“Маѓар Телеком” ќе ја испитува аферата „Прислушување“ во македонски Телеком

Маѓар Телеком планира истрага која ќе ја спроведуваат надворешни консултанти во својата фирма-ќерка во Македонија, вели за Дојче веле, портпаролката на Дојче Телеком, Елпида Тризи. Повод за истрагата се сомнежите за улогата на македонскиот Телеком во аферата со прислушкувањето која во Македонија ја отвори лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

Уште при објавувањето на првите „бомби“ Заев оцени дека наводното масовно прислушкување на повеќе од 20 илјади граѓани во Македонија не можело да се одвива без дозвола и знаење од мобилните оператори во Македонија. Двата најголеми оператори во Македонија, Т-Мобиле и ВИП се во сопственост на фирми ќерки на Дојче Телеком и на Телеком Аустриа.

Во еден од разговорите кои ги презентираше Заев, министерот за транспорт Миле Јанакиески бара од членот на Управниот одбор на Т-Мобиле, на денот на изборите да се исклучи телефонски број кој го користи опозицијата. Во друг разговор, првиот човек на Т-Мобиле Жарко Луковски се заканува дека ќе отпушта од работа вработени кои нема да гласаат за владејачката партија.

Во Дојче Телеком, одбиваат да ги коментираат конкретните настани, но Тризи вели дека „проблемот им е познат“.

„Сепак, имајте предвид дека Дојче Телеком не е директно инволвиран во Македонија, туку преку својата подружница, Маѓар Телеком, кои се директни акционери во случајов“, вели Тризи.

telekomДоминантен сопственик во „Македонски телекомуникации“ е фирмата АД „Камени мост Комуникации Скопје“ со 51 отсто од акциите, а 34,8 отсто од акционерскиот капитал и‘ припаѓа на македонската Влада. Сопственик на „Камени мост комуникации Скопје“ е Маѓар Телеком, а доминантен сопственик во унгарскиот телеком е Дојче телеком.

„Во секој случај, ние сме во близок контакт со надлежните во ќерката-компанија Маѓар Телеком. Маѓар Телеком во моментов планира истрага преку именување на надворешни консултанти“, вели портпаролката на Дојче Телеком. Од Маѓар Телеком не одговорија на барањето на Дојче веле за коментар на најавата за спроведување истрага во Македонија.

Случајот во Македонија не е прв во кој Дојче Телеком е директно или посредно осомничен за учество во прислушкување. Во 2011 година, германските медиуми открија дека Дојче Телеком ги прислушкувал сопствените вработени во Германија, со цел да открие кој им дава доверливи информации на новинари. Кон крајот на 2014 година, во рамките на истрагата за прислушкувањето на американската НСА во Германија, беше обелоденет сомнежот дека и Дојче Телеком и‘ овозможил на германската служба БНД пристап до податоците на своите клиенти.

Најголем удар по угледот на Дојче Телеком и на Маѓар Телеком, сепак беше процесот пред американскиот суд кој го поведе тамошното министерство за правда, а во кој телекомуникацискиот гигант беше обвинет за корупција и поткуп во Македонија и во Црна Гора. Процесот беше завршен спогодбено во 2011 година, откако Дојче Телеком се согласи да плати казна од 63,9 милиони долари.

Извор ДОЈЧЕ ВЕЛЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published.