Манифест на една празнина
Фрагменти од една необјавена минималистичка проза – автор кој се труди да стане „писател“ по општа пракса, раскалашен по Јасна Полјана и околина, трактати на некои свои патиша, градови и слободи
Како мал сонував дека ќе станам морепловец кој ќе вози бел брод целиот ишаран со црвени туфни; сонував дека ќе бидам актер. Дедо ми беше некоја „патерица“, замена за татко кој го немав – да ми помогне за упис на глума. Денес, не станав ниту морепловец, ниту актер. А немам ни брод. Реалноста е заебан играч, нејзината моќ е скриена, ги распрснува сите илузии и соништа. Се сеќавам на деновите кои беа транзитни за мене: празнината без татко која ја чувствував (како што и’ времето покажа) – мојата хиперактивност беше замена за едно растење без татко. Прашањата во егзистенцијална смисла беа типични: Зошто отфрлањето на стегите можат да бидат опасни?; Зошто борбата за човекови права можe да бидe опаснa?; Зошто борбата против воени конфликти можe да бидe опаснa? Ако ја разбираш борбата, тогаш веројатно го разбираш и просторот на освоената слобода? – прашања кои ме опседнуваа. Прашања кои можеби го форматираа мојот левичарски однос кон животот.
Стерилна култура – стерилен живот
Едвај чекав да пораснам, за мајка ми да ми купи фармерки „Риплеј“. Ама, кога дојдоа деведесетите, и првите средношколски денови, во мене се случи некоја промена. Во тоа време беше многу популарно да се отфрлаат сите стеги. Токму тие години, некаде до 95-тата, го формираа мојот однос кон животот. Бев млад и немав појма што ми се случува. Не се занимавав со ништо посебно. Ниту со некаква кариера, ниту размислував каква е таа улога. Никогаш не сум ја носел мислата „сега ќе направам нешто храбро“, туку сакав да направам провокација. Отидов од дома со 16 години. Главниот град за мене нудеше кошарка, други места и луѓе. Се сеќавам, имаше неколку луѓе кои цело време ми повторуваа дека „во овој град, без врски – тешко“. На прва топка, бев збунет, ама подоцна тоа што го слушав и’ гледав, воопшто не ме збунуваше ниту вознемируваше. Сфатив дека и покрај забелешките, јас сум ОК. Ако тие мислат дека треба да „предупредат“, мене тоа ми е во ред. Подоцна, од теоријата која ја читав сфатив дека има разни луѓе: среќни, тажни, граѓани, малограѓани, полуграѓани, сексуални, асексусални, бисекусални, транссексуални, и не знам уште колку други разни варијанти има, само сфатив – постоењето на луѓето е тука, и ние мора да го откриеме. Тие се тука меѓу нас. Важно е да се бориш за човековите права затоа што никој не треба да се чувствува загрозено или лошо за тоа што е. Оти ако се вратиме низ историјата и ако видиме кои биле жртви на одредени идеологии, секогаш се тоа невини луѓе кои страдале затоа што биле премногу „пркосни“, премногу „дошљаци“, премногу „црни“, премногу „бели“, премногу „црвени“, премногу „црни“, премногу „различни“…
Одраснав во патријахална фамилија, но имав среќа, моите родители (мајка ми и дедо ми) ми дадоа слобода да го запознам светот, да го изберам она што го сакам. Пред да го правам тоа што го сакам беше „ред, работа и дисциплина“, а потоа, следеа последиците од тоа. Знаев што се наградува, а што не. Оти сите некако сакаме да бидеме наградени и’ да успееме. Кога отидов за Скопје на 16 години, немав ниту брат, ниту сестра, па ми беа потребни други луѓе за друштво. И се разбира, кога ќе го пронајдеш тој простор во кој ќе бидеш посебен, свој, како што беше порано кошарката, а сега пишувањето, а мислам дека сите деца на светот трагаат по тој свој простор: на музика, на балет, на јазици, на спорт… Всушност се трудат да се осознаат во што се издвојуваат од другите… Нештата кои ме ставаа во некаков колектив – ги напуштав; кошарката, топката, и солирњето за мене беше фасцинантно. И така, трагајќи, го открив индивидуализмот, ма колку да звучи смешно – знаев дека се чувствувам убаво само кога провоцирам или кога сам осознавам се’. Фантазијата пак, најде уточиште во пишувањето, многу години после кошарката. И така тргна, ми се чини, моето освојување на слободата во овој виртуелен, а така делотворен свет на „уметноста“.
Се’ што се случува околу мене, влијае на мојот живот
Ако сите би постапиле на таков начин и одреагирале на она што е во општеството неисправно и недопуштено – на сите нам, во тој случај, ќе ни биде подобро. Секогаш мислиме – некој друг ќе направи место нас, ама кои се тоа некои други? Кој друг наместо вас ќе направи? И денес често помислувам: „Нека го направат тоа некои други“, ама постојат ситуации во кои тоа не може да го кажете. Некако, во некои моменти ќе почувствувате дека тоа не е туѓа битка. Тоа е моја битка. Во многу ситуации не сакав да останам на страна. Не би можел. Не би можел да живеам сам со себе, со својата совест ако денес не кажам дека денешниот режим е нешто најужасното што на оваа земја и се случува. А секој еден се одредува по својата совест. Јас сум одговорен за својот живот, за себе. Сакам да кажам дека можеби ова ќе биде глупаво за некој, за некој друг ќе биде логично. И тоа е се. Но, јас ќе живеам со себе целиот живот, и многу ми е битно да бидам начисто со моето мислење, личните ставови и постапки. Некогаш навистина е непристојно да се молчи.
Во потрга по добри луѓе
Mи велат, „човеку, светот гори – полно монструми“. Се сложувам, возвраќам, ама и додавам – некои луѓе тамо се монструми, ама колку што знам, и некои овде, на „наша страна“, се’ монструми. Ама тоа не е она што треба да не раздвојува, напротив – треба да не наведе на дијалог. Нас мора да не спојат добри луѓе и’ да ги прoнајдам сите тие добри луѓе во сите тие места кои сум бил. Затоа мора да се трудиме да ги најдеме тие добри луѓе секаде каде што одиме. Toa e се’ заради коe ја прифатив оваа граѓанска, активистичка, „пишувачка“ – што и тоа да значи – работа. Да одиме да запознаеме добри луѓе, да правиме мостови. Ме охрабрува тоа што не сум единствен, има уште луѓе кои работат на тоа. И тоа ми е доказ дека ова што го правам има некоја смисла.
Најголемата препрека самиот на себе
Секогаш самиот на себе најголема препрека, нема друга. Препреките се стереотипи, мама, баба, дедо, татко кој го немав… Мораш да ги поместиш генерациите во твојата „генеза“ пред да успееш да дојдеш до себе. За среќа, тие некои гласови од минатото не се единствени, постојат гласови на денешнината кои се борат во тебе, таа некоја потреба да бидеш тоа што си, а не она што другите ти одредуваат или таа некоја историја во тебе. Треба да се одвои човек од другите очекувања. Тоа ми е важно!