Македонија треба да се размакедончи за да остане македонска!

пишува Бранко Тричковски

Велат дека ако поради невозвратена љубов или затоа што премногу те ебат, заминеш од Македонија на пет или десет години, нема да забележиш никаква разлика кога ќе се вратиш по нова тура ајвар, лутеница и малешевско сирење: СДСМ ќе ти биде политички фактор кој само што не се вратил на власт, а овие од ВМРО-ДПМНЕ само што не паднале, таа слика ќе те заслепи со тоа што задолжително ќе налеташ на некои меѓународни олеснувачи кои и едните и другите ги охрабруваат во нивните аспирации!

Но, не било баш така: јас отидов на десетина денови во Брисел, мислев дека Јункер или некој друг ќе се сетат да ме турат за мандатар или да ми дадат некоја друга важна функција во разрешувањето на македонската драма и ај што од таа работа не испадна ништо, туку кога се вратив налетав на општа еуфорија кај режимските сили кои беа во длабока депресија кога заминував, додека полноглавците на опозицијата кои скокаа од радост како делфините во најголемите аква-паркови, пливаа грбечки потонати во општа депресија.

Аман, бе, што се случило!
Груевски поднел оставка, собранието ќе се распуштело на 24 февруари или така некако, а на 24 април ќе сме имале пржинско изборен икс фактор на кој Миле ќе му ги наполнил вреќите со избирачки ливчиња на обожаваниот лидер и тој не само што ќе си останел премиер и ќе се спасел од правен прогон поради тешките криминали и злосторнички здружувања, туку ќе ја зацврстел својата власт до нивото на најсилен самодржец, диктатор и слично!

И уште нешто!
Видов дека луѓето се однесуваат кон тоа што се вика, а не е, политичка криза, како баба ми кон турските серии, концентрирано си ги следат случувањата како на филмска лента, малку Никола, малку Зоки, па Рада звана Прада, па Силванева, со страсна расправа во паузите меѓу две епизоди, кој чив внук и син ќе испаднат во придолжението на сагата за политичката битка за растурање на Македонија!

Мислам, ако Никола Груевски утре ја повлече оставката тоа ќе биде разбрано како нов возбудлив момент, драмски елемент на претставата или ако реши да даде две оставки, или да даде три оставки и да ги фрли обувките во Вардар и рече, еве ви ги новите гемии, ај да ве видам да кренете нешто солунско во воздух, тоа во народот ќе предизвика слични возбуди како кога Фатима разбира дека љубениот Ќемал и е брат од првиот брак на нејзината мајка Атиџе и така натаму и така натаму!
Хан ќе дошол во февруари. Па нека дојде зошто па да не дојде.

Не гледам друг начин на кој Европската комисија и Европската унија можат да продолжат да не заебаваат нас и да се заебаваат себе си, да се дискредитираат како мачорот Том во судирот со Џери на Дизни, да ги активираат своите самоубиствени прслуци за таа неверојатна експлизија на Европа како ништо, како смрт на нашите илузии, не затоа што фаворизираат една будала, морон, криминалец, туку затоа што и таа подршка не се во состојба да ја изведат на минимум пристоен начин, во елеменнрарен Пако Рабан или Карл Лагерфелд стил.

Во февруари може да се потпише некој договор за фер и демократски избори, не мора да биде во Пржино, доста го заебававме тој папир, еве, јас им ја давам мојата вила во Орешани, кој договор потоа ќе запне, па тој, Хан, ќе мора да дојде во јули и така натаму.

Освен ако Јункер не го прати во Рака и таму да потпише некој договор меѓу едната единствена партија за фер и демократски избори, да им помогне на тамошните расклатени институции да застанат на нозе и плус да забележи страшен плус за надворешната политика на Европската унија!
Но, ајде нека да олабавиме со овој релаксирачки тон!

Јас мислам дека и дома и надвор зрее свеста за тоа дека перформансите на режимот се исцрпени и дека тој е неодржлив ниту на среден рок, независно од какви било избори. Идејно и политички е испразнет, а не е сигурно дека и финансиски е капацитиран така како што се зборува. И дека ова што сега се случува со оставката на Груевски и со закажувањето и веројатното одложувањето на изборите, е техника на контрола на збогувањето на режимот со власта.

Второ, опозицијата, тука мораме да бидеме до крај искрени, не е капацитирана , ниту кадровски ниту идејно ниту доктринарно, да се наметне како кредибилен фактор на таа смена, фактор кој може да гарантира стабилност и контрола на територијата и процесите во услови на моќна опозиција, барем во прво време, оти таква моќна формација ќе остане вмро-дмпне и кога ќе замине од власта.
Клучно е, според мене пополнувањето на тој меѓупростор. Отстранувањето на овие дефекти по неколку линии.

Прво, реално конституирање на битката против режимот како општествена позиција, а не сдсмовска работа.

Второ, јасно дефинирање на битката, не како политичка категорија за смената на власта туку како битка за да се биде или не, за спас!

Трето, јасно дефинирање на битката како историска, морална и културна, а не клиентелистичка работа.

Четврто, општа битка против вмро, не само против вмро-дпмне!

И тука доаѓа најтешкиот избор: размакедончувањето не како интенција и мисија на вмро туку како проекција на демократските прогресивните и модерните сили, размакедончувањето вакво какво што е, стуткано, искомплексирано, наивно, поводливо, просто, без реална историја, парадно, фолклорно, неуко, флотантно.
Со други зботови, излегување од политичкото ниво на конфликтот и негово префралење во повисоките сфери на културата, митологијата и, дури, би рекол, онтологијата!
Во општите процеси на растурање на општествата и на индивидуализација на факторите, процес кој се одвива на светско ниво како резултат на глобализаторските остварувања и безбедносните предизвици, слободоумниот свет во Македонија треба да се вклучи со своите проекции, а не вмро да го пушта тоа да го води како процес на кретенизација на луѓето и по таа линија да обезбедува поддршка!

( Колумна во ” Слободен печат”)

Leave a Reply

Your email address will not be published.