Локално “дупење” во здрав мозок

пишува Кире Бебеџаков

За разлика од минатите, оваа година манифестацијата “Тиквешки Гроздобер” предвреме го доживеа своето фијаско. Не во делот на програмската шема и културните настани, ами во делот на “играње” топло-ладно со ионака тенките нерви на кавадарчани. Како и да е едно е сигурно: бендот “Парни Ваљак” нема да биде дел од овогодинешната програма и најверојатно ќе ни мафта некаде од Калемегдан.

Во минатото, манифестацијата “Тиквешки Гроздобер” знаела да изобилува со доста “богати” и интересни теми. Уникатна за околината, единствена, препознатлива за соседните општини, фолклорна, претставителна за граѓаните на општина Кавадарци и во најдобро светло го отсликува целиот тиквешки регион и неговото главно егзистенционално минато, сегашност а богами и иднина. Да споменам дека и многу често многумина ни завидувале на феноменалните менаџерски способности кои ги имале надлежните. За “Тиквешки Гроздобер” се слушало се до Сибир, ако не и подалеку.

Вистинска штета и невиден парадокс е тоа што во последните неколку години оваа церемонија полека но сигурно мутира во една поприлично монотона манифестација која во недостиг на елементарни финансиски средства, локалните организатори и менаџери на овој паричен фонд се обидуваат некако набрзинка да ја претрчат (спринтерски што би се рекло) целата манифестација. А и организација, патем.

Ми беше вистинско задоволство што и јас бев еден од 1061-те членови на фејсбук групата “Парни Ваљак” да свират на “Тиквешки Гроздобер” 2014! Група во која активно учество земаа личности од јавниот кавадаречки живот. Музичари, артисти, ликовни уметници, писатели и поети…Интересна група која изобилуваше со дебати, расправи, ставови, објаснувања, сеќавања, иницијатива која имаше конкретна агенда за на крај да поентира со “културен притисок” кон локалните надлежни за да излезат во пресрет на барањата и желбите на своите сограѓани во сферата на културниот и забавниот живот. И бидна таа работа, резултира со успех. Да нема забуни кај читателите, информацијата за учество на овој бенд на овогодишната манифестација “Тиквешки Гроздобер” прв официјално ја обелодени градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов, на интервју за една локална кавадаречка телевизија. Дури отпосле, оваа информација ја споделија и останатите.

Е сега, незгодна ситуација е кога работите почнуваат да излегуваат од колосек и не се одвиваат онака како сте ги испланирале. Хонорарот на бендот “Парни Ваљак” испадна малку “помрсен” од предвиденото, односно нешто повеќе од 36.000 евра. Овде слободно може да се каже: машала. Најверојатно заради ситуацијата што и некои други ставки и точки не кореспондираа со зацртаното, експресно беше свикана вонредна седница на советот на општина Кавадарци. На истата таа седница, по иницијатива на градоначалникот Панов беше донесена одлука за зголемување на буџетот наменет за реализација на манифестацијата “Тиквешки Гроздобер” од 2.000.000 денари на 4.600.000 денари. Таа одлука помина во јавноста со аирлија.

За момент, јавноста беше видно воодушевена од упорноста на градоначалникот и советот на општина Кавадарци во намерата да се донесе еден од најпопуларните ју-бендови во Кавадарци. Едноставно не им се веруваше она што се случува ако се земе во предвид доскорашното минато и килавите организации за оваа манифестација. Се претпостави дека буџетот за “Тиквешкиот Гроздобер” се зголеми токму заради повисокиот хонорар на бендот. Но за жал, на големо разочарување, последната информација е дека “Парни Ваљак” нема да биде дел од манифестацијата. На нивно место ќе гостува Жељко Јоксимовиќ, и тоа за далеку поскромен хонорар (да не шпекулираме предвреме со податокот). Уште еднаш, по кој знае кој пат, локалните “најпаметни” ликови, отидоа против вољата на граѓаните. А чуму цела таа работа?

Останаа премногу прашања неодговорени, премногу дилеми неразјаснети… Но за жал, не остана нималку простор за ова тема да се продискутира малку поопширно во јавноста. Никој не ја превзема одговорноста и да им образложи на своите сограѓани што навистина се случи или сеуште случува.

Ниту еден претставник од локалната самоуправа, совет на општина Кавадарци како и од организациониот одбор на манифестацијата “Тиквешки Гроздобер” досега нема излезено со конкретно соопштение, изјава, било каква информација барем да нафрли до јавноста како “течат” подготовките. Која е причината бендот “Парни Ваљак” да не биде дел од гроздоберот? Која е причината што беше зголемен буџетот за ова манифестација за повеќе од 100%? Зошто се оддржа вонредна седница на совет на општина Кавадарци по ова прашање? По чиј налог е “нарачан” токму Јоксимовиќ да биде дел од оваа манифестацијата? Зошто и на две недели пред гроздобер граѓаните немаат апсолутно никаква појма кој ќе биде дел од музичката сцена на гроздоберот? Зошто…? Зошто…? Зоштоооо..? Илјада “Зошто”, но за жал, ниту едно “Затоа”…

Како и да е, револтот кај граѓаните по ова прашање не познава граници. Во овие моменти најверојатно е заплеткан некаде во четвртиот прстен од планетата Сатурн. А тоа е мнооогу далеку. Многумина од граѓаните од општина Кавадарци информацијата за гостувањето на “Парни Ваљак” ја доживеаја со огромно задоволство. Кај многумина разбуди дури и подзаборавени спомени од минатото и веднаш го “зграпчија” моментот да поканат свои пријатели и роднини од соседните па и подалечни општини да присуствуваат на манифестацијата, а кавадарчани да се претстават како домаќини во најдобро светло. Да не се разбереме погрешно, меѓутоа во нивна кожа во овие моменти човек би се чувствувал како вистински морон. Што да им се каже сега на поканетите? А? Еј, баталете гроздобер, дојдете на априлијада…Навистина незгодна ситуација.

Како и да е, организаторите на оваа манифестација промашија уште еден чист единаестерец. И не само тоа, ами во второто полувреме си “збиберија” автогол. Играњето со чувствата на своите сограѓани знае да биде поприлично заебана работа. (Не)одговорноста на надлежните и нивната игра “пу-пу не важи” наликува на дијалог на две деца од предшколска возраст. Да им се изначуди човек на традиционалната (не)сериозност.

Полека да сумираме. Кавадаречкиот граѓанин уште еднаш по којзнае кој пат длабоко е “из…н во здрав мозок”. И внимавајте, за таа “услуга” одвојува од сопствениот џеб. И прибидејќи ова некако почнува да станува секојдневна работа (а никој јавно не реагира), понекогаш ми се чини дека станува збор за класична “проституција за ефтини пари”.

Да живее лесковачкиот роштиљ…!!!
П.С Дали знаевте дека навивачката група “Лозари” има испратено ултиматум, алоо…УЛТИМАТУМ до локална самоуправа Кавадарци за исполнување на нивните барања кои се од јавно добро за своите сограѓани? 

Leave a Reply

Your email address will not be published.