Љубители на сопствени човекови права

Составен дел на демократијата е доследното спороведување на законот – груевистичките идеолози, филозофи на насилието, дискриминацијата, расизмот и теророт, мора да одговорат пред законот: ако порано е невозможно, подоцна е неизбежно!

Што учиме комшија во овие мачни денови – очигледното?! Груевистите и нивните права и поимања околу “реалноста“, гледаме, не се загрозени: освен што се насилници, демагози и манипуланти, тие се и љубители на сопствените човекови права и следствено на тоа, проклети лицемери!

Имено, груевистичкиве фиќфириќи (пак најде некој термин, црни Н.Ј!?) ошишани на “трета“ се како некој “пошандрцан“ исламистички мула, знаат оние (а оние кои не знаат – не знаат) што “малку“ прочитале за Англиската култура и историја, да речеме последниве – ама претеруваш! – стотина години. Е тој мула и налудничав веселко е родум од Пакистан и ни две-ни-три, уредно проповедал џихад или, во превод комшија: покорување и истребување на “кафирите“ (читај, неверници), а следствено на тоа – пази блесав малоумник! – инсталирање на исламистичка теократија во Европа, покорување на сите жени, суспендирање на блесавите демонски мирудии наречени демократија и секуларизам, и се што со тоа оди. А да не зборувам како ги присобирал разно-заразните лудаци низ опскурните сокаци на Лондон и ги тренирал во некаков напуштен камп на периферијата од метрополата, само како би можеле да вежбаат – “бомби“. Кога му “збоктисало“ да го трпи, благородничкото Кралство – човекот кој зулумќари во нивна територија и на нивен трошок – решиле да го протераат таму од кајшто дошол. Тогаш овој, lucida invertale, се повикал на сопствените човекови прва, покренал процес пред европскиот суд и … та-дам, “ете го Џанго кај јава на седло со кубурот во рака!“ Апсурд, феномен? Не, напротив. Поентата е дека кога политичко-терористички криминалец не го третираш на време, не го санкционираш затоа што е криминалец, ќе дојде време со тажни и собрани рамена да го гледаш како од него станува Месија, комшија!

Ликот Никола Г. на почетокот мислевме дека е вистинска личност и дека постои надвор од онаа ѓаволска телевизиска кутија, но на крајот, или на почетокот, кој ќе ти каже, ликот повеќе не е човек туку – контекст! А мачен е таков живот кога наместо реална личност “јавноста“ е приморана да те толкува како контекст.

Комшија, појасно! Кај кој Брисел да одат сите оние луѓе кои низ сите овие години добиваат кривични пријави само затоа што гласно размислувале и критички го анализирале режимот на груевизмот?! Кај кој Брисел да одат сите оние луѓе кои доминантната струја ги дефамираше и во јавноста ги прогласи за “предавници“, “шпиуни“ и “изроди“? Оти нели, ваквите “безбожници“ наместо да работат романтичарски за мајчица Русија, они, “мајку вам Божју“ – Американизирани бре!? Кај кој Брисел да одат сите оние жални пратеници кои помеѓу суверенитетот на 370 илјади граѓани и легитимирање на Парламентарна демократија добија клоца, директно во газот!?

Идеологијата на “груевистичкиот радикализам“ којa секојдневно не’ шашардисува, идејата за Човековите права ја обесмисли; борбата за Човековите права ја претвори во цинична негација на самата идеја за Универзалните Човекови права, и се тоа во име на – седумгодишниот етнички Варваризам!? Виде Никола Г. што всушност значат Човековите права – почна престолот да се ниша и оп! – си донесе закон во кој ќе може неколку горили ошишани “на тројка“ да го шитат веројатно доживотно? Кога има скандал, знае он, итрец еден, прво се штити сопствениот газ, а на другите како им даде Бог, и тоа оној, метафизичкиот!

Е сега, комшија, сосема е друга работа кога груевистите проповедаат и практикуваат систематско кршење на правата на другите луѓе: тоа комшија е, што? Е, тоа е – идеологија! И правата на другите ќе бидат толчени и шиканирани во зависност од дневната потреба!

Во некоја рака, сите се во право: и оној луд Палестинец, и Никола Г., и опозиционерите. И сите овие имаат свои Човекови права, и треба да ги имаат. Во тоа секако спаѓа и правото на фер судење. Оттука се појавува логичното прашање: има ли демократијата непријатели? Секако! Оти сето друго би било самоукинување на демократијата во “самоодбрана од заседа!“

Поента, комшија! Оваа власт по нејзиното паѓање треба и мора да одговара пред законот за сето што се случуваше во изминативе години, и тоа во наше име – што побрзо тоа подобро! Ако не биде така, тогаш ќе дојдат некои други љубители на свои сопствени Човекови права и позиции кои ќе бидат проклето лицемерни.

Leave a Reply

Your email address will not be published.