Македонија е држава која почива на злосторство

 

Злосторство на државата е она што не е препознаено како злосторство, она што е легализирано, она што е составен дел од општеството, традицијата, политиката, она на што почива оваа држава

 

Фрагмент еден:

Улицата, протестот, отпорот во денешна Македонија мене ми стана соба за мислење и читање, а доколку привремено ми се припие вода, Монтењ ми ја носи. Улицата, протестот за мене претставуваат добро расположение заради идеалното дејство на светлината. Понекогаш луѓето се вџашени од мојата критика кон оваа држава, овој систем, овој режим, но јас сум опседнат со детаљи, да ги испитам, за потоа, кога е веќе испитано во сета подробност, да можам да донесам заклучок за целото. Сакам фрагменти затоа што целината наречена Македонија, мене, денес, ми е морничава. За да можам да го поднесам ова Општество, барам кардинални грешки, вид на пристап кој, барем до сега, ме водел до целта. Тргнувам оттаму дека Македонија не е целина, всушнот Македонија денес воопшто не постои, и секогаш кога ќе направам фрагмент од нејзината целина, онаа кардинална грешка, чувствувам дека сум чекор понапред. Појдете во центарот на Скопје, погледајте ги оние споменици, погледајте го оној државен инфамен план: Скопје 2014 е една голема ујдурма!, направена без вкус; Воинот на коњ е една монструозна тапоумност. Воинот на коњ е пастирот лично. Одете, погледнете му в лице, погледнете го колку е грозен. Погледнете му в лице, и се’ на се’, ќе видите, јасно ќе видите дека се работи за беспомошност, за гротеска од човек, како и сите други негови, за да може да издржи.

 

Фрагмент два:

Речиси сите државни професори го поддржаа прокетот Скопје 2014. Тапоумни какви што се, професорите, оние луѓе кои во голема мера го уништија и мојот живот уште од најрано образование, нивната улога е да го уништат секое можно чувство на студентите; нивната улога е преку нивната тапоумна дрдорливост да ги анестезираат чувствата на студентите, затоа огромен број на професори – трабанти на власта – се опираа толку многу на екстерното тестирање. Уште на првиот високо-образовен час, овие професори им го ништат секој интерес за наука, за кричко промислување на студентите. Професорите ги расипуваат студентите, вистината е таа, факт кој е стар неколку векови, а македонските професори, кои секогаш се и државни професори, го уништуваат вкусот на ученикот за се’; сите млади луѓе најпрво се отворени за се’, за она што им е отспротива, значи за уметноста, за знаењето, но професорите се тука да им го истребат секој порив. Денешните професори, како сакате наречете ги, се потполни малограѓани, нивната тапоумност допринесува да се превземат сите мерки против копнежот на младите, копнеж кој е најприроден и копнеж кој е насочен кон екстатичноста, одушевувањето. Професорите со својот депримирачки дилентатизам, ги носат учениците во грозни “научни” секции, како што мене ме носеа. Наставниците свират во некои традиционални структури кои се морбидни. Така, уште на почеток, наставникот му го затвора секој можен пристап на ученикот кон уметноста, кон знањето во целина. Повеќето професори се бедни креатури чија животна задача очигледно се состои во тоа да на младите студенти им го попречат животот и потоа, конечно, да ги отераат во стравична депримираност. Во просечната професорска агентура се бутаат малечки и сентиментални главчиња од долната средна класа. Наставниците се верни приврзаници на државата, бидејќи денес Македонската држава е морално и духовно осакатена држава, држава која не поучува ништо, освен канализирање и гниење на оној хаос што претставува општа опасност, се разбира дека и професорите се духовно и морално осакатени и канализирани, згниени и хаотични. Оваа религизона држава не се разбира од дух, од уметност, од наука, што значи дека ниту наставниците не разбираат или немаат од каде да разберат, тоа е она што депримира.

 

Фрагмент три:

И јас ги имав истите стравични и бескрупулозни професори. Во 2007 запишав Политички науки при Правниот факултет во Скопје. На првиот час се појави денешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов. Уште на првиот час ни ја приложи неговата фасцинација од еден медиумски кловн кој добива редовно награди за сајт на годината. Те како добро пишувал, колку бил голем и луциден циник, и маса од слични глупости. Гледате, оваа религиска држава, на професорите им задава: тесноградост и бруталност, пакост и поганија, расипништво и хаос. Од овие професори не може да се очекува ништо освен лажливоста на религиската државна сила. И самиот јас имав стравотни и бескруполозни професори, како некој кој и ден денес е руиниран од овие професори, кога подобро ќе размислам. Ниту мене, ниту на мојата генерација не ни дадоа ништо друго освен грозното лице на државата. Ниту мене, ниту на денешниве млади студенти, не ни дадоа ништо друго освен одвратноста во неразбирањето, тапоумноста, нивната неспособност, нивната непродуховеност. Ни моите професори не ме научија ништо освен хаос. Овие професори, како и главниот „лидер” на Политички науки кој денес е нешто како претседател на држава која ниту симболички ниту реално ја има, се луѓе кои имаат потполно ниско поимање за човекот и човечкиот свет, тоа е најниското можно човечко поимање наталожено од државата. Имено, тие мислат дека природата на младината треба да се потиснува, постепено, за на крајот да се умртви за целите на државата.

 

Фрагмент четири:

Во високот образование се трпа државно ѓубре. Како гоење на гуска со пченка, за државното ѓубре толку многу да им се затрпа во главите на студентите. Обидете се на било кој професор од Политички науки да му противречите, ќе видете што ќе ве снајде, а тоа е така затоа што религиската држава не сака противење, и затоа тие на своите студенти не им оставаат ништо, нарочито ништо свое. Оваа држава не дозволува протест без стигматизација, без шиканирање, оти таа си мисли дека сите деца се државни деца, и се труди да го гаи тоа разорно дејство. Државата си мисли дека таа ги раѓа децата, државата си мисли дека се раѓаат само државни деца, вистината е таа. Државата е таа која ги носи децата, на мајките, како пред некоја ден Пастирот до ВМРО-овските жени, им се вели само дека ги носат децата, другото е работа на државата. Не постојат слободни деца, постојат само државни деца. Државата ги носи децата на свет, вистината е таа. Државните деца доаѓаат од државен стомак и одат во државно училиште, каде државните наставници ги примаат на државна настава. Државата ги раѓа своите деца во државата и веќе не ги пушта да излезат од неа. Слободниот човек за државата е утопија, така и сите оние луѓе, граѓани, студенти, кои се опираа на Студентскиот марш, за државата претставуваат утопија, лудило, како што ни велат државните медиумски глодури. На оваа и ваква држава нужно и претстои крај, не затоа што јас сакам, ами од нужност: од гадење, од гротеска, која е неиздржлива, која е гадна, која е гнасна.

Оттаму, и низ уште милиони фрагменти, денешната Македонска држава почива на злосторство.

Leave a Reply

Your email address will not be published.