Мајстори на едно големо Неслучување

„Хомогенизација на публиката е тежнеење да ‘просечниот идеален човек’ најразличните содржини му станат еуфорично прифатливи.“ (Е. Морин) Или, како работеа рацете на едно големо Неслучување

 

Како што хомогенизираното млеко денес е сосема обична работа, на која посебно не’  мислиме, така е и „хомогенизираната публика“ важна одлика на груевистите денес, но и за тоа ми се чини, не’ водиме голема грижа… Во енциклопедијата се вели дека хомогенизираното млеко се ствара со посебен „марифетлук“ (млекото е подложно низ притисок кон тенки отвори) – масните капки се’ уситнети. Како ова би се превело на „нашки“, комшија? Осум години режимот на груевистите се’ бори и ги отстранува сите „препреки“ меѓу сите културни класи и слоеви, изедначувајќи го нивото на корупција со своето членство и клиентела, во пркос на сите останати, претворајќи ја Македонија во локалистичка држава, а со тоа изолирајќи ја од светот, или што би се рекло – Македонија уситнета за „специјализирана публика со посебни потреби“, односно, хомогенизирана и наменета за просекот на своето гласачко тело и разно-заразната клиентала која ги опкружува. Па така, го добивме поимот и фактот во последниве осум години – “широка публика“ – вести за народот.

 

Имено, во „духот на времето“ во кое живееме (а некои и тежнееме), „просекот“ и светот на возрасните се’ смалува, се’ ствара јаз: разурлана пропаганда со пластични фрази и флоскули, слики, то ест, лесно разбирачки и прифатлив јазик како да му се обраќаш на идиот; во исто време, популарноста на медиумските џелати – Јанко, Латас, Мирка, Миленко и останатиот полусвет, заедно со баба Ради и остнати полу-деветини-од-задгробно-езотеричен-свет, станаа сретство за „масовна образовна публика“ на Македонецот. Така доаѓа, да масовната (меинстрим) пропаганда го одвлекува идиотот (во политичка смисла) на ниво на возрасен, додека во секторот за возрасни, таа се спушта на ниво на идиотот. 

 

Не знам дали гледате, пропагандата на груевистите ги стопи сите категории, сите возрасти, и ги претвори во една класа, или што би се рекло во друг жаргон, „наменето за специјална публика со посебни потреби.“

 

Сакам да го кажам ова: едно попладне, „идеалниот обичен човек“ (се мисли на обичниот граѓанин) седи пред телевизорот примајќи исти (хомегенизирани) информации (вести, сериски филм, баба Рада, Миленко, Јанко, Латас, спортски пренос и сл.), а утре-ден оди на некои слични „културни неслучувања“, само што овој пат тоа ќе му го сервира Партијата. И така во круг. Секоја ден. Во првиот случај, секој оној што може да гледа слики, филмови, вести, соучествува во пропагандата на груевистите равноправно, затоа што, како што погоре напоменав, груевистите ги урнисаа сите класи и жанрови, и ја подредија пропагандата според нивниот светонадзор. Јазот измеѓу тие два света – дома пропаганда, а надвор Партија, тешко се пополнува со друга содржина, па би рекол дека денес е лесно да се биде на страната на груевистите затоа што околностите се прилично фрустрирачки – барем за оние другите, кои се тука и кои гледаат што се случува со таканаречените симпатизари и поддржувачи.

 

Пред неколку дена, мојот домашен буџет купи телевизор. Во суштина, тоа е предмет: ене го, стои и не мрда, не сум го уклучил затоа што многу по-драго ми е да читам отколку да се sверам во глупавиот екран. Секојдневно ме прашуваат – дали го гледаше она, го виде ли ти ова, што велиш за ова-она; велам дека сум го гледал, па импровизирам некој вицкаст коментар, така најблиску би ја свртел темата. А и’ никој не ме „фаќа“ дека лажам: очигледно, имам впечаток како да сум гледал се’ она што не сум го гледал, оти овде одамна не се емитуваат содржини со нова тематика, дури, таквите „нови“ овде се под сомнеж дека се непријателски, па затоа се врти се една иста песна, се урла само бесмислата, од баба Рада, преку простаклутот на Миленко, Јанко, “аналитичниот“ дупе-тресник и д-р, м-р. Латас, идиотски серии, вести кои продуцираат Неслучување, министри-магистри кои се на посета некаде, во наше име, за нивни работи. Понекогаш пишувам и јас јавно, на порталов, објаснувам, коментирам, имам и twitter.


Сакам нешто друго да кажам: без разлика што имам нов телевизор, ене го стои, неуклучен и не ми недостига да го гледам. Немам што да гледам – не можам да гледам вести кои објаснуваат – во јавна смисла – едно Големо Неслучување. А ако нешто се случува, тоа е Англиска продукција: BBC изваде една брилијантна серија која се вика Лутер (во наш жаргон, нова „шпанска серија“ која не е од Шпанија). Овде пак, се’ застана и се’ стои, не мрда; а сепак се создава страшна галама како нешто вистински да се случува. Сите урлаат бесцелно и „ламентираат“ исто едни кон други како целиот Свет е неправеден према нас; многу лудила, урлање и бес, ама и таа теле-диригирана хистерија ми е некако фолирантска и празна, неубедена во себеси.

 

Македонија се зави во својата корупка од чаршијски-рекла-казала илузии, како сите да се лизгаме во Нирвана – ниту протест, ниту Отпор, ништо! Како да го казнуваме целиот свет со тоа што повторно ќе се само-исклучиме од игра, ќе се исклучиме од самиот живот!


Па потоа замислувам што ќе биде ако го уклучам телевизорот: млад, здрав, нов, квалитет марка, пишти за живот, пишти да пренесува, ама како да пренсува нешто кога „пренос“ нема, што Македонија би пренесувала кога целата е заспана, и која чека некој принц да ја разбуди, по можност Руски, да ја разбуди и преобрази? Нема фајде од тоа, за оваа земја интернетот е доволен, а телевизорот може да послужи за серијата Лутер и слични драмски бравурии на останати светски и врвни гиганти, а „домашното продукцио“ е неразумно побркано, затоа што на тоа работеа вредните раце на нашите Мајстори на едно големо Неслучување.

Leave a Reply

Your email address will not be published.