Македонија FOREVER

Стана срам да кажеш дека Македонецот е Словен или дека е со словенски јазик и култура!?

Ова поради една лунатичка политичка кампања на власта за историско обескоренување на Македонците, за лупење на нивните автентични историски слоеви, преку идеолошкиот проект наречен антиквизација.

 

Неа власта ја разви за потребите на политичка мобилизација и контрола на Македонското гласачко тело. Тело кое е ставено во постојан стрес од кризата, економска, безбедносна и сега дополнително квази-идентитетска. Криза која оваа власт во Македонија ја создава и раководи, а за чие апстракно решавање самата се нуди.

Проектот на идентитетско обескоренување, антиквизацијата, се реализира во јавниот простор на државава (Скопје 2014 – та), преку медиумите и нивната образовна програма и преку една хохштаплерска група полит-историчари во јавниот дебатен дискурс. Последниве заработуваат од терање политика и иделогија во историската наука и се најгласни и најкомични. За нив стои дека се реплика на бугарските историчари од времето кога таму беа поврзани со тајната полиција и служеа на бугарската историска пропаганда кон Македонија. Сега го имаме домашниот вид на истите провокатори и никако да се ослободиме, а „историјата навистина да ја оставиме на историчарите“!

 

Проектот е со намера да го обесмисли идентитетот на Македонците како македонски и словенски и да го замени со античко-македонски. При тоа се служи со создавање произволен политички, национален мит. Власта смета дека идентитетот вака променет и „вкоренет“ во антиката со античките Македонци на Александар Трети Македонски – е подостоинствен, постабилен, погорд, посилен и поотпорен на напади и негирање!

Власта, со својот авантуристички и искучително краток памет, во оваа операција и очекувањата од неа се лаже и произведува голема (може да се покаже) ненадоместива штета за угледот на Македонците и нивната држава.
Прво, затоа што таква операција е научно и политички невозможна за реална изведба, а потоа затоа што е контрапродуктивна за веќе стабилизираниот македонски национален идентитет и држава. Овој проект е базиран на хтонско, гигантско незнаење за историјата на создавањето на националните идентитети и нивните национални држави.

Старо македонскиот „идентитет“ не е идентитет на кој може да се накалеми идентитет на современа нација со нејзините димензии на државотворност (а посебно не само една, па и таа да се нарекувала македонска). А во културолошка смисла, тој идентитет е доминантно Хеленски. Имено, Александар Македонски (како подоцна се нарекува овој синдром) јаничарски, субмисивно ја презема хеленската култура како доминантна и „своја“ и неа ја шири на своите копја и штитови низ светот, повеќе од самите Хелени! Неговите етнички корени кои се различни од хеленските стануваат потполно небитни за неговиот идентитет. Имено, тој со хеленската култура го „глобализира“ тогашниот свет .

 

Тоа е нерешлив проблем за нашите алхемичари на антиквизацијата и ќе остане нерешлив.

Второ, современите национални идентитети за кои разумно може да се разговара (баналност е да се каже дека настанувааат во 19-тиот век) настануваат врз калеидоскопот на етнички групи, традиционални култури и „култури во фрагменти“ – со големите потези на кодификација на јазикот на народот и кодови како ќе се чита неговата историја. Потези кои ги прави елитната, граѓанска интелигенција на некој народ во потенција. Тој народ – население врз своите традиционални културни пракси може да преживува, но не е народ во современа смисла на зборот. Тој е „флотантна маса“ која може да биде суровина за создавање и припојување кон друга нација и нејзината елитна култура. Затоа е бесмислена „потрагата по корени“ пред создавањето на елитната, граѓанска култура на некој народ која го создава неговиот идентитет. Такви корени, антички или праисториски, не се гаранција дека некое население ќе стане – народ, нација и ќе создаде држава. Тоа е како кога на еден корен на дрво накалемите друг плод. Во крошната и плодовите на новото дрво ќе го имате новиот плод. Корените не се гаранција за нација. Тие се само потенција, традиционална култура, која може различно, мошне различно да се развие или воопшто да не се развие во нација.

Ние сме имале среќа и сила македонската граѓанска интелигенција, после сите премрежија и сотирачки убиства, со задоцнување, но сепак да ги изврши двете клучни национално-создавачки операции (според Макс Вебер): да го кодифицира јазикот и да одлучи што и каква ќе биде историјата за Македонците, како таа ќе се чита Тоа се конститутивните операции за создавањето народ во идентитетска смисла. Макс Вебер на ова додава дека во јазикот треба да се издвои и слој кој тој го нарекува: „бирократски јазик “ или јазик кој создава држава. На тоа се додава потоа или паралелно – секогаш некоја крвава борба за таа држава.

 

За нас Македонците овој чин на идентитетско конституирање е направен во словенски културен код. Ние денеска сме Македонци со словенски јазик и словенска култура (не Славо-Македонци, што е нов конструкт, туку Македонци со словенски јазик и култура) .

Јазичното кодифицирање оди од Кирил и Методиј, преку Мисирков до Блаже Конески( „Јазикот е нашата татковина“). Државотворната борба оди преку редот државотворни востанија и кулминира во антифашистичката борба (која ја создава државата), на трагите и желбите на дел од ВМРО движењето.

Сето ова врз историскиот процес на доминантното поклопување на словенската култура, втопување во себе на парчињата, фрагментите на традиционални култури и делови од мегакултурите (византиската на пример) на домородното население, во историски тек од петнаесеттина века наназад. Словенската култура (која се создавала и пресоздавала) и јазик се покажува доминантно силен да интегрира, преобрати и втемели свои словенски идентитети (на пример Бугарите кои имаат несловенско етничко потекло преку јазикот и културата се себедефинираат како словенски идентитет).

Тие и такви идентитески корени се исклучително цврсти и доволни, затоа што се засновани, издражале борби и калења. Развиле внатрешна плурализација, но останале словенски! Барање дополнителни корени, уште постари и „повечни“ не се засилување на вкоренетоста, туку реално обескоренување. Не е засилување на идентитетот, туку негово негирање (а освен тоа се научна алхемија и шарлатанство).
Во простиот ум на антиквизаторите на ДПМНЕ е возможно дополнување на словенскиот со античкиот идентитет на Македонците во т.н. абартиран идентитет , или турбо-идентитет. Но „шта зна дете шта је триста кила“.

Тие всушност само ја пуштаат Македонија и Македонците како гемија низ идентитетските води на Балканот и светот.

Ваквиот антиквизаторски проект, поради својата ненаучност и фантазми – мора да се користи со насилство, патернализам и лаги, имено со „лажно сеќавање“ за нашите корени во античкото минато. Од друга страна, ступидноста да се истрае во таа однапред изгубена битка ја зголемува до небо цената која ја плаќаме за глупоста. Се судираме секојдневно со разумната дефиниција што сме, кои сме во очите на другите и за нашето место во меѓународните односи. Оваа политика, дури и како краток лунатички проблесок, ни нанесе голема штета на угледот и ја подели по којзнае кој пат Македонија .

ДПМНЕ ја завршува својата кратка, траорна и обезличувачка (јебозовна) мисија. Сепак, серијата бесмислици кои ни ги наметна со употреба на беспризорна сила сведочат за нашиот национален срам.

– Libertas.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.