Лицитарско срце

Не знам дали знаете, ама треба да се потсетиме – државата треба да биде аполитична – на полицијата и војската, како клучни апарати во една демократска држава, им се забранува партиски ангажман. Обратно, во диктатура, се’ инсистира на партиски ангажман

 

Ако ја следиме логиката на погорните зборови, сфаќаме дека ваквиот принцип ја носи Македонија во партократија. Ако ја носи во партократија, тогаш партократијата не води во корупција, а корупцијата во деструкција: во вакви мрачни времиња, кога нужно ни е потребно солидарност – и индивидуалност! – удбашко-националистичката партија ДПМНЕ, како движење и Крик на Неслобода, како апологија на непроменливост, аутархија, племенскa омертa, вечниот патријархат на овој крик, илјадници се пријавија и хистерично се држат како „пијани за плот“.


Сакам да кажам дека ова што не малтретира и тормози не е партија. Ова е источњачка сатрапија која функционира на вазалско-клиентелистички принцип со чисто декларативна послушност! Еве пример: кога Груевски ќе заурла, „Долу непотизам и корупција“, сите едногласно ќе заурлаат „Долу непотизам и корупција“, и потоа веднаш ќе продолжат да корумпираат и да бидат корумпирани. Имено, автократи не можат да бидат демократи и демократски да ја уредат оваа држава, и затоа, знаат мајчините, непрекинато не тормозат со Медиумската хистерија и нивното психотизирање, за кое, ми се чини, е важно да проговориме збор-два.

 

Имено, националистичкиот кич на груевизмот, своите содржини низ годините ги црпи од страшната нурнатост во националистичкото битие па, на тој начин, свртен кон минатото, тој е лишен од Утопистичка димензија. Клучните симболи на ДПМНЕ-овскиот кич се врзани за работата, за прогресот, за еднаквоста. Клучните симболи на националистичкиот кич се врзани за идентитетот (сила, гробови, православни крстови, скулптури на историски антички јунаци). Двата кича користат идентична стратегија на ЗАВЕДУВАЊЕ!


Сите мудосери што ги сретнав на провладините медиуми велат дека Груевски ќе победел повторно кога и да бидат распишани изборите. И во право се, ама само дотука: во медиумската пропаганда „лицитарското срце“ ја засилува стратегијата на ЗАВЕДУВАЊЕТО, како вирус навлегува во сите пори на дневниот ритам (во весниците, медиумите, во јазикот, во телевизиските слики) претворајќи го вистинскиот ужас во ужас на злоба. Бруталните гласови на телевизиските репортери, водителите и нивните дрдорења, фолклорното врескање со кое му се закануваат на непријателот, и’ оној домашниот и’ оној странскиот, дека ќе биде уништен; плакати, патриотски песни, кичерајска пропаганда индуцирана на војна и непријатели – сето ова се вари во македонскиот лонец помеѓу трагедија и фарса, страдањето и рамнодушноста, сочувството и цинизмот, ужасот и пародијата.

 

За да се воспостави систем на патолошка колективизација, беше потребна спрега помеѓу власта, државната идеологија и плебесцитарното гласачко тело кои се идентифукуваа со неа. Својата рамнодушност кон повредите на човековите права, тие повреди кои се темелните демократски начела, кон создавање на автократска држава, плебсот ќе ги правда со приоритетите: сега се работи – а порано ништо; се’ гради – а порано ништо; нема, за име божје, да водиме сметка за такви дребулии, како што се човекови слободи и медиумски слободи… Со истите аргументи плебесцитарното мнозинство, гледате, се’ служи како што се служи и самата власт.


Во колективна клима, сите оние кои не зборуваат со јазикот на колективитетот се изложени на опасност да бидат окарактеризирани како предавници и „народни непријатели“.


Со „народните непријатели“, кои се виновни затоа што јавно го искажуваат антивоениот и антинационалистичкиот став, во одбрана застанува по некој новинар, антифашистичките здруженија и по некој пријател. Обратно, против застануваат: најчесто колегите, режимските новинари, нивните мудосери-интелектуалци, доминантните (локални!) политичарчиња, а потоа како куриозитет доаѓа „индуцираниот плебс“. Плебсот пак, ја изразува својата лојалност кон режимот така што медиумското куче ќе му каже кого треба да жигосува, да оцрнува и да го прогласува за „непријател“. Омразата на драго срце ја истураат низ анонимните јавувања директно упатени кон „непријателите на народот“.


Работата на изградба почнува со именувањето: ова е куќа, ова е татковина, ова црно, ова е бело… Именувањето е работа на господата од Власта, државата, утопијата. Гласачот изненаден од општата страст на именувањето, таквиот Означувач како да е уверен себеси а уверени се и’ другите во вистинското постоење на нивната реалност. Ова е црно, ова е бело, ова е право, ова е криво… Само во цврстите координати, во јасно именуваниот свет, не’ сме изгубени, и’ не ни се заканува хаосот и лудилото на останатиот свет – свет на повеќекратни вистини и многузначности на Другиот – затоа што ние сме на почетокот и ни треба ЕДНА ВИСТИНА.


Правата смисла на овие зборови, како што гледате, е да објасни дека пропагандата има видлива и невидлива цел на заведување; „видливата“ цел е прогон и медиумска хајка кон една личност, поединец – „невидливата“ мета е колективот, или она што се нарекува „народ“ кои со воодушевување гледаат кон Власта. Сакам да кажам дека сите оние Разумни, индивидуални сили кои имаат што да кажат во јавниот простор има да се држат во перманентна дифамација, маргинализација. Во тоа е смислата на оваа предеж-пропаганда која прави неверојатни штети на оваа земја за која ни се вели дека треба да чекори во некоја Европска цивилизација. Видете, не кажав „топла вода“, и’ ова не зборува за Режимот и сета камарила ништо ново, оти сите ионака се’ знаат, ама многу зборува за општествената атмосфера во која живееме; политиката на директeн и перманентен „удар“ на Другиот води во перманентна дегенерација. А тоа е во корист на оние,  кои такви „бирачи“ им требаат, а Другите, поинаквите, никогаш ионака не би гласале за нив.  

Leave a Reply

Your email address will not be published.