што глумат или имитираат слободно новинарство и легитимно истражување. Демек, сѐ што напишала Нешкова е реално, фирмите постојат, а таа само истражувала. Не е важно што притоа клевети и измислува, односно, инсинуира дека слободните новинари работат исто како и режимските. Што значи, машината за оцрнување не прави разлика помеѓу истражување и клеветење. Вистинското истражување собира мноштво елементи и ги презентира пред јавноста без да сугерира или тврди одреден став. Машината за оцрнување зема еден единствен приватен или професионален елемент, го прави јавен и потоа клевети врз основа на истиот.

 

На пример, за да имаш портал, мора да имаш фирма. Ете, Нешкова и режимот се фаќаат за тоа, а потоа создаваат паралела со Ивона, значи клеветат дека и слободните новинари земале тендери, односно примале милионски поткуп. Но, тие не застануваат тука, прават цела махинација дека слободните новинари функционираат како злосторничко здружување, дека фирмите биле за бизнис, а не за новинарство, дека газдите биле богати, а новинарите што за нив работат мизерни, дека така направиле баснословни имоти и што ли не друго. Е, на тоа се сведува лажното истражувачко новинарство на машината за оцрнување. Машината е во состојба да искористи каков било приватен аспект од твојата интима, или твојот професионален квалитет, или материјалната состојба, за потоа да го претстави како сомнителен и да исфабрикува од него лага и невистина.

Гледате, сѐ може да се изврти и сѐ треба да се изврти за најлошите во општеството, односно самиот режим и неговите слуги, да си се одржат и да опстојат. А лошите се најлошите, или најдобрите кои имаат погазено сѐ, се имаат откажано од себеси и од секој цивилен начин на егзистирање, кои толку имаат испрофитирано од тој нивни избор и трансформација, што на крај на памет не им доаѓа да се променат. Не, тие сакаат сите останати да ги повлечат со себе. Затоа, кога оцрнуваат или измислуваат невистини за другите, тие секогаш жртвата на нападот ја споредуваат со себеси. Кога фрлаат кал или екскременти, секогаш удираат по интимата или професионалноста. Сакаат да те примораат да се браниш за нешто за што не постои ни вина, ни грешка, ни криминал. Само така можат да се исперат од своите грешки и својот криминал.

 

Целта на машината за оцрнување е секогаш прво жртвата или жртвите да се изедначат со напаѓачот, односно да се избрише секоја разлика помеѓу двете страни, а потоа и комплетно да се замени виновникот. Режимот сака да ни каже: Сите сме исти, сите сме едно! Но, бидејќи толку многу души се станати тоа режимско едно, и одлично им оди, нивните критичари, оние малку слободни души, мораат да бидат прогласени за виновници, за вистински криминалци, за проблемот во нашето општество. И ова не важи само за новинарите, ова важи за секој човек што се обидел да се спротивстави или постојано се спротивставува.

Крајната цел не е само манипулацијата, јавната невистина и лага која ќе го олесни нивниот криминал и злоупотреби, или ќе ги замени улогите. Крајната цел е некогаш и лична, сакаат да го заплашат критичарот, да го замолчат, па и да го уништат. Така, ќе се испраќаат пораки и закани, ќе се затвораат сите можни врати за чесна работа и заработка, ќе се испраќаат тужби за душевни маки и ќе се наплаќаат астрономски казни. Така се креира страв и терор, но не толку кај самата жртва на нападите, колку кај оние кои веќе се потчинети и уплашени. Машината за оцрнување сака да нѐ блокира, да нѐ парализира од страв, да ве натера да не партиципирате, да не се потрудите да смените нешто на подобро, конечно, и да не верувате дека нешто подобро воопшто постои.

 

Ова лудило не се игнорира, невозможно е, но му се застанува исправен како ѕид. Секој може да му застане на патот, со тоа што ќе одбере да не верува во лажната и фабрикувана реалност, што ќе ја зборува и ќе се бори за вистината. Само така на режимот ќе му се испрати најсилната порака: Пробајте сега сите да нѐ оцрните!

Leave a Reply

Your email address will not be published.