Малески: Помирување или конфронтација со Грција

Наредниот шестмесечен период нема да донесе позначајни промени, но може да се искористи за промена на стратегијата, посебно на македонска страна, сметаат аналитичарите. Дел од аналитичарите не се оптимисти дека е можен каков било пробив доколку властите во Скопје, но и тие во Атина, не преземат конкретни чекори на овој план. Претседателството на Грција со Европската унија, отвора две опции. Едната, е добра за политичарите, а втората за двата народа, вели поранешниот шеф на македонската дипломатија Денко Малевски во изјава за Дојче веле.

„Опцијата која е добра за политичарите е да продолжи конфронтацијата, како испробан рецепт за опстанок на власт или за добивање нови избори. Во тој арсенал би ја вброил и иницијативата на претседателот на Македонија да се оди пред Советот за безбедност на ОН, на која, без сомнение, ќе следи соодветен конфронтирачки одговор од грчка страна. Така, и двете политички гарнитури ќе имаат со што да го занимаваат сопственото јавно мислење и во наредните неколку години“, вели професорот Малески. Според него, процесот на помирување треба да биде започнат од македонска страна.

Опцијата добра за народите на двете земји е – македонската страна да покрене еден сериозен процес на помирување помеѓу двете држави, на начин на кој се обидовме тоа да го направиме на почетокот од деведесеттите, кога на другата страна залудно им го нудевме германско-полскиот мировен модел. Се разбира, за вакво свртување во политиките на двете држави е потребна подготвеност на компромис од македонска страна, и подготвеност на голем гест на помирување од грчка страна“, смета Малески, кој нагласува дека е „потребно двете страни да се соочат со овој ’замрзнат конфликт’ – замрзнат не пред дваесет, туку уште од времето на Втората светска војна и на граѓанската војна во Грција, да го урнат ѕидот на недоверба и непријателство и да отворат нова, европска, страница на доверба и пријателство меѓу Македонците и Грците“.

„Таквото европско поведение, тој голем гест на помирување, би и’ личело на една земја претседавач со Европската унија. За жал, состојбата на умот на двете политики и состојбите во двете држави кажуваат дека сосема се мали шансите тоа да се случи, така што политичарите од двете страни на границата и за време на грчкото претседателство и во текот на целата 2014-та година, најверојатно, ќе продолжат да се грижат за својата (политичка, н.з.) кожа“, кометира Малески за Дојче веле на македонски јазик.

Leave a Reply

Your email address will not be published.