Лажи ме нежно!

Минатата недела, пред жените-вмровки, премиерот Груевски излезе со оваа весела математика:

„Во последната една година седумнаесет странски инвеститори донесоа одлука и јавно објавија дека ќе инвестираат во Македонија. Покрај нив, осум други компании по изборите до сега објавија одлука дека ќе инвестираат во нашата земја, а две големи компании кои веќе работат во Македонија со претходни инвестиции најавија проширување на капацитетите. Шест компании имаат донесено интерни одлуки да инвестираат во Македонија, но сѐ уште ги немаат објавено.”

 

Наградно прашање: После едно читање на овој параграф, успеавте ли да сфатите за колку странски инвестиции, всушност, станува збор? Седумнаесет плус осум минус две плус шест… Или? Значи, ако во „последната една година” 17 странски инвеститори донеле одлука и јавно објавиле дека ќе инвестираат во Македонија, дали во нив спаѓаат и „осум(те) други компании” кои „по изборите” објавиле инвестиции, бидејќи „по изборите” е во истата „последна година” за која говори премиерот на почетокот од параграфот? Понатаму, од каде знае премиерот дека „шест компании имаат донесено интерни одлуки да инвестираат во Македонија (во истата последна година? – м.з.), но сѐ уште ги немаат објавено”? Да не им седи на состаноците на нивните управни одбори – или и за тоа е уредно информиран секое утро од одредени службеници кои, наваму-натаму, шетаат со лап-топи?

 

Ви помогнав во математиката? Прочитајте го уште еднаш, ве молам, овој дел од излагањето на премиерот… … Еве, сега, да го повторам прашањето: Успеавте ли да сфатите за колку странски инвестиции, всушност, станува збор?

Точниот одговор е: за нула (со бројка: 0) странски инвестиции.

 

Дополнително, пред истиот собир на „подобрите половини” од владејачката партија премиерот соопшти дека од 2006 г. до денеска во слободните индустриски зони биле вработени 11.000 лица, иако неговиот директор на зоните (Виктор Мизо) пред само десетина дена излезе со официјален податок дека тој број изнесува меѓу 3.000-3.500 лица. Мала разлика, од 300 отсто.

 

Бидејќи работите стојат така, г. Ставревски некни најави тендер од сто илјади евра за консултантска фирма која ќе направела „длабинска анализа” – оти „плитките анализи” веќе не помагаат – за состојбата со странски инвестиции во Македонија. Инвестициската „рана” што не може да ја залечи, Владата малку и ќе ја засоли.

 

ОПАШКИТЕ НА КРАВИТЕ НА СУБРАТА

Сите овие имагинативни масивни странски инвестиции за кои пред партискиот матријархат минатата недела говореше нашиот мачо-боксер-премиер ќе се случуваат во светлата иднина, доколку ја имаме таа среќа г. Груевски да ја удоволи општонародната желба тој да остане премиер уште десетина до дваесет години во Македонија.

 

Памтите: како 8-те милијарди ветени евра, најавени од пред две-три години дека само што не стигнале, иако тогаш мислевме дека премиерот говори за инвестиции, а не за задолжување на земјата со кредити… Како десетиците илјади нови работни места што во последните десетина години се најавуваат на секои локални, парламентарни и претседателски избори… Како 20-те илјади субратини крави за кои само за чистењето на изметот ќе требаше да се вработи персонал од стотици луѓе… Како земјоделскиот процут што, додека со години го чекаме да се случи, до сега ја чини државава неколку стотици милиони евра потрошени на станови во Скопје и купени стотина илјади автомобили со враќани километражи од по стотина илјади километри… Како безброј други портокалови ветувања („проекти”) од кои само навистина остварливите – спортски игралишта, нешто чешми и безброј фонтани, по некој двометарски широк меѓуселски пат, стотина разновидни споменици на разни војводи и селски коџабашии и пет-шеесет илјади нови работни места во државната администрација – се исполнија во изминативе девет години.

 

Додуша, некои ветувања и се натфрлија: некој (Малчевски) деновиве излезе со бројки според кои од триесетина факултети во 2006 г., денеска во образованиот модел на г. Груевски функционираат над 110 факултети, а тие произведуваат дипломци, кои, според последните податоци изнесени минатата недела (а, ги цитира Росоклија), имаат најниско ниво на знаење во споредба со студентите од сите други европски земји. Исполнетото ветување дека секој во оваа држава може да има факултетска диплома навистина се оствари. Сега ни со екстерно не може штетата да се поправи. Дипломите можат да си ги закачат на опашките на кравите на Субрата.

 

ЛАЖИ МЕ МНОГУ!

Ветувањата, во принцип, какви и да се, се врзани со желбата за подигнување на мотивацијата. Поголеми ветувања – поголема мотивација. Не џабе се рекло: народот нема да ви прости ако го лажете, освен ако не го лажете многу! Тоа е „милијардата на Циле”, тоа е „по еден вработен во секое семејство” на Бранко, тоа се „осумте милијарди” на Грујо… Но, смислата на политиката е, ако веќе мора да се лаже, лагите да бидат пропорционални на макар и по малку надуените можности, а не на тоа што „на бабата ѝ се снило”. Во принцип, коректорот на таквото лажење би требало да е демократската јавност.

По дефиниција, демократската јавност ја сочинуваат поединци кои во јавната сфера ангажирано расправаат за прашања од општ интерес. Ако некогаш јавната сфера ја сочинувале зачадените џентлменски клубови, литературните салони и градските пазари, денеска местото за ангажирана дебата се медиумите – ако дебатата на медиумите ја нема или ако ја има само на мал дел од медиумите каде таа, заради одбивањето на власта да се појави во соочувањето на аргументите, наликува на „разговор на глуви”, тогаш демократската јавност не функционира како политички коректор на политичарите. Дополнително, кога мнозинството медиуми имаат еден главен уредник – Кабинетот на Премиерот – не само што нема дебата, туку нема ни елементарни вести за кои треба да се дебатира! На пример, за власта, првите студентски протести не се случија, бидејќи за нив не известија провладините медиуми. Следствено, зошто за тоа да се дебатира?!

 

Но, игнорирањето на стварноста не е препорачлива дисциплина во политиката. Лагите, на крајот, сепак си ја гризнуваат сопствената опашка. Како со приказната за странските инвестиции во Македонија: годинава седумнаесет најавиле дека ќе инвестираат, со уште осум по изборите, и двајца ќе прошируваат, а шестмина решиле, ама не кажуваат… Значи, колкумина навистина инвестирале? Никој. Тоа ти е.

 

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.