Машина за опслужување на будалштина

Новата година дојде и во мојата егзистенција, но зошто мора од година во година да го поминувам(е) истиот циркус прифаќајќи го филозофирањето дека човечката глупост е безвременска, но зошто, велам повторно, во пракса се докажува, дури и репризно?


Одлучив да пишувам жанр колумна, од лат. columna, што во типографијата значи „работа со редови“, а колумнист е човек кој има „пополнето“ неделно место. Простор во кој се бара шареноликост на теми, бизарен пристап и агресивност на ставот. Имено, се втурнав во една работа која ми донесе, за релативно кратко време, шака (читај „на дланка“) комплименти, вагон од „премолчени“ закани и баталјон непријатели. Ваквите илузии не ми се непознати, напросто – ме заволе Црвениот бан! – со задоволство ваквите шашми би ги заменил со буре од квалитетно црвено вино. Кревка е ова душа, се’ впива!

 

Се’ шетам низ тој простор кој се нарекува “Маркет“ (јебем ли га точното име): гужва, никако да стигнеш на ред на каса. Се поредил семакедонскиот патриотски бит низ рафтови, купуваат како да е „смак света“, другите, дежурни патриоти кои – што му знаеш, ѓаолот никогаш не спие – стојат и гледаат дали некој „предавник“ ќе влезе во тој потрошувачки Храм како би дојавиле „тамо каде треба“ (навистина, каде би дојавиле по ѓаволите, на некоја пазарна инспекција можеби?), а трети напросто не’ сакаат таму да влезат заради нешто за кое само ним им е познато. Може и’ да не верувате – тука има Злобни Излози кои бесправно ни го крадат делот од територија и целината на душата. А меѓу таквите излози се’ банките, еден монополистички трговски ланец за храна, и еден ланец на „храна без храна“.


Еве за што станува збор, имено груевистите создадоа мали локални монополи како само тие треба да живеат, а оние малечки дуќанчиња, пекари и по некоја тезга за скара мора да умира затоа што тоа е, како не’ информираа од највисоките инстанци – на Оние Другите. Овде човекот е роба „за потпалување“ – идеолошка! – мрази го овој, не пазари кај оној, цинкари во УЈП и’ расплачи му мајче. Е, така е тоа во овие прозаични времиња: нашите претци барем имаа душмани кои биле вредни за стравопочит, а нам, како непријатели, во ова време, ни паднаа за душмани нашите пријатели, роднини, пекари, локални дуќанчии, малите трговци. Веројатно подобро и не сме заслужиле. Што не значи дека тие не заслужиле некој подобар, од нас, вакви.


Додека цела источна Европа изминатава година се’ претумба и се растури во чуден некој полет, едни се прославија со трговија, други со туризам, трети со гас и нафта, четврти со компјутеризација, електроника, нови „гаџети“, медицина…, ние низ рафтови „потрошувачки“ се занимаваме со нашиот јебан патриотизам како главна одлика на нашиот политички, културен и економски бит. И не сме уморни, туку напротив – разјарени сме ко волови!

Возам низ преполните рафтови и се прашувам дали е ова некоја ноќна мора, или можеби сите сме некои апсурдни јунаци како од нечиј кошмарен сон на некаква пречувствителна уметничка душичка? Па добро бре, до кога ќе затвараме се’, до кога само мали монополи ќе работат на грбот на оние другите кои сега се затворени? Дали ќе продолжиме повторно да затвараме се’, па после десет години повторно ќе отвараме се’, повторно низ стампедо, но тогаш уште погладни, уште посиромашни, уште побезначајни Македонци, уште желни за „трици од рафтовите“, како некакви зомбии?

 

Добро, го прифаќам филозофирањето дека човечката глупост е безвременска, но зошто баш овде во пракса да се докажува, дури и репризно? Зарем ништо не научивме од фактот дека и прошлиот пат не’ пропаднаа оние кои сакавме да ги „казниме“, туку пропаднавме ние, дури и’ се повеќе пропаѓаме, гротескно и празно горди во својата самозаљубеност на Вечна Жртва, трагично збрлавена со достоинството?


И каде е бре тоа копче, каде е таа машина која произведува и репродуцира будалаштини, дали е возможно да нема копче за исклучување?


Еднаш, еден феноменален писател, излупета дека „не пие кока-кола од идеолошки причини“. Не болшевички, туку оние другите, патриотските… Ако е некој во состојба да ја примети разликата. Ова лудило кои измина, и кое го „фрливме“ во старата Година мора да се запамети како што мора да се запамети и лудилото на некој близок човек кој се скренал од умот, и дека враќање нема, ма колку и да го повикуваш, знаеш, назад нема. А од друга страна, не се работи за тоа дека нормален е оној кој пие само кока-кола; таа работа дури и јас не’ ја пијам, ама само затоа што не умеам да смислам за што корисно ќе ми послужи оваа шеќерна водичка, па било да е америчка, руска или „патриотска“, да не речам – семакедонска.


Па така, овие денови во мене расте некаков „локален инат“ и, апелирам во Кавадарци да се направи Мек Драјв или да се донесе Мек Доналдс! – чисто колку да им пркосам на Оние Тамо. Ама, кога подобро ќе размислам – не сакам! Море марш! (или што би рекол еден умен човек): ќе одам тамо каде што ме води мојата волја, и тоа е се’! Па си велам на себеси, веќе поприлично спокоен: ако си при себе, немој да полудиш како би ти било полесно, туку остани при себе, и носи ја таа присебност со необврзувачка леснотија, таквата свесност на оние патриотски опслужувачи на машината ќе им биде најголемата казна.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.