МАКЕДОНИЈА – ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, ОТВОРЕНИ ЛИСТИ, БЕЗ ДОЛЕН ИЗБОРЕН ПРАГ…

Неодамна јавно му се обратив на Зоран Заев и му предложив решение за ПРОМЕНА на политичкиот систем во Македонија преку измена на изборниот модел. Имено, наведов дека нашата заедничка цел не треба да биде смена на власта, туку промена на системот (благодарение на укажувањето на мојот ФБ пријател, Марко Салџиевски, по грешка имав напишано „смена“ на системот) и предложив неколку конкретни решенија: Македонија да биде една изборна единица, да се воведат отворени изборни листи без долен изборен праг, да се формира концентрациона влада составена од партиите кои освоиле најмногу пратеници и да се спроведат серија интервенции во законите кои ќе ја засилат независноста на судската власт и слободата на администрацијата.

Ми се јавија повеќе ФБ пријатели и побараа од мене да објаснам што подразбирам под наведените барања и дали тие навистина можат да претставуваат некаква квалитетна, или револуционерна промена во нашиот политички систем. Ова што ќе го напишам подолу, нема никаква врска со актуелната политичка, безбедносна, социјална, економска и било каква друга криза во која е западната мојата држава. Најмалку има врска со сегашниот судир меѓу власта и опозицијата, кој се реализира по сосема поинакви политички трансверзали. Јас сум јавно декларирана противничка на актуелната политичка гарнитура и нека ми простат дежурните чувари на протоколарната етикеција и поддржувачи на тезата дека власта мора формалистички да се почитува, не се воздржувам Груевски да го нарекувам со неговите, според мене, заслужени епитети – лешпер, диктатор, шконтер, шутрак и слично. Исто како што не му забранувам нему, или на неговите медиумски добермани, да ми лепат секакви квалификативи, што изминатите месеци го правеа јавно, преку текстови на нивните портали или тајно, преку навредливи и заканувачки, вулгарни и уличарски инбокс – пораки. Се наоѓам во опасни времиња и наполно сум свесна за сите ризици, живеејќи во длабоко убедување дека сум на вистинската страна. На страната на слободата и демократијата.

Ќе започнам од неколку тези за кои сметам дека можат да бидат суштинска промена во нашиот политички систем.

Прво, родена сум во СФРЈ, односно во СРМ и многу добро паметам што значи еднопартиски систем или едноумие. Врз основа на тоа, тврдам дека полоша опција од еднопартизмот и едноумието е ДВОПАРТИЗАМ И ДВОУМИЕ. Тоа е автентична творба на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои преку мнозинскиот изборен модел (1990 и 1994 година), па преку комбинираниот (1998 година), поентираат во хибриден пропорционален модел (од 2002 година па наваму).

Велам „хибриден“, затоа што сегашниот пропорционален изборен модел со шест изборни единици, е ужасно неправден. Во себе содржи скриен долен изборен праг кој, во зависност од излезноста на гласачите, се движи од пет до шест проценти, што веројатно е меѓу највисоките во Европа. Или, да го објаснам тоа посликовито – една партија може да добие 50 илјади гласови рамномерно распоредени во шесте изборни единици (ИЕ) и да не освои ниу еден пратеник. За разлика од неа, другата партија (најсоодветен пример ми е ПЕИ на Фијат Цаноски), може да концентрира девет илјади гласови во една ИЕ и – да освои пратеник. За споредба – првата партија освоила 50 илјади гласови и нема ниеден пратеник, а втората со помалку од 10 илјади, добива пратеничко место. Има ли овде праведност?

Или да го анализираме т.н. „Донтов модел“ за поделба на НЕОСВОЕНИТЕ ГЛАСОВИ за да покажеме како големите партии легално им ги крадат гласовите на помалите, преку трикот „шест изборни единици“. Намерно двата збора ги напишав со големи букви, бидејќи се работи за еден чисто математички принцип, кој во основа ги третира величините врз основа на остатокот, кој се прераспределува кај највисоките суми. Во превод, сите оние партии чии освоени гласови не успеале да го достигнат лимитот за пратеник (кој во зависност од излезноста се движи од 8 до 10 илјади гласа по ИЕ), му ги „подаруваат“ гласовите на првиот по освоени гласови. Да упростам до крај – ако водечката партија при првото пребројување има Х освоени пратеници, при второто пребројување го презема остатокот од гласовите од оние што не го поминале цензусот. А тој број воопшто не е занемарлив и, според анализите на компетентите математичари, се движи меѓу 20 и 25 проценти, во зависност од излезноста на гласачите. За сите оние кои не го разбираат овој модел до најситните подробности, подготвена сум да напишам текст со детална математичка елаборација за легалното „позајмување“ (читај, кражба) на гласовите на помалите партии од страна на големите.

Поентата ми е дека нашиот сегашен македонски пропорционален систем во режија на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, поделен на шест изборни единици (трите од дијаспората намерно ги прескокнувам, бидејќи тука апсурдот е уште поголем) го поттикнува двопартизмот, а ја отфрла идејата за повеќепартиски систем. Од тие причини, неопходно е итно да се промени изборниот систем и да се гласа во една изборна единица со отворени листи на кандидати. Доколку сакаме вистински плурализам на партии, идеи и проекти.

Одиме на отворените листи. И за нив, како опција, неколку години наназад се води жестока дебата во македонската политичка јавност. Според сегашниот модел, избирачите можат да гласаат само за кандидатските листи, без можност за избор меѓу индивидуалните кандидати. Овој модалитет на пропорционалниот систем се нарекува пропорционален изборен систем со затворени листи. Во превод, лидерот на партијата (султанот), според свое видување, односно врз основа на сопствените критериуми за заслуга (послушност) си ги рангира кандидатите на листата, а врз основа на процентот освоени гласови и со помош на Донтовиот модел, тие влегуваат во Парламентот според редоследот наметнат од лидерот (султанот). За разлика од таквиот модел, системот со отворени листи му овозможува на гласачот, покрај можноста да гласа за кандидатската листа, да избере и еден или повеќе кандидати од предложената кандидатска листа (т.н. преференцијално гласање) и со тоа да влијае на конечниот избор. Колку е поголем бројот на преференцијални гласови кој го има избирачот, толку е поголема можноста да се влијае врз изборот на кандидатите и толку е поголем натпреварот меѓу самите кандидати за гласовите на избирачкото тело. Истовремено, толку е помало влијанието на лидерот (султанот) на потенцијалните пратеници и, што е најважно – веќе во преден план не се партиите, туку и кандидатите. Значи, секој лидер на партија, ќе настојува на листата да има што е можно поголем број познати, докажани и почитувани кандидати за пратеници, а не како што е сега – послушни, покорни и евет-ефенди анонимуси.

Накусо и за мојот предлог за укинување на долниот изборен праг. Идејата ми е во Парламентот да влезат што е поголем број партии кои ќе освојат доволен број гласови за пратеник (погоре напишав дека во зависност од излезноста, бројот на гласови за еден пратеник се движи од осум до 10 илјади). Поаѓам од убедувањето дека доколку Македонија се трансформира во една ИЕ и доколку се укине долниот изборен праг, со тоа автоматски се демотивираат т.н. „предизборни коалиции“, односно се елимираат сегашните манипулации со помалите политички партии. Има еден куп демократски политички субјекти сведени под општото име „помали партии“ кои без никаков проблем можат да освојат меѓу 10 и 30 илјади гласови (односно од еден до три/ четири пратеници). Со тоа се отвора можност за постизборни коалицирања, односно за формирање на толку потребната и и посакувана „трета опција“ во Македонија, која ќе биде антипод и вистински коректив и ривал на сегашниот политички биполаризам. Моите аматерски калкулаци велат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ одат сами на избори според овој изборен модел, не можат да освојат повеќе од 35 пратеници. Значи ќе бидат принудени да коалицираат, да прават компромиси, да преговараат, односно со еден збор – да научат што е тоа политика во услови на вистинска парламентарна демократија.

Има и други елементи кои ги предлагам како можни интервенции кои суштински ќе го изменат сегашниот политички систем во Македонија, но за нив во друга прилика. Засега останувам на овие, бидејќи знам дека со години наназад се води дебата за целисходноста на нивната примена. Исто така, многу добро знам дека најголеми противници на овие изборни реформи се токму ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи ним најмногу им одговара сегашниот неправеден изборен модел.

Изборниот модел е мојот најголем непријател, бидејќи тој произведува „стабилни влади“ и уште постабилни „парламентарни мнозинства“. Во изминатите 25 години демократски плурализам, научивме дека „стабилните влади“ многу лесно преминуваат во диктаторски влади, а „стабилните парламентарни мнозинства“ во безгласни поддржувачи на диктатурата.

И токму тука треба да биде насочена острицата на нашата борба, тука треба да се покаже демократскиот капацитет и визионрството на лидерот на СДСМ. Груевизмот не може да се елиминира со заевизам, туку со елиминација на условите за неговото настанување. Сега е вистинското време, бидејќи оваа шанса никогаш нема да ни се повтори.

Затоа му ја давам мојата целосна поддршка на Зоран Заев во неговата битка за уривањето на еден недемократски и тоталитарен режим, но и јавно го охрабрувам да го направи судбинскиот исчекор во детоксикацијата на загадената почва на која никнува глувото семе на нашето проклетство.

P.S. Знам дека има многу покомпетентни од мене кои поиздржано и поаргументирано ќе ги објаснат идеите кои јас аматерски се обидов да ги приближам до вас. Битна ми беше идејата, концептот, визијата… Се извинувам за евентуалните непрецизности.

Leave a Reply

Your email address will not be published.