Лустрацијата на Славко Јаневски опасна по државноста на Македонија

Академици, писатели, научни и културни институции, во своите реакции нагласуваат дека е крајно парадоксално да се лустрира човек што ја има втемелено современата македонска книжевност и кој не е веќе меѓу живите, како и дека овој процес може да доведе до дестабилизација и на последните национални институции што останаа нечепнати.

Во Македонскиот ПЕН-центар со големо чудење ја примиле веста за лустрацијата на еден од своите основачи и носечки столбови на македонската литература и култура Славко Јаневски кому токму власта пред извесно време му откри два споменика – еден во паркот „Жена борец“, а друг на Мостот на уметноста, се вели во реакцијата.

„Македонскиот ПЕН-центар силно се противи на настојчивите обиди на Комисијата за лустрација самата да си се претвора во Комисија за утврдување гревови од кој било вид, скршнувајќи од нејзината единствена и основна цел – оневозможување поранешните соработници на службите за безбедност да можат денеска да бидат носители на јавни функции“, се вели во нивната реакција при што бараат од надлежните државни органи да ја вратат работата на Комисијата за лустрација во нејзиниот законски делокруг.

Со отворено писмо до Комисијата за верификација на фактите, реагираше и академик Ѓорги Филиповски, кој со Јаневски биле едни од основоположниците на МАНУ и дел од првиот состав од 14 члена академици избрани од претставници на сите академии во тогашна Југославија. „За жал, 13 од нив не се меѓу живите. Почувствував потреба да ви се обратам и како најстар член на МАНУ, по возраст и академски стаж. Со академик Јаневски бевме соседи во Скопје и Охрид. Нашите две фамилии беа и останаа во блиски пријателски односи. Затоа знам какви трауми преживува неговата фамилија поради вашата одлука да го лустрирате“, вели академик Филиповски додавајќи дека доколку Законот за лустрација дозволува и мртвите да се лустрираат, тогаш за чудење е кои „умни“ глави можеле да изгласаат таков закон. „Вашата одлука би била уште полоша ако тој закон не дозволува лустрација на мртвите луѓе“, додава академикот.

Тој во отвореното писмо вели дека покојниот Јаневски не бил мераклија за функции. „Најважната функција му беше директор на една издавачка куќа. Не сакаше функции, иако можеше да ги има. Беше посветен на создавањето литературни дела со кои денес се гордее нашата земја“, вели академик Филиповски. Тој истакнува дека со одлуката, Комисијата за лустрација оневозможува да се спроведе Законот за лустрација, кој дава право на жалба до надлежен суд. „Сте помислиле ли дека донесовте дефинитивна извршна одлука која само вие можете да ја измените? Вие осудивте мртов великан, еден од нашите најреномирани писатели“, констатира академик Филиповски.

Тој се прашува ако веќе не може да се постигне целта мртвиот Јаневски да не може да има општествена функција, тогаш каква била целта на лустрирањето? „Не можам да не помислам дека имате други цели, а тоа е да ги уривате столбовите на нашата литература и култура, бидејќи Славко Јаневски заедно со Блаже Коневски и Ацо Шопов беа основоположници на нашата литература по ослободувањето. Пред повеќе години имаше обиди да се дискриминира Блаже Коневски. Дали следниот ќе биде Ацо Шопов за да можете сосема да ги сотрете корените на нашата литература“, вели тој и додава дека самоуништувањето, за жал, не е непозната појава во нашата историја. „Дали да очекуваме и другите 13 академици од првиот состав да бидат лустрирани, а со тоа да бидат раздрмани и столбовите на кои се потпира МАНУ. Знаете ли дека академиите на науките и уметностите во секоја земја се едни од нишаните на нацијата и државата? Зар не можевте да покажете повеќе чувство за опстанокот на оваа земја и овој народ? Сте прочитале ли некои од неговите романи за да разберете каков борец беше за опстанокот на нашиот народ и нашата земја?“, се вели во отвореното писмо на академик Филиповски порачувајќи историчарите на литературата да ги проучуваат биографиите и делата на писателите.

Академиците Томе Серафимовски и Катица Ќулавкова, исто така, најостро го осудија овој потег на Комисијата за лустрација.

„Сметам дека е крајно парадоксално да се лустрира човек што ја има втемелено современата македонска книжевност и кој веќе 13 години не е веќе меѓу живите. Се плашам дека овој процес може да доведе до дестабилизација и на последните национални институции што останаа нечепнати“, вели Ќулафкова.

Академик Серафимовски, пак, кој бил близок пријател со Јаневски последните 30 години од неговиот живот, вели: „Среќен сум поради тоа, бидејќи го сметам Јаневски за неспорно најталентираниот Македонец на 20 век.“

И за писателот Александар Прокопиев лустрацијата на Славко Јаневски е надвор од паметот. „Прво, голем и неоспорен факт е дека има три стожери на современата македонска литература: Конески, Шопов и Јаневски. Нивните остварувања, нивните книжевни дела се и повеќе од книжевност во смисла на потврда на нашиот не само културен, туку и национален идентитет.

Второ, каков човек бил Славко Јаневски? Јас воопшто не знам. Сум имал само еден заеднички момент кога патував случајно со него со вечерниот воз Белград – Скопје. Ми беше извонредно интересно. Еден висок, љубопитен интелект, и многу пријателски настроен. Тоа е се’ што знам за него како човек. Но, неговите дела и тоа како ги знам. Мислам дека според својата современост, разновидност, според експериментаторскиот дух, Јаневски е исклучителна фигура на македонската книжевност. Трето, лустрацијата секогаш се врши во едни т.н. правни рамки, но секогаш се врши под благонаклоност на еден одреден режим кој одредува кој е лојален граѓанин, а кој е, да речеме, непријател. Во овој случај, ова е потполно надвор од паметот. Човекот е далеку од непријател на нашата земја. Тој е гласот на Македонија во светот. Она што е неспорно, тоа е вредноста на книжевното дело, вредноста на една појава, на една фигура во современата македонска литература, култура, нација итн. Мислам дека им е многу тешко на тие луѓе од Комисијата за лустрација“, смета Прокопиев.

Друштвото на писателите на Македонија вчера ја отфрли одлуката на Комисијата за верификација на фактите со која писателот Славко Јаневски е прогласен за соработник на тајните служби.

„ДПМ бара одговорност поради овој антиуставен чин на Комисијата за верификација на фактите која посегна по една од најсветлите личности на современата македонска литература и култура, надвор од нормите што ги подразбира Законот за лустрација. Во спротивно ДПМ овој чин ќе го толкува како тенденција за бескрупулозно газење и уривање на темелните вредности на македонската национална култура“, се вели во соопштението од ДПМ.

Според ДПМ, апсурдно е да се помисли дека дејствувањето на Славко Јаневски во литературата и културата било на штета на развојот на одредени автори и процеси.

Семејството на писателот Славко Јаневски, исто така, реагираше на одлуката на Комисијата за лустрација. „Реагираме, пред се’, поради тоа што оваа одлука е донесена постхумно, односно без право на лично мислење и право на одбрана на Јаневски“. 

Извор Утрински

Leave a Reply

Your email address will not be published.