“МАНАКИ” НИЗ ОЧИТЕ НА ЕДЕН ФОТОРЕПОРТЕР

Деновиве е актуелно плукањето по фестивалот “Манаки”, па еве и јас да не останам покусо. Не знам за Столе и Лабина, Марјан можам да го разберам, ама поголемиот дел од она што се случува на фестивалот наликува на благо лудило.

 

Накусо ќе ви раскажам како изгледа целото фестивалско случување низ призмата на мојот фотографски светоглед.

 

Првиот ден доаѓам да земам новинарска акредитација. И, нормално, си барам карта. Ми велат – нема карта. Како нема? Е така, има само за неколку новинари и толку. За отварањето на фестивалот и за “До Балчак” – нема, за другите филмови – нема проблем.

Си велам себеси, значи за да можат своите високи потпетици да ги прошетаат целата битолска и скопска администарција, карти ќе има, а за мене, кој десет години редовно го следам фестивалот – ќе нема. Ајде, си мислам, попосле повторно ќе проверам.

Дојде на ред и црвениот тепих. Свадба како свадба, штикли, парфеми, фризури како колачиња од слаткарница… Ама тоа е Македонија, не можеме да очекуваме изглед како за на “Оскари”.

Важно, сите тие ликови треба да се фотографираат. Арно ама – не можеш, нема каде да застанеш. Или ? сметаш на Цаци Паковска и на некој од МТВ, или на некоја од битолските телевизии (а ги има многу), чии новинарки се растрчани по тепихот и се облечени, во најмала рака, како за на Виенски бал, со замрзнати фрузури од еден тон лак за коса.

 

Ајде, си велам, ќе застанам кај паното, онаму каде што сликаат сите. Застанав таму и тамам ќе застане некој да се слика, излегуваат еден куп новинари и новинарки што земаат изјави и ти го расипуваат целиот видик и кадар. Добиваш уништена фотографија. Веројатно ќе треба во хотелската соба да им влезам и да ги фотографирам на раат. И додека се мачам и се борам со новинарките и камерите, во меѓувреме пристигна Бинож, и тамам во моментот кога застана пред паното за сликање во позадина се појави човек од обезбедувањето, со црвена кравата, кој гледа накај нас цело, и веројатно пази некој да не ја нападне на црвениот тепих. Неговиот лик го имам на сите фотографии, немам фотографија од Бинож – сама. Па кој ќе се осмели да ја нападне на црвен тепих?! Потем Жулиет се сликаше со Лабина, па со претседателот, па со сите што беа тука, само со Столе не се сликаше, па затоа тој се налути, ама тоа е друга приказна во случајов.

 

Бинож влегува во салата, а ние по нејзе. И човекот на врата на сите фотографи ни вели – Ааааа…каде вие?! (Како дома да му идеме на гости). А бе како каде, да фотографраме доделување на награди. Му ги покажуваме акредитациите и му велиме – овие за што ни служат? Какви акредитации, ни вели тој, не смеам веќе никого да пуштам во салата. И нее’ турка, замавнува со рацете, како паричникот да сме му го украле. Потем се развива петминутна дискусија (која не е за објавување) за потоа да дојде едно девојче од организацијата и да нее’внесе преку некој спореден влез во темница. Да, во темница нее’ внесува. Гостите веќе си седнаа, а ние во темницата, пазиме да не убиеме некого по скалите со апаратите на нас или да не му седнеме некому в скут. Да не инсистиравме толку, мислам дека немаше ни да ни успееме да влеземе. Тоа што претседателот ие’ доделува “Златна камера 300” на Жулиет, а и двајца директори на фотографија ја добиваа истата награда, по сее’ изгледа дека не е важно дали некој ќе ги фотографира. Важно е дека има директен пренос на МТВ (кој не знам ни како изгледа). Претпоставувам дека ние – фотографите, сме им само нужно зло, кое мораат да го трпат. Дали ќе се објави по медиуми, домашни или странски, никому не му е важно, она што е важно е да бидат сликани штиклите, кои веќе се удобно сместени во столчињата, и кои после доделувањето на наградите ќе ја напуштат салата оти филмот не ги ни интересира. Зашто, нели, кому му е гајле за филмот, важно е да се фотографираме.

 

Фотографиравме што фотографиравме и единствена среќа е што овојпат градоначалникот немаше говор од 15 минути за калдрмата во Битола. Впрочем, целата церемонија беше кратка.

 

Се упатив во прес-центарот да пратам некоја фотографија за редакција, светот да види каков фестивал имаме и ние и дека и Жулиет Бинош дошла во Битола. Едвај наоѓам празно столче, се сместувам со лаптопот и барам пасворд за Интернет. Сигналот како да доаѓа од Авганистан. Се вклучувам на Интернет од мојот мобилен телефон. Ги средувам сликите што треба да ги пратам за дома и за странство, доаѓа човек од обезбедување и вика: Ајде, дечки, фајронт. А бе како фајронт, уште не сме пратиле слики. А бе какви слики, јас треба да затварам, не можам вас да ве чекам. Ајде гитла, уште пет минути имате, местово работи до 23 часот, ни вели. Ама како до 23 часот, денес е отварањето на фестивалот, му велам. Уште пет минути и готово, категоричен е човекот. Се спакував со неиспртаени слики и отидов да работам во соседното кафуле.

 

Секоја чест на организаторот што обезбедува сместување за новинарите и фоторепортерите на фестивалот, ама…Новинарите се сместени во хотел на педесет метри од Домот на културата, а фоторепортерите на 15 километри од центарот на градот – во хотел “Молика”. Додека стигнеш ти требаат 45 минути по лош пат, а секако, после напорниот ден уморен си како куче. Друга приказна е што ризикуваш да те сопре полиција затоа што, секако, дента имаш испиено најмалку две-три пива. Ако те казнат, ќе те чини како да си бил на Алпите на скијање, а не на фестивал во Битола. Стигнуваш некако во хотелот и кога сакаш да одиш во тоалет гледаш дека нема светло. Пробуваш да се снајдеш во темница и доживуваш шок. Полош од тоа да те сопре полиција. Во темницата одеднаш на глава ти скокнува џиновски скакулец. Се бориш со него и после претрпениот шок се обидуваш да заспиеш. Додека лежиш во својот кревет и зјапаш во таванот, забележуваш големи очи на друг скакулец, кој непрестано те гледа в очи.

 

Стануваш утрото, а скаулецот се препелка во мијалникот и с? уште се мачи да преживее. Пушташ вода за да измиеш заби, а водата жолта. Ја оставаш да истече, ама залудно, цело време е со истата боја. Категорично решаваш да го напуштиш хотелот и да си најдеш сам сместување во Битола, на свој трошок.

 

Потоа тргнав на прес-конференцијата на Жулиет Бинош, а салата што собира 50 луѓе, преполна. Ниту можеш да ја видиш, ниту да ја чуеш, а уште помалку да ја фотографираш. Акредитацијата што ја поседувам буквално ми е за џабе, зашто со неа ме пуштаат само онаму каде што сите можат да влезат, а немаат акредитација. Единствена фотографија што ја направив е додека Бинош заминува од Домот на културата кон хотелот. И тоа е с? од прес-конференцијата.

 

Пиеме кафе низ Битола, убаво е на Широк сокак, луѓе насекаде, убава атмосфера, нов хотел. Си велам, денес сигурно ќе биде поубаво. Видов дека фотографиите што ги испратив претходната вечер веќе се објавени по некои француски медиуми, па од мерак му ги пратив линковите на момчето од службата за односи со јавноста. Си реков – па добро, после ова белким заслужив карта за филмот на Столе Попов. (Да се разбереме, не дека не можам да влезам во салата, ама сакам карта како нормален човек, да седнам на седиште додека е светло, а не да барам празни места во темница.)

 

Ми се заблагодарија за линковите, ама карта не спомнуват.

 

Почнува премиерата на “До балчак”. Повторно црвен килим, ама малку врнеше, па немаше толку гужва. Дојде Столе, дојде Лабина, се смириле во меѓувреме. Го немаше ни закажаниот протест на дуќанџиите. Момчето од односи со јавноста помина со својата девојка по црвениот килим и само ми мавна со раката. Ниту карта, ниту ништо.

Влегоа глумците, па си викаме, ајде и ние да влеземе додека е светло, да ги фотографираме на сцена пред почетокот на филмот, па можеби и ќе го гледаме како луѓе. Е не може! Десет фоторепортери сме, а човекот на врата не н? пушта оти сме имале само акредитации, но не и карти. Ни вели, дојдете за пет минути, па ќе видиме. Излегов надвор на цигара и за брзо време дојде една девојка од организацијата и н? внесе внатре. Повторно по темница. Филмот почнува и ми се смачи, си излегов, решив дека е подобро да се напијам нешто отколку да барам празни седишта во мрак.

 

Надвор, во блиското кафуле, среќавам колешка-новинарка, пишува текст за она што се случуваше на црвениот килим. Ја прашувам зошто не влегува на филмот кога веќе има карта, ама вели дека мора да го испрати текстот во редакција, па потоа ќе влезе. Ја оставив и си заминав да се релаксирам со пијачка и со мисла дека филмот ќе го гледам во Скопје со карта што сам ќе си ја купам. За кратко време ми се јавува колешката-новинарка и ме прашува каде сум за да дојде и таа на пијачка. Не ја пуштиле на врата оти доцнела. Оти праќала текст за фестивалот.

 

И реков: Ајде, доаѓај на пијачка, нема филм, нема темници, догодина револуција ќе креваме.

извор: Глобусмагазин

Leave a Reply

Your email address will not be published.