(Видео) Мајами го доби Сан Антонио со резултат 103-100

Екипата на Грег Попович испушти одлична можност да стигне до петтата титула во клупската историја, а мајсторката која ќе одлучи околу новиот шампион на НБА лигата ќе се игра во четврток во Мајами.

Херој на натпреварот на Флорида беше Реј Ален, кој најпрво од тешка ситуација уфрли тројка за израмнување на 5 секунди пред крајот на регуларниот дел, а потоа го запре Ману Џинобили во нападот за победа на Спарси на крајот од продолжението. Огромен допринос во клучниот момент имаше Крис Бош, чиј скок во нападот му овозможи на Ален да ја постигне спомнатата тројка.

Спарси водеа во текот на целата средба, во третиот период имаа и двоцифрена предност, но со слабо одиграна последна четвртина не можеа да стигнат до победата. Најдобар играч кај Сан Антонио беше Тим Данкан кој до полувремето веќе имаше 25 поени. Спарси во последните 30 секунди имаа и плус 5 по трите врзани грешки на Леброн Џејмс, но најпрво токму Џејмс со три поени го врати Хит во живот, а потоа нереализираните слободни фрлања на Џинобили и Ленард му овозможија херојска тројка на Реј Ален.

Леброн мечот го заврши со трипл-дабл (32 поени, 11 асистенции и 10 скока) за 50 минути игра, Чалмерс постигна 20 поени а Вејд – 14 поени. Данкан во противничкиот табор имаше 32 поени и 17 скока, а одличниот Кавај Ленард заврши со 22 поени и 11 скока. Тони Паркер постигна 19 поени дополнети со 8 асистенции.

Јунакот и трагичарот на мечот, Ален односно Џинобили, постигнаа по девет поени.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.