Македонија тоне во сиромаштија

Освен за храна, не останува за ништо друго, ниту за комуналните давачки, чие плаќање постојано се одложува. Така живее семејството на невработениот Данчо Ангелковски кој многу одамна останал без своето работно место во скопската фабрика Железара, прогласен за технолошки вишок. Има две деца на 19 и на 16-годишна возраст и единствениот постабилен приход го обезбедува 19-годишниот син во висина од 9.000 денари. На него се ослонуваат сите членови на ова семејство. Остатокот го обезбедува чекајќи секојдневно на улица да биде ангажиран од некого за некаква физичка работа. Вели исходот е секогаш различен, но тој секое утро е тука.

​„Секој ден сум тука, од 7 часот наутро, до 17 часот и чекам да дојде некој да ме најми да работиме. Не може многу да се заработи тука, еден ден ќе најдеме работа, ќе ме викне некој да товарам, да растоварам, за преселба и слични работи. Тешко се преживува, не можам да платам сметки за струја, за вода, ги плаќам со задоцнување, праќаат опомени, доцнам по 5-6 сметки“, раскажува тој. 

Годишен одмор, облека или каков и да е друг трошок за ова семејство се одамна заборавен издаток. За школувањето на 16-годишнотот дете честопати мора да позајмат пари од блиски роднини, а потоа да мислат како да ги вратат.

„За школото се позајмив од еден роднина, па потоа ги враќам. За одмор не размислуваме, облека се носи по 5 до 10 години истата“, вели Ангелковски.
Ниту неговата сопруга, ниту тој веќе подолго време не можат да најдат никакво вработување. За жал за многумина македонски граѓани вака изгледа секојдневието.

Извор МАКДЕНЕС

Leave a Reply

Your email address will not be published.