Македонско шенгенско гето

Има Македонија мислечки свет кој не сака, не умее да се одрекне од „вишокот рационализација“, упорно исчитувајќи ги намерите и постапките на шоферот во пролупаниот македонски воз

 

Невозможно за мене е да ги исчитувам пораките на начин како ги исчитува Официјалната пропаганда, затоа што гледам дека реалноста ги узминува, изненадува, изневерува, затоа што се’ она лошо, бедно, глупаво што ќе се случи за нив претставува неслучено, премногу забегано, самоубиствено, велејќи едноставно дека тоа „не е опција“. Се’ додека не се покаже дека е, на нивно изненадување. 

 

Сетете се на оние денови и месеци пред фамозниот 24-ти декември, иначе озбилни и паметни луѓе кои предупредуваа дека со Македонија владее еден опсесивен ум кој сака се’ да контролира, кој може и да затвара, да протерува, шиканира, дискредитира, сето за своја сметка, ама на наш трошок. Познато е како се’ заврши: бродолом на „мудрите аналитичари“ кои ги вкалкулирале сите фактори, освен најважното – Груевски овој пат отиде предалеку, и дека оттаму враќање му нема, дотолку ми се чини, дека и тој самиот не сака да се враќа. А за да видиме дека е така, не ви беа потребни никакви натприродни способности: беше потребно внимателно да се наслушне јазикот со кој Газдата и неговата пропаганда говори.

 

Внимателно наслушнување на јазикот со кој овие денови се служи Груевски Никола и неговото опкружување, обраќајќи ни се, нели, кон градот, светот и космосот, тумачејќи го Извештајот на ЕК; и едното и другото ми изгледаа премногу познато.
На една страна имаме пролупан десперадос, наоружан со фикс-идеи: традиоционални вредности; трето дете; историграфија на македонското ткиво со примеси на антика (колку да разбие монотонија); политички затвореници (што во Европа е стрикно забрането), како и останати фикс-идеи; а од друга страна имаме самозаштитни мантри од типот, „не е возможно“, „белким нема да биде“.

 

Да ве информирам: Груевски мисли крајно озбилно. Баталете ги ситните калкуланти кои Груевски го брифираат и форматираат према својата Кверулантска мера: тој човек отиде, веројатно неповратно отаде секоја Човечка мера; тој, одамна е убеден дека се пресметува со историјата лично, и се’ под тие билатерални односи воопшто не го интересира. И затоа, ако биде до него –оваа земја ќе мора нужно да отиде по ѓаволите, а тој на тоа ќе гледа да припомогне колку што може. А може поприлично, бидејќи претседател на влада не е баш немоќен човек.

 

Да бидеме сосема прецизни: Груевски нема проблем со губењето на „европските и евроатлански интегрирања“, односно, тоа е негов најмал проблем, и тој не страда поради тоа. Ниту на богатите бизнис „другарувања“ од далечните источњачко ориентални распаљотки не е особено гадлив, само додека ги оправдува сретствата. А, пак, системското трулење, атрофија на државата и општеството, оставено некаде по страна од главните политички и економски токови, не е нешто заради коe косата ќе му белее. 

 

Трајната изолираност на два милиони луѓе, во таканаречно „Шенгенско гето“, не е нешто заради кое не би можел да спие: до Кавадарци и другите светски цивилизацијски средишта патот му е слободен, и нема причина за грижи.

 

Затоа, кој и да мисли дека сето ова што го слушаме овие денови е „пролазна фаза“ и премногу емотивна реакција, и дека Груевски ќе се вразуми чим ги открие последиците од своите настапи, тој повеќе личи на селски поп отколку на рационално битие. Не, Груевски нема да потклекне и нема да отстапи: ако треба да „шурува“ со сите битанги од политичките блокови, тој ќе ги направи тоа; ако треба дури и ќе го „вшмука“ и задгробниот живот на Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт; ако, пак, цела Македонија влезе во недефинирана лимба позиција неброени години, тој тоа ќе го направи. Списокот е далеку од конечен: што и да треба да направи само за да одржи виртуелна „одбрана на името“, Груевски ќе го направи, и нема да му затрепери раката, како што не му затреперува раката на рутиниран касап кога ја кине главата на пилето.

 

Како сакате формулирајте го Извештајот на Европската комисија, како сакате формулирајте ја „Македонија кон Европа за 2014“, најважно од се’ – тврд ви стојам! – Груевски на ова прашање нема одговор, освен едно, тра-ла-ла.

 

Овој човек се спрема Македонија да ја чини многу, и наивно е да се мисли дека ќе одлучи на помалку. Но, повторно ништо од сето ова нема проблем за Груевски, и бесмислено е да се лутиме на него што е таков. Македонија сама, а поготово македонската политичка елита – вклучително и онаа за која „тепаме“ дека е демократска – виновна е што се најде тука каде што е, и што зависи од сите неартикулирани хирови на една молијеровска смешна прециоза на високи претензии и ниски степени на политичка пресметливост. Лекот против оваа врста на вируси може да се најде само на изборните кутии, и само до Македонија е дали ќе ги употреби. Ако не сака – нека молчи, тогаш тоа и го заслужила, и нека ги пушти разулавените друмски разбојници, па да одиме во дупката, па дури и дупка да нема, па и тамо ако е проклето длабоко, проклето мрачно, и проклето тврдо како што му прилега на овој политички миг: типично за едно македонско шенгенско гето.

Leave a Reply

Your email address will not be published.