МЕДИУМСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗАЧУДЕНА ОД ПРЕСОТ НА ЗНМ И ВЛАДАТА ЗА ЗАКОНИТЕ ЗА МЕДИУМИ

Трите медиумски организации велат дека воопшто не биле консултирани за ставовите кои вчера ги изнесе ЗНМ на пресот и информациите дека наводно ЗНМ постигнала договор со Владата за промени во предложениот закон, ги проследиле со изненадување.

Од Македонскиот институт за медиуми велат дека тие остануваат на ставот дека законот за медиуми е непотребен и не ги решава клучните проблеми на медиумската заедница, туку напротив, има потенцијал да создаде нови. Додаваат дека се загрижени за можноста ваквиот тек на настаните дополнително да ја влоши медиумската состојба и да создаде уште поголем раздор во медиумската заедница.

„Изненадени сме од вчерашните изјави на Владата и на ЗНМ, и ја информираме медиумската заедница и јавноста дека за постигнатата согласност за усвојување на медиумските закони во итна постапка и во форма во која законите веќе се наоѓаат во собраниска процедура дознавме од медиумите. Вчудоневидени сме од најавата за дополнителни измени во законите, откако ќе бидат усвоени. Изјавите на вчерашната прес-конференција и искажаните ставови потоа се контрадикторни и создаваат дополнителна забуна“, велат од МИМ.

Новинарскиот синдикат исто така вели дека не бил известен и консултиран за намерите на ЗНМ да одржи заедничка прес конференција со министерот за информатичко општество на која е соопштена согласноста за усвојување на медиумските закони и тоа по итна постапка.

повеќе ТУКА

Leave a Reply

Your email address will not be published.